На чија страна се очекува да биде медиумот?
Како медиумите на албански јазик известија за резултатите од анкетата за рејтингот на политичките партии, спроведена од страна на агенцијата „Рејтинг“?
Пишува: Аурора Карамети, доктор на информатички и комуникациски науки
На 20 септември 2013 година, телевизијата Алсат-М, стана извор на информација за речиси сите албански медиуми во врска со резултатите од анкетата што ја направи неделникот Фокус, која се однесуваше на рејтингот на политичките партии во Македонија, спроведена од Агенцијата за истражување на јавното мислење, Рејтинг.
АЛСАТ-М
Во вестите на телевизијата Алсат-М и низ интернет-сајтовите на неколку портали и весници, беше пренесена истата вест, повикувајќи се на горенаведената телевизија, со ист текст, некаде скратен или со по некој променет сврзник, но различен наслов, според уредувачката политика на медиумот.
Кога би се обиделе да ги претставиме отстапувањата преку визуелна анализа, преку крива линија на која би биле поставени насловите на веста според ставот на медиумот во однос на оваа вест, од еден медиум до друг би можеле да се забележат значителните разлики во степенот на манипулација во однос на првичниот наслов.
КОХА И ПОРТАЛБ
Почетната точка од која започнува кривата е весникот Коха и порталот Порталб, кои го задржале оригиналниот наслов на веста: „Се стеснува разликата помеѓу власта и опозицијата“. Овој наслов, во основа, ја сочинува веста за оваа анкета, која што покажува дека опаѓа бројот на поддржувачи на партиите на власт, а се зголемува бројот на оние граѓани кои сметаат дека Македонија оди во погрешна насока. Од оваа почетна точка кривата потоа се движи кон наслови каде што со вистината се манипулира.
ЖУРНАЛ
Така, на пример, сосема поинаку звучи насловот на новинската агенција Журнал, кој гласи: „ВМРО и ДУИ на врвот“. Овој наслов му кажува на читателот дека „ништо не е променето од времето кога…“. Во споредба со оригиналниот наслов, овој наслов се поместува на кривата, дури многу јасно е видлива тенденцијата на овој наслов да ја продаде веста како „добра вест“ за Владата. Преку играта на зборови медиумот се обидува да влијае врз читателот кој би ги прочитал само насловите на вестите и не би му обрнал внимание на целиот текст, а, исто така, се обидува да не ја наруши многу довербата на самиот медиум, бидејќи без оглед на сè, во самиот наслов нема никаква невистина! Имено, резултатите од анкетата покажуваат дека овие две партии продолжуваат да водат со мнозинство поддржувачи, но веста не е ова, ако новинарот или уредникот кој го избрал насловот, би се погрижил веста да биде навистина „нов, невообичаен настан, кој што побудува интерес кај читателот и допира во неговиот живот“. Овие две партии се на власт и водат во анкетите веќе неколку години и тоа не претставува вест ниту во Македонија ниту надвор од неа. Веста се прикрива некаде зад играта со зборови во насловот. На кривата на насловите, овој наслов е оддалечен од почетната точка и тоа не малку!
КУРИР
На следното место на кривата на насловите би се нашол насловот на порталот Курир: „ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ја задржуваат довербата на електоратот“. Овој наслов, звучи сосема поинаку и од самата вест. Сега веќе манипулацијата со веста има напреднато до таа мера што не се поигрува само со зборовите, туку и со самата суштина на темата. Резултатите на анкетата му се нудат на читателот под еден, намерно, површински наслов, кој што не соопштува ништо ново и непознато, сѐ цел да не му дозволи да бара причини и да развие предвидувања. Овој обид станува целосен, придружувајќи му на написот и една слика со лидерите на двете партии од владејачката коалиција, со кренати раце, на која што и двајцата изгледаат како да ѝ се радуваат на победата.
ЦЕЛ ДИЈАПАЗОН СПРОТИВСТАВЕНИ ЗАКЛУЧОЦИ ОД ИСТИ ПОДАТОЦИ
Како заклучок, на оваа виртуелна крива на отстапување во однос на објективноста на насловите што му се нудат на читателот од медиумите, јасен е начинот на коj се третираат и вестите и нивните читатели. Има голема разлика во начинот на кој се „пакува“ една иста вест од медиум во медиум. На нашата крива за анализа на насловите тргнавме од точка на која на читателот му се соопштува дека „почнала да се стеснува разликата помеѓу поддржувачите на власта и опозицијата“ за на крај да стигнеме до точката на кривата каде ни се соопштува дека „партиите на власт, ја задржуваат силно довербата на гласачите“!
Поради ваквата ситуација, на обичниот читател, кој е заинтересиран само да ги дознае вестите на денот, без да се мачи со тоа кој медиум која политичка страна ја поддржува, му се наметнува дополнителна потреба да ги прочита со критичко око вестите од повеќе медиуми. Оваа потреба стои наспроти очекувањето самите медиуми да бидат силен професионален филтер за информациите што доаѓаат од најразлични извори. Со исполнување на професионалните стандарди се очекува медиумот да си го штити угледот преку објективност, а обичниот граѓанин да нема потреба да се плаши од манипулации, барем не од медиумите.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар