мРНК вакцините немаат влијание врз бојата на млекото на мајките доилки

Фото: commons.wikimedia.org

На објавата ѝ недостига контекст, односно важната информација од Упатството на ВАЕРС како да се толкуваат подтоците коишто се објавуваат во системот. Извештаите до ВАЕРС можат доброволно да ги достават сите, вклучително и давателите на здравствени услуги, пациентите или членовите на семејствата. Извештајот за несакан настан до ВАЕРС не е доказ дека вакцината е причина за тоа. Тестирањето на млекото на мајките кои примиле „Фајзер“ или „Mодерна“ вакцина, не открило мРНК во нивното млеко. Синото мајчино млеко обично е знак дека млекото е со малку маснотии, слично како обезмастеното млеко

На објавата ѝ недостига контекст, односно важната информација од Упатството на ВАЕРС како да се толкуваат подтоците коишто се објавуваат во системот. Извештаите до ВАЕРС можат доброволно да ги достават сите, вклучително и давателите на здравствени услуги, пациентите или членовите на семејствата. Извештајот за несакан настан до ВАЕРС не е доказ дека вакцината е причина за тоа. Тестирањето на млекото на мајките кои примиле „Фајзер“ или „Mодерна“ вакцина, не открило мРНК во нивното млеко. Синото мајчино млеко обично е знак дека млекото е со малку маснотии, слично како обезмастеното млеко

 

 

Пост на Фејсбук пласира дезинформации дека на мајки доилки кои се вакцинирале против ковид-19, млекото им станало сино поради вакцината. Постот е придружен со видео на кое се гледаат податоци од системот ВАЕРС во САД. Според видеото, жена од Калифорнија која ја примила вакцината „Фајзер“ во ВАЕРС пријавила дека млекото за доење и ја сменило бојата по имунизацијата, односно дека тоа станало сино.

 

Што е ВАЕРС?

Антиваксерите често ги злоупотребуваат податоците од системот ВАЕРС со цел да наштетат на процесот на имунизација против ковид-19. ВАЕРС е дел од националниот систем за следење на безбедноста на вакцините во САД, кој е раководен од американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) и Администрацијата за храна и лекови (ФДА), кои се грижат на федерално ниво за сите прашања поврзани со спроведување и контрола на здравствените политики и состојби во САД.

Извештаите што може да се видат во видеото под објавата се вистинити и точни. На таа страница навистина може да се најдат сите податоци за пријавени починати, за лица што побарале помош од лекар, за оние кои се соочиле со специфично згрутчување на крв (тромбоцитопенија), за спонтани абортуси, за алергиски реакции и други категории. Но, она што не е наведено во објавата што ја рецензираме, е податкот дека ВАЕРС има и Упатство за толкување на податоците што се објавуваат. Ова Упатство е јасно назначено на првата страница на ВАЕРС сајтот и во него уште на почетокот се наведува:

При проценка на податоците од ВАЕРС, важно е да се напомене дека за кој било пријавен настан, не е воспоставена никаква причина-последична врска. Извештаите за каква било врска помеѓу вакцините и несаканите дејства (можни несакани ефекти) се водат во ВАЕРС. Затоа, ВАЕРС собира податоци за каков било несакан настан по вакцинирањето, било да е тоа случајно или навистина предизвикано од вакцина. Извештајот за несакан настан до ВАЕРС не е документација дека вакцината го предизвикала настанот.

Во посебен дел од Упатството се предупредува да се внимава кога се толкуваат податоците на следните ограничености на системот:

Извештаите на ВАЕРС можат доброволно да ги достават сите, вклучително и давателите на здравствени услуги, пациентите или членовите на семејството. Извештаите се разликуваат по квалитет и комплетност. Тие честопати немаат детали, а понекогаш може да имаат информации што содржат грешки.

 

Вакцината „Фајзер“ не е опасна за мајките доилки

мРНК вакцините не претставуваат никаква опасност за мајките доилки и за бебињата, односно тие не влијаат на квалитетот на млекото.

мРНК вакцините се генетски конструирани РНК нишки кои испраќаат пораки за дел од шилестиот протеин „S“ на вирусот САРС- Ков2 и се инкапсулирани во липидните наночестички. Овие наночестички се микроскопски мешавини во сферична форма на специјализирани масти, холестерол и полиетилен гликол кои ги штитат и доставуваат нишките на мРНК до клетките на примачот по инјектирањето. Откако ќе влезе во клетките на примателот на вакцината, мРНК се ослободува и нејзиниот генетски код се преведува во вирусни S протеини. мРНК не влегува во клеточното јадро и не ја менува ДНК на клетката. Тие протеини се преработуваат во пептиди кои се прикажуваат на клеточната површина, што потоа го стимулира антивирусниот имунолошки одговор. Не постои веродостоен механизам за недопрени, целосни, функционални вирусни S протеини да се дистрибуираат во млекото од мајчината циркулација по имунизацијата. Тестирањето на млекото на мајките кои примиле „Фајзер“ или „Mодерна“ вакцина, не открило мРНК во нивното млеко.

Од што може да се промени бојата на млекото?

На интернет може да се најдат многу написи за тоа што предизвикува промена на бојата кај млекото. Многу мајки изјавуваат дека нивното млеко изгледа сино кога нивното бебе е болно, а повеќето тоа го поврзуваат со антитела. Сепак, нема апсолутно никакви докази дека тоа е така. Поверојатно е млекото понекогаш да изгледа сино кога бебињата се болни поради зголемената содржина на вода во него или зголемен волумен на млекото предизвикана од промената на шемата на хранење на вашето бебе како одговор на нивната болест, наместо поради зголемените антитела.

Кога го пумпате и складирате мајчиното млеко, тоа може малку да се промени. Во фрижидер, мајчиното млеко може да се подели на слоеви. Може да има дебел, бел или жолт кремаст слој одозгора, а потенок јасен или сино обоен слој на дното. Тоа е нормално. Едноставно, кога млекото „седи“, маснотиите се креваат нагоре. Кога ќе бидете подготвени да го користите, само треба да ги измешате слоевите со нежно вртење на шишето. Мајчиното млеко може да ја промени бојата и во замрзнувачот. Замрзнатото мајчино млеко може да изгледа пожолто.

Синото мајчино млеко обично е знак дека млекото е со малку маснотии, слично како обезмастеното млеко, вели д-р Џесика Маден, доктор на науки од Aeroflow Breastpumps, за „Ромпер“.

Од сето ова може да се констатира дека вакцината на „Фајзер“ против ковид-19 е безбедна за мајките доилки и бебињата. Објавата што ја рецензираме дезинформира поради тоа што ја манипулира јавноста со извештаи од системот ВАЕРС. На објавата ѝ недостига контекст т.е. важната информација од Упатството како да се толкуваат бројките од официјалниот редовен извештај на ВАЕРС.

 

 

 

 

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за брзо справување со вакциналните дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Тој е првично објавен во Вистиномер, а e овозможен со поддршка на Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, БТД или нивните партнери.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција