„Мрзливо и манипулативно новинарство“ – известување преку полициски извештаи

„Пишувам приказни по цел ден“. Мрзливо новинарство. Фото: Tony Delgrosso, 2009
„Пишувам приказни по цел ден“. Мрзливо новинарство. Фото: Tony Delgrosso, 2009

Секој што има овластување да употреби сила, секогаш може да се доведе на тенката линија на прекршување на основните човекови права и слободи. Ова, пак, упатува на огромна претпазливост и на условено, ограничено користење на полициски информации во секоја прилика, но особено кога се известува од настани каде има нереди и каде полицијата употребува сила.

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Големо етичко и професионално прашање за современотo новинарство генерално, а посебно и за новинарството во Македонија, е известувањето од настани кое се потпира исклучиво врз официјални извори, а особено кога станува збор за полицијата. Неодамна, нашата јавност и новинарската заедница се соочија со ваков проблем. Станува збор за известувањето на медиумите од настаните во Ѓорче Петров, по убиството на 19 годишното момче. Некои од етичките норми веднаш беа прекршени од дел од медиумите, со тоа што во насловите и во извештаите експресно беа нагласувани фактите дека убиениот е етнички Македонец, а убиецот е етнички Албанец, со што се поткрепи говорот на омраза и се потпомогна ширењето на националната нетрпеливост. Но, една друга етичка и не само етичка норма, исплива на површина: однесувањето на медиумите во околности на масовни нереди и кога полицијата ги проширува овластувањата и спроведува своевидна цензура при известувањето.

Всушност, на површина исплива прашањето како (не) треба да се однесуваат медиумите при известување од настани каде има насилство и нереди, кои притоа (може да) се обременeти и со меѓуетнички односи. Примерите од македонските он-лајн изданија, кои се податливи за дискусија за ова прашање се бројни, но, тука ќе се обидеме преку анализа на даден случај да го отвориме прашањето.

 

Без  балансираност, вистинитоста е првиот паднат стандард

Текстот што го избравме како даден случај е пласиран од агенцијата Нетпрес на 22.05.2014 г. под наслов: „ВИДЕО: Голем дел од демонстрантите во Ѓорче дојдени од страна да прават нереди, утврди МВР“. Сторијата е проблематична од аспект на исполнување на дел од основните стандарди, а во оценка на етичкиот дел е проблематична во насока на третманот на полициските информации од страна на новинарот и редакцијата. Авторот без ограда ги пренесува како апсолутни вистини информациите од полицијата, а користи и неименувани и шпекулативни извори, без тоа да го нагласи, со што самиот се откажува од непристрасноста и балансираноста. Со тоа ја проблематизира објективноста на понудената информација и дополнително ја обременува со коментаторски елементи. Вистинитоста во понудениот текст е доведена во прашање уште со првиот пасус:

„Додека едни од тага, револт излегоа на улица мирно да протестираат поради убиството на осумнаесетгодишниот Ангел Петковски, некои лица тој трагичен момент за жителите на скоспско Ѓорче Петров се обидоа да го злоупотребат за да предизвикаат инциденти, да дојдат во судир со полицијата“.

Овој вовед во текстот, оваа глава на вест е коментаторска со описни елементи и со тврдење, кое за да биде веродостојно, се очекува да биде потврдено од авторот како очевидец – репортер на терен, кој тоа го видел со свои очи. Но, наместо тоа, веќе во следниот пасус, авторот се повикува на тврдење на полицијата.

„Дека одреден број учесници во протестот имаа токму вакви намери говорат полициските информации дека меѓу нив имало некои кои носеле молотови коктели, шипки и разни предмети“.

За волја на вистината, авторот во еден момент користи и друг извор на информација – „неофицијални информации“ и „граѓани кои сакале да останат анонимни“.

„Граѓаните, кои сакаат да останат анонимни, сведочат за разговори и подготовки како да се издејствува судир со полицијата и дека тоа мора да биде направено“.

Ваков приод во конструкција на теза во текст е веќе толку исклиширан во македонското новинарство, што станува банално да се објаснува. Кодексот на новинарите на Македонија, други кодекси и етички правила, школи и факултети за новинарство, укажуваат дека анонимноста е дозволена како крајна форма, но, притоа, новинарот мора да го познава својот извор и да каже зошто изворот или изворите сакале да останат анонимни. Но и покрај тоа, новинарот не е ослободен од обврската тврдењата на изворот или изворите да ги провери што е можно повеќе, т.е. во овој случај да направи обид да најде извор, нека биде и анонимен, од другата страна, т.е. од оние кои се обвинети од неговите први извори. Наместо тоа, во овој случај новинарот ги употребил своите анонимни извори само како поткрепа на изнесените тези во текстот и на поткрепа на тврдењето на официјалниот извор – полицијата. Оттаму, евентуалната недовербата на читателот кон „неофицијалните информации“ и кон „граѓаните кои сакале да останат анонимни“ е разумна и очекувана реакција.

 

Новинарско „делење лекции“ при известување

Она што, исто така, боде очи во овој текст од аспект на стандардите, е делењето лекции од страна на неименуваниот автор. На новинарот не му е забрането да изнесува свое мислење, став, морален суд. Но, тоа е недозволено ако се прави во новинарската форма вест, извештај. Веста, известувањето, подразбира редење на факти изнесени од извори, по редослед кој што го избираат новинарот и уредникот. Кој агол ќе го фатат за да го опишат најсеопфатно можно настанот за кој известуваат, тоа е слободна проценка во зависност од професионалните вештини што ги поседуваат и во зависност од тоа дали се непристрасни при известувањето. Коментарот, анализата, колумната и некои други жанрови и поджанрови, се начините на кои новинарот, уредникот, редакцијата, можат да ги изнесат своите ставови.

Во случајот на овој текст, личните ставовите се мешаат со фактите, па авторот дошол во апсурдна ситуација да расправа со ставовите на политичките партии за дадениот настан и да им дели лекции како требале или не требале да постапуваат.

„И покрај, ова опозицијата застана во одбрана на оние кои дивееја по улиците во Ѓорче, кои уништуваа автмобили, кршеа излози, оштетуваа туѓ приватен имот и предизвикаа страв и вознемиреност кај жителите на населбата“.

На крајот, новинарот изнесува уште еден личен став, со кој уште еднаш ја потврдува својата пристрасност:

Сепак полицијата беше на висина на задачата, недозволи протестите да излезат надвор од контрола, а демонстрантите да стигнат до некоја од блиските населби во кои живее албанско население.

Авторот, кој во овој текст покажува нескриена пристрасност, можел да го постигне истиот ефект со само малку новинарска вештина, а притоа ќе си го зачувал професионалниот дигнитет. Можел да ги употреби зборовите: од полицијата велат дека била на висина на задачата или дури и да додаде – на висина на задачата, за разлика од првиот ден, кога многу дуќани на Албанци во Ѓорче беа запалени.

Дали и колку да се потпрете на полициска информација?

Користењето на официјални извори при известување од настан е неопходно доколку новинарот има намера да постигне што поголема веродостојност. Сосема друго прашање е во која мерка ќе бидат застапени официјалните извори. Дали со една реченица, дали со цела изјава, соопштение, итн. Но, доколку текстот се заснова само или генерално на официјалниот извор, во случајот полицијата, тогаш се проблематизира балансираност и објективноста.

Таков е примерот со известувањето и на неколку други македонски медиуми од настаните во Ѓорче Петров. Дел од печатените медиуми, како што се Дневник на пример, нашле начин како да ја избегнат оваа стапица, па во наднаслов, наслов и поднаслов, дури и во секој пасус, авторот нашол за сходно како да нагласи дека тоа се исклучиво полициски информации. Можеби еден од најдобрите примери за известување и избегнување на стапицата, беше применето во Утрински весник, додека телевизиите на национално ниво, особено оние кои голем дел од јавноста ги оценува како провладини, тотално потфрлија (на пример Канал 5).

Дали и колку новинарот треба да се потпира на официјалните информации од полицијата? Треба да се има предвид дека полицијата, генерално, делува како институција која освен превенција применува и репресија. Секој што има овластување да примени и репресија, да употреби сила, секогаш може да се доведе на тенката линија на прекршување на основните човекови права и слободи. Дали некој е жртва на непотребна употреба на сила, дали полицијата можела и поинаку да делува, дали смеела (не)официјално да забранува снимање на тв камерите или да брише снимки од новинари…? Сите овие прашања упатуваат на огромна претпазливост и на условено, ограничено користење на полициски информации во секоја прилика, но особено кога се известува од настани каде има нереди и каде полицијата употребува сила.

Во спротивност, новинарството се сведува на „мрзливо“, да не се известува од настанот, туку да се чека официјално толкување, а тоа, пак, може да доведе до манипулативно новинарство, со или без намера е сеедно. Еден добар пример како се превенира во такво нешто е утринскиот колегиум на еден дневен весник, за што јавно сведочеше неговиот главен уредник.

Ова прашање, патем, не е само дилема и проблем на голем дел од македонското новинарство, туку и на новинарството и во најразвиените земји во смисла на медиумски слободи и одбрана на правото и обврската на слободно информирање на граѓаните.

На пример, професорот Даглас МекЛеод од Школата за новинарство и масовни комуникации од Универзитетот на Висконсин – Медисон, смета дека потпирањето врз официјални извори при известување од протести носи опасност да се потцени другата страна:

„Одамна постојат докази дека меинстрим медиумите масовно се потпираат врз официјални извори (при известување од протести – н.з.). Употребата на официјални извори им носи често престиж на новинските извештаи…Но, кога официјалните претставници се  предоминантен извор на информации, тогаш извештаите добиваат тенденција да ја раскажат перспективата на силните, на власта и во истовреме да се потцени перспективата на послабите (демонстрантите – н.з.) кои ја предизвикуваат власта.“  – констатира професорот во својата книга Новинарско покривање и општествени протести.

 

„Морално самоубиство на медиумите“

Како пример ќе ги наведеме и случувањата во Велика Британија во масовните немири во 2011 година, кои избувнаа откако полицијата застрела црномуресто момче, за кое потоа лажно тврдеше дека било вооружено. Немирите започнати по овој инцидент во Тотенхем, прераснаа во масовни протести и насилни демонстрации во повеќе градови во земјата, со огромно оштетување на јавни и приватни добра и со огромна употреба на репресивниот апарат на државата во воспоставување на јавниот ред и мир.

Неколку месеци подоцна беше организирана огромна конференција на која преку 150 учесници расправаа за известувањето на медиумите во Британија за време и по нередите. Еден од клучните говорници на конференцијата професорот Гас Џонс од Институтот за образование при Универзитетот во Лондон, известувањето на повеќето медиуми го оцени „едноставно срамно“ и како „морално самоубиство“.

Во публикацијата произлезена од оваа конференција, пак, е цитиран тогашниот претседател на Британскиот новинарски синдикат (NUJ) Донача ДеЛонг, чија оценка може да биде поучна и за постапувањето на новинарите во Македонија:

„Еден од најлошите моменти во известувањето по насилствата беше кога содржината на весниците доаѓаа директно од полицијата“.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција