Мрежа 23: Договорот од Пржино не се исполнува целосно и конструктивно

„Реформските коцки“ никако да се наместат. Фото: Wikipedia.org

Мрежа 23, при Институтот за Европска политика од Скопје (ЕПИ), оценува дека е дискутабилно дали има време да се создадат услови за фер и предвремени избори во април годинава, дури и да се забрза со спроведувањето на обврските од договрот од Пржино, при што се констатираат мегативни трендови во повеќет области кои се однесуваат за функционирањето на правото и демократијата

 

Мрежа 23, при Институтот за Европска политика од Скопје (ЕПИ), оценува дека е дискутабилно дали има време да се создадат услови за фер и предвремени избори во април годинава, дури и да се забрза со спроведувањето на обврските од договрот од Пржино, при што се констатираат негативни трендови во повеќето области кои се однесуваат за функционирањето на правото и демократијата

 

Подготвил: Тео Блажевски

 

Во својот последен редовен 15-дневен мониторинг на спроведување на итните реформи во Македонија, групата невладини организации што ги набљудуваат состојбите во земјава опфатени со Поглавјето 23 од пристапниот дијалог со ЕУ, констатираат застои во повеќето од полињата каде треба да се извршат итни реформи, кои произлегуваат, пред сè, од оценките и укажувањата на Европската унија, поточно на последниот извештај на Европската комисија, а земајќи го предвид и политичкиот договор за надминување на кризата, постигнат во јуни минатата година, т.н. Договор од Пржино.

Оттаму, уште на почетокот на мониторингот, мрежата изразува песимизам, наведувајќи го спроведувањето на договорот.

Динамиката на спроведување на политичкиот договор е нарушена. Сé поизразена е тензијата помеѓу политичките партии, учесници во преговорите. Последната средба на работните групи се одржа на 17 декември. Се очекува преговорите да продолжат по новогодишните празници, а најавена е посета и на Комесарот Хан за јануари, 2016 година.

Според овие наоди, изразен е сомнеж дека можат да се создадат услови за организирање фер и предвремени избори, дури и да се надминат недоразбирањата за оние точки од спроведувањето на договорот за кои досега не е постигната согласност.

Дури и да се постигне согласност по преостанатите точки, сериозно се поставува прашањето дали можат да се создадат услови за организирање фер предвремени избори. Суштествено, Договорот не се исполнува „целосно и конструктивно“, како што беше нагласено и во Заклучоците на Советот на министри за општи работи на ЕУ, одржан на 15 декември.

Притоа, се потсетува и на Заклучоците на министрите од ЕУ, кои на својот последен состанок во декември минатата година повикаа „на целосно и конструктивно спроведување на Договорот од сите страни, во согласност со договорената временска рамка и целите, во интерес на државата и нејзините граѓани“, но и на некои последни изјави на високи функционери на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, како што е пратеникот Антонио Милошевски, кој го доведе под прашање работењето на Специјалното јавно обвинителство, оценувајќи го во име на партијата како пристрасно и необјективно.

На крајот од оценката за спроведување на политичкиот дијалог, Мрежа 23 ги наведува зачестените конфликти меѓу претставниците на главната владејачка и на најголемата опозициона партија, кои сега се изразија и преку делувањето во извршната власт на техничките министри и заменици министри во оние ресори кои се опфатени со договорот, при што доаѓа и до изјави за поднесување на кривични пријави образложени со незаконитости во работењето.

 

ВЕНЕЦИЈАНСКАТА КОМИСИЈА ОЦЕНУВА НАПРАЗНО?

Песимистички оценки може да се извлечат и од фактите што се наведуваат во мониторингот и за другите сегменти каде што се неопходни итни реформи, како што е, на пример, правосудството.

Притоа, се набројуваат настаните што се одвиваа во посочениот период во последниот месец од минатата година поврзани со Специјалното јавно обвинителство, со одлуките на надлежниот суд за случајот „Пуч“, со истрагата околу лажните лични карти, со законските предлози на Владата до Собранието, а кои се поврзани со реформите во правосудството, итн.

Меѓутоа, посебно внимание привлекува наведувањате на фактот дека Венецијанската комисија на крајот од декември објави негативни оценки за дел од законските измени за судовите и за намерата да се менува Уставот во таа насока, а само неколку дена подоцна Судскиот совет на РМ продолжи да ги спроведува дел од критикуваните законски решенија, како што е изборот на еден член на т.н. Совет за утврдување на факти.

За мислењето и оценките на т.н. Венецијанска комисија, односно за Европската комисија за демократија низ право, пишуваше и „Вистиномер“. Станува збор за сериозна критика за последните измени на законските решенија кои се однесуваат на оценката на работата на судиите во земјата, при што, дел од тие измени се оценети како решенија со кои се загрозува независноста на судиската работа, т.е. се врши притисок врз судиите.

Мрежа 23 педантно ги набележува негативните трендови и во другите полиња каде се неопходни итни реформски приоритети, како што е работата на Собранието во делот на истражувањето за незаконското следење на комуникациите. Притоа, се констатира дека Анкетната комисија формирана за таа намена „и понатаму е блокирана поради несогласувањата на нејзините членови“.  Но, дека не функционираат ниту другите две постојани комисии во Собранието кои треба да ја следат работата на тајните служби. Станува збор за Комисијата за надзор над работата на Управата за безбедност и контраразузнавање и на Агенцијата за разузнавање и Комисијата за надзор над спроведувањето на посебната истражна мерка следење на комуникациите, кои не одржале седници во мониторираниот период.

 

ИЗБОРНА РЕФОРМА Е НЕИЗВЕСНА

Ништо подобри не се оценките и за спроведувањето на т.н. изборна реформа, која главно е поврзана со новиот состав на Државната изборна комисија и нејзината функционалност и ефикасност во рабоотењето.

Активнoстите на ДИК, пред сé во делот на водење и ажурирање на Избирачкиот список, треба да отпочнат по изборот на генерален секретар и член од редовите на СДСМ, опремувањето со технички персонал и соодветна опрема. Останува неизвесно дали ова тело ќе успее да одговори на предизвиците, со оглед на зголемените ингеренции согласно измените во Изборниот законик.

Воедно, се опишува процесот кој е веќе завршен, околу изброт на генералниот секретар на ДИК, но и кадровското проблематизирање на еден од веќе избраните членови од новиот состав и тоа од редот на опизицијата.

Виолета Дума член на ДИК од СДСМ, по само 12 дена поминати на оваа функција, на 30 декември е разрешена поради исполнување на услови за старосна пензија.

Извештајот завршува со блокираните преговори за реформите во медиумскиот сектор и за оценките на Независниот синдикат на новинарите и на Здружението на новинари на Македонија.

Последна активност околу медиумите, се наведува во извештајот, е практично 17 декември, кога меѓународниот преговарач Питер Ванхауте побара од политичите партии да достават конкретни предлози за реформа во оваа област.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција