Најголемите дезинформации за наводната поврзаност меѓу Ковид-19 и 5Г мрежата

Фото: Принтскрин колаж - pixabay.com

Дезинформациите кои се однесуваат на тоа дека 5Г мрежата и пандемијата на коронавирусот се поврзани, не ја заобиколија Македонија, но, сепак, станува збор за дезинформации на глобално ниво, а за повеќето ние сме само „увозник”.  Во овој напис правиме сиже на најприсутните лаги, полувистини или целосни невистини, кои ја убедуваа јавноста дека овие две сосема различни појави на некаков начин се поврзани

 

Пишува: Мирослава Бурнс 

 

Дезинформација број 1: 5Г е причината за пандемијата со коронавирусот

Во видео запис, кој со голема брзина се прошири на социјалните мрежи, ,,холистичкиот лекар” Томас Кован тврди дека вирусите секогаш се појавуваат во време на големи технолошки скокови во комуникациската технологија, односно технологијата базирана на електромагнетни бранови. Неговите тврдења не се базирани на факти. Едно од многуте неточни тврдења кои Кован ги изнесува во виралното видео, кое во меѓувреме е преведено на многу светски јазици, е тоа што го поврзува шпанскиот грип од 1918 година со електромагнетните бранови. Но, тој греши и во годините што ги наведува. Иако убедено тврди дека шпанскиот грип бил поврзан со емитувањето на радискиот сигнал, тоа очигледно не е точно. Радиото во широка комерцијална употреба стапило откако пандемијата со шпанскиот грип веќе била завршена.

Како што јави канадскиот јавен сервис CBC, лиценцата на Кован е под ревизија и можно е да му биде одземена, зашто на пациентка со канцер на дојка без да ја прегледа и препишал лек кој воопшто не бил одобрен од Американската агенција за храна и лекови. Во видеото Кован тврди дека вирусите се едноставно резултат на клетка која била контаминирана, нешто што го демантира Џејсон Киндрачук, еден од најдобрите канадски вирусолози.

 

Дезинформација број 2: Коронавирусот е предизвикан од 5Г за да им се стават микрочипови на луѓето 

Со голема брзина на социјалните мрежи се сподели видео од авторката Ерна Селимовиќ Видеото достигна 700.000 прегледи, а во него оваа личност, која нема никакво медицинско образование или експертиза од областа на телекомуникациите, тврди дека вирусот е лага и дека е обична настинка, иако тој усмрти 165 илјади луѓе на светско ниво.

И да видиме каде за првпат се појавил коронавирусот, во покраината Вухан во Кина, а зошто таму? Зашто таму се поставени првите 5Г антени. Зошто гледавме снимки од луѓе што паѓаа на земја мртви? Затоа што луѓето реагираа на новото ниво на радијација кое се воведе, неточно тврди Селимовиќ.

Taa  ја проширува конспирациската теорија со тоа што наведува дека има некаков глобален план, кој трае десетици години, а според кој луѓето треба да примат чип, како што, наводно, најавил Бил Гејтс во проектот ИД 2020. Но, јасно е дека оваа погрешна интерпретација се должи на крајно погрешно пренесени изјави од Бил Гејтс. 

Ниту, пак ,е точќно дека Вухан, градот во кој започна епидемијата, е оној во кој „се поставени првите 5Г антени“. Првата 5Г мрежа беше поставена во април 2019 година во Јужна Кореја, потоа 5Г мрежа има во избрани градови во САД, додека кинеската 5Г мрежа започна да емитува во октомври лани во 50 кинески градови истовремено меѓу кои Пекинг, Шангај, Шенжен и други.

 

Дезинформација број 3: Кинезите ги уништуваат 5Г антените зашто знаат дека причинуваат симтоми на коронавирус

На Фејсбук се рашири видео материјал во кој се тврди дека Кинезите почнале да ги уништуваат 5Г антените зашто се свесни дека тие причинуваат симптоми на коронавирус. За да се зачини ова лажно тврдење со доза на мистика, се тврди и дека медиумите не ја пренесуваат оваа информација зашто ја кријат. Но, медиумите, всушност, ја пренесоа оваа снимка и тоа во август 2019 година, кога за коронавирусот воопшто не ни стана збор. Еден од медиумите што ја пренесе снимката во август 2019 година беше Ројтерс кој тогаш известуваше за антивладини демонстрации во Хонг Конг. Воопшто неповрзани ниту со 5Г, ниту со коронавирусот.

 

Дезинформација број 4: Забраната за движење во Хрватска се користи за да се постават 5Г антени

Со стари фотографии од базни станици за 2Г, 3Г и 4Г се дезинформира јавноста дека полицискиот час и забраната за движење на граѓаните во Хрватска се користи за да се постават 5Г антени. Во Загреб воопшто не е во тек операција за поставување на 5Г мрежа. Но, на социјалните мрежи веќе наголемо се споделуваат и апели за рушење на ,,5Г репетиторите”, наводно поставени додека сите граѓани се во карантин. Анализата на фотографијата покажува дека е снимена во Виена, а не во Хрватска.

Во Хрватска не е потребно да се воведува 5Г мрежата во тајност, скриено од очите на јавноста зашто процесот на воведување на оваа технологија во Хрватска трае со години и потполно е јавен. Инаку, нема  докази дека оваа технологија е штетна за човековото здравје.

 

Дезинформација број 5: Британија го раскинала договорот за 5Г со кинеската компанија Хуавеи (Huawei) зашто нивните китови за тестирање биле контаминирани со коронавирус. 

Во текст објавен на сајтот „Органајзер“, се тврди дека Британија се повлекла од договорот со кинеската фирма „Хуавеи“, зашто тестовите за коронавирус биле контаминирани. Но, нема никаква врска меѓу Кина, „Хјуавеи“, Британија и 5Г и контаминацијата на тестовите.

Точно е дека во Британија имало мало задоцнување во испораката на китови за тестриање на Ковид 19, поради контаминација. Но, овие тестови биле од компанија со седиште во Луксембург, ,,Еурофин”, а не од „Хуавеи“. Телекомуникациската компанија „Хуавеи“ не произведува китови за тестирање присуство на коронавирус, а Британија продолжува со развојот на 5Г инфраструктурата.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција