На Азманов прво му се гади од корупција, па не му се гади!

Фото: Принтскрин

Изјавата на сопственикот на „Настел“, Зоран Азманов, во која тој вели дека „му се гади од самата помисла на  корупција“ и дека „никогаш не би дал, ниту  помислил да даде поткуп”, е контрадикторна и недоследна со тоа што тој го кажува подолу во интервјуто. Имено,  Азманов вели дека Ивица Конески додека бил градоначалникот на Општина Аеродром, наводно, му побарал пари да го спонзорира кошаркарскиот клуб МЗТ и тој му дал пари за клубот

 

Бизнисменот Зоран Азманов во интервјуто за порталот „Фактор“, меѓу другото, ја даде и следната изјава поврзана со корупцијата, која ја сметаме за недоследна.

Во последно време, имам чувство дека сакаат да не елиминираат нас, односно Настел па и Адора дека наводно ние сме го поткупиле поранешниот градоначалник на Карпош. Сакаат да не елиминираат како фирми поради наводна корупција на градоначалник што тврдам дека нема врска. Не знам за Чифлиганец иако сметам дека и тој сигурно не би поткупил никого. Но за мене со сигурност тврдам дека се гадам од таква помисла. Никогаш не би дал, ниту сум помислил да дадам поткуп…

 [Извор: Фактор датум: 18.02.2019]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Изјавата на сопственикот на „Настел“, Зоран Азманов, во која тој вели дека „му се гади од самата помисла на  корупција“ и дека „никогаш не би дал, ниту  помислил да даде поткуп”, е контрадикторна и недоследна со тоа што тој го кажува подолу во интервјуто. Имено,  Азманов вели дека Ивица Конески додека бил градоначалникот на Општина Аеродром, наводно, му побарал пари да го спонзорира кошаркарскиот клуб МЗТ и тој му дал пари за клубот. Па, така прашан дали има храброст да каже кој сѐ му барал пари и конкретно кои градоначалници, бизнисменот вели:

Градоначалници не ми барале пари. Единствено Ивица Конески ми побара да платам за МЗТ да станам спонзор на клубот. Не за него. Фирмата плати пари, а јас не сум горел од желба да се рекламирам преку МЗТ Скопје за толку висока цена и сето тоа не би го спомнал доколку градоначалникот беше коректен во последните две години од неговиот мандат и не избегнуваше да се сретне со мене иако НАСТЕЛ беше еден од најголемите инвеститори во Општина Аеродром, со изградени 13 згради и платени комуналии од 5 милиони евра, притоа никогаш не сме направиле ниту еден прекршок. А во тоа време ние како компанија ги поставуваме новите значително повисоки стандарди за градење во општината. Како што видовте во извинувањето само ги појаснив работите точно како што биле и го потсетив и новинарот и градоначалникот егзактно како биле работите.

Иако, ваквиот начин на кој Азманов го помогнал клубот, за него  очигледно не е спорен, сепак, ова што го кажува е спротивно со неговото првично тврдење дека „му се гади од самата помисла на  корупција“ и дека „никогаш не би дал, ниту  помислил да даде поткуп”.

Да потсетиме дека  Азманов и пред еден месец, исто така, изјави дека дека во времето на Ивица Конески инвеститорите морале да донираат средства на кошаркарскиот клуб МЗТ, ако сакале да градат во Аеродром. На  21.01.2019 година  Азманов на прес-конференција (свикана по објавата на 1 ТВ дека бизнисменот, наводно,  им се заканувал на новинари со убиство поради најавите за новата емисија „Македонски инсајдер“),  прашан дали е точно  дека градоначалниците од него бараат станови за да добијат дозвола за градба,  одговори:

Од мене ви се колнам во сите деца никој никогаш ништо! Едино Ивица Конески бараше за МЗТ големи суми пари, донации и сме ги плаќале, што да правиме ! Сите кои градеа во Аеродром, сите плаќаа за МЗТ тогаш… 

Наредниот ден во изјава за „Фокус“, Конески негираше дека од инвеститорите барал пари за МЗТ, како услов за да добијат градежна дозвола:

Тоа што Азманов му помогнал на клубот, очигледно не било добронамерно. Штом дал таква изјава, значи дека воопшто не му била целта да помогне во спортот, туку да оствари свој личен интерес, така што ќе ми се доближи мене како тогашен градоначалник. Јас тогаш мислев дека тој тоа добронамерно го прави – вели Коневски за Фокус.

На 04.02.2019 година Азманов по барање на Конески се извини за изјавите за сторена навреда и клевета,  но ги повтори обвинувањата и во детали раскажа за неговата донација на клубот МЗТ:

За да Ви го освежам памтењето, првиот пат кога побаравте донација за клубот, рековте плати колку што сакаш и тогаш по моја проценка уплатив 10.000 евра кои беа уплатени на клубот. Наредниот пат кога ме викнавте во Вашата канцеларија за истата работа однапред ме предупредивте и ми рековте „на тебе рачунам со 100.000 евра за МЗТ“. Тогаш јас бев ставен во непријатна ситуација од Ваша страна, па Ви реков Настел да уплати 50.000 евра, но се најдовме на 60.000 евра после што следеше испраќање на директорот на МЗТ да склучи договор за рекламирање со директорот на Настел. Следната година ме повикавте, и повторно побаравте Настел да плати 60.000,00 евра, па кога Ви кажав дека Настел повеќе нема локации и нема да гради во Општина Аеродром, Вие се налутивте и потоа до крајот на Вашиот мандат повеќе не успеав да остварам средба со Вас, напиша Азманов.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Оливера Војновска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција