„Мрежата“ на Вучиќ на Твитер напаѓала опозиција и твитала вести од „Ало“ и „Информер“

Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу лесно ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борбата против дезинформациите во регионот, односно од Хрватска на север, до Грција на југ.

Повеќе од 43 милиони твитови биле споделени од мрежата Твитер профили што служела како поддршка на српскиот претседател Александар Вучиќ и владејачката Српска напредна партија. Најголемиот број профили од таа мрежа што компанијата Твитер ги отстранила во јануари и февруари се појавиле во средината на 2018 година, пишува српскиот сервис за проверка на фактите Istinomer.rs.

Освен што ретвитнувале објави од официјалниот Твитер профил на Александар Вучиќ, во голем број споделувале и вести на српските весници, портали и телевизија „Информер“, „Пинк“ и „Ало“, но и ја напаѓале опозицијата.

Твитер отстранил 8.558 профили од Србија поради промоција на владејачката странка и нејзиниот лидер и шеф на државата.

„Ваквото однесување ги крши нашите правила и укажува на обиди да се потцени јавната комуникација“, се објаснува во твитот од официјалниот профил кој ги информира корисниците за безбедносни прашања.

Откако ги изгаснал профилите, Твитер ги споделил податоците со Центарот за кибер политики на американскиот универзитет Стенфорд, кој направил детална анализа.

Таа утврдила дека профилите биле користени првенствено за поддршка на Александар Вучиќ и Српската напредна партија, зголемување на достапот на медиумските содржини со врска со Вучиќ, како и за напади на опозицијата.

Од споменатите 8.558 Твитер профили, биле објавени повеќе од 43 милиони твитови, од кои преку 85 отсто биле пресподелување туѓи твитови.

Најголемиот дел од овие „ботови“ се појавиле во средината на 2018 година, пред протестот „1 од 5 милиони“’. Анализата покажала и дека профили што постоеле и во 2009 година, во погореспоменатиот период почнале да твитуваат многу поинтензивно од претходно.

Уште една тактика што се користела е оставањето критички и негативни коментари на опозициските партии и политичари. Така, профилот на Драган Ѓилас бил споменат и коментиран 342.000 пати, вклучувајќи тука и ритвитови, профилот на Сојуз за Србија 310.000 пати, додека профилот на Вук Јеремиќ 235.000 пати.

Istinomer.rs потсетува дека со погоренаведеното се покажува оти одговорот на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на прашањето на новинарката од „KRIK“ во врска со избришаните Твитер профили – „На Твитер не сум, да бидам искрен“ е неточна.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција