Може ли Иванов да поништи одлука за аболиција донесена од Црвенковски?

Помилувај, одмилувај, може ли или не, не е важно!. Фото: гугл

 

 

Може ли од законска и правна гледна точка актуелниот претседател Ѓорге Иванов, да повлече помилување донесено од друг претседател од пред 8 години? Не е сосема јасно

 

Пишува: Александра Денковска

 

Постои ли уставна можност, претседателот Ѓорге Иванов да ја укине аболицијата за лидерот на СДСМ, Зоран Заев, за случајот „Глобал“?

Откако Иванов ги укина сите аболиции, дел од провладините медиуми го повикуваат Заев да побара да му биде поништена и оставката за „Глобал“.

Неколку дена по целосното повлекување на аболицијата нема никаква реакција од лидерот на СДСМ кој во моментов е единствениот аболиран политичар и тоа за една од најголемите коруптивни афери во Македонија, ’Глобал“ тешка неверојатни 8 милиони евра. Само едно писмо е потребно да напише лидерот на СДСМ Зоран Заев за да му биде поништена аболицијата за случајот ’Глобал’, пишува порталот „Прес 24“.

Во измените и дополнувањата на Законот за помилување кои ги донесе Собранието, не е точно прецизирано дали Иванов може да ја поништи аболицијата дадена од поранешниот претседател Бранко Црвенковски пред осум години.

Закон за дополнување на Законот за помилување по скратена постапка

Член 11 а

Претседателот на Републиката може во рок од 30 дена од денот на донесувањето на овој закон да го поништи помилувањето дадено без претходна постапка за помилување. Претседателот не е должен да ја образложи одлуката од ставот
Лицето за кое е донесена одлука за помилување има право до претседателот на Републиката да поднесе барање за поништување на одлуката за негово помилување.
Претседателот на Републиката е должен во рок од 30 дена од денот на поднесувањето на барањето од ставот, да ја поништи донесената одлука.

Граѓанските активисти и експертите ги оспоруваа измените на Законот за помилување уште кога беа изгласани.

Според дел од експертите, претседателот ги донесува одлуките за аболиција како институција, а не како индивидуално лице и од таа причина не е спорно Иванов да ја поништи одлуката на Црвенковски.

Други, пак, сметаат дека не може да се поништи одлука од пред осум години. Според професорката Мирјана Најчевска, целиот процес околу Законот за помилување е само продавање магла.

Со укинувањето кое го направи Уставниот суд не се знае кој закон и кои членови важат, а со само тоа се доведуваат во прашање и одлуките на Ѓорге Иванов. Јас сметам дека ако еден поранешен претседател донесе одлука во од никого неоспорена постапка, крајно непринципиелно е да се бара таа да се поништи. Ако така гледаме, сега може да се проблематизираат сите аболиции дадени во изминативе 20 години. Тука не постои никаква, ниту правна, ниту политичка одлука. Мене ми личи дека овој процес е само дигање магла – смета Најчевска.

Професорот Гордан Калајџиев смета дека Иванов не може да ја повлече аболицијата.

Сите знаеме дека тој закон беше донесен наменски за да можат да се повлечат последните помилувања кои ги даде претседателот. Дури и рок му дадоа, бидејќи навистина е некоректно да се одзема нешто што е веќе дадено – смета Калајџиев.

Но, во случај ако Заев сам побара да му биде повлечена аболицијата, тогаш според професорот можеби би превагнале аргументите.

Аргументите како правната сигурност, кои се против повлекувањето на нешто што веќе е дадено, би дошле во втор план, ако Заев сам побара помилувањето да му биде повлечено – вели Калајџиев.

Според политикологот Петар Арсовски, целата забуна која политичарите ја прават околу повлекувањето на аболицијата на Заев за „Глобал“ е само крајно негативна кампања.

На сите им е јасно дека аболицијата нема да биде повлечена и тоа што двете партии го прават е само негативна кампања за собирање на дневно-политички поени. Мислам дека политичарите веќе ги фаќа политичка хистерија во обид на бркање на политички поени, но тие не носат нови гласачи, туку само служат за бодрење на членството – смета Арсовски.

Лидерот на СДСМ, на последната прес-конференција која се одржа во вторникот го повика Иванов ако има уставна можност да ја повлече и аболицијата за „Глобал“.

Неколку пати давам одговор и уште еднаш еве, официјално повикувам. Го повикувам Ѓорге Иванов, ако постои уставна и законска можност, да ја укине аболицијата дадена пред осум години за случајот „Глобал“, тоа веднаш да го направи. Притоа потенцирам, криминалот во „Глобал“ е само во главата на Никола Груевски. Криминалот во „Глобал“ не постои. Тоа е првото јавно-приватно партнерство во Македонија, првиот проект награден за најдобра практика во Македонија и тоа целото ѝ е познато на македонската јавност. Но, уште еднаш, да нема дилема. Ако постои уставна и законска можност, јавно го повикувам Ѓорге Иванов да ја укине аболицијата за случајот „Глобал“ – одговори Заев.

 

ИЗВОРИ:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција