На Фејсбук воскресна дезинформација од 2015 година

Фото: Школски оброк/pixabay

Според постот, канадски градоначалник упатил навредлив одговор кон родители на деца од муслиманска вероисповед кои наводно барале да се тргне свинкото месо од училишното мени. Постот има редица интеракции кои изразуваат поддршка на одговорот на градоначалникот

 

Пост на Фејсбук споделен во јавната група „Политички постови Република Македонија“ шири дезинформација дека канадски градоначалник упатил навредлив одговор кон родители на деца од муслиманска вероисповед, кои наводно барале да се тргне свинкото месо од училишното мени. Постот има редица интеракции кои изразуваат поддршка на одговорот на градоначалникот.

Објавениот пост е, всушност, превод на пост на бугарски јазик објавен на 12 октомври 2018 година.

 

Во постот се вели:

Родителите на муслиманите побараа отстранување на свинското месо во сите училишни кафетерии во Монтреал и неговото предградие. Градоначалникот на Дорвал, предградие на Монтреал, одбил и испратил белешка до сите родители да објаснат зошто.

′′Муслиманите треба да бидат свесни дека треба да се прилагодат на Канада и Квебек нивните обичаи, традиции и нивниот животен стил.”

′′ Муслиманите треба да сфатат дека треба да се интегрираат и да научат да живеат во Квебек. Треба да го променат својот животен стил, а не Канаѓаните кои толку великодушно ги пречекаа.

′′ Исто како и другите народи, Канаѓаните не се подготвени да се откажат од својот идентитет и својата култура.”

”Конечно, мора да разберат дека во Канада (Квебек), со своите еврејски корени, новогодишни елки, цркви и верски празници, религијата мора да остане лична работа. Општина Дорвал има право да одбие какви било попусти на исламот и шеријатот.

′′ Ако ја напуштивте земјата за Канада, а не за други муслимански земји, тоа е затоа што верувавте дека животот во Канада е подобар од кое било друго место. Нема да дозволиме да ја сведете Канада на ниво на овие 57 земји.

′′ Поставете си го ова прашање – само еднаш :” Зошто е подобро овде во Канада отколку од каде сте дошле? ” ” ”

′′ Трпезаријата со свинското месо на менито е дел од одговорот.”

Ако сте дошле во Канада со идеја дека ќе не замените со вашето плодно ширење и на крајот ќе ја преземете земјата, ќе треба да ги спакувате торбите и да се вратите таму од каде што сте дошле. Немаме место за вас и вашата идеологија.

Ако ја прифатите ситуацијата, останете. Ако не, тогаш подгответе се да заминете.”

Оваа измама, како што пишува Базфид њуз, датира уште од 2014 година. Таа прво се ширела главно преку електронска пошта, но верзиите на оваа сторија редовно се појавуваат на страници за дезинформации кои објавуваат антимуслимански содржини. Веста како неточна ја оценил и сајтот turnbackhoax.id.

Оваа вест била објавувана и на македонски сајтови на 17 и 18 август 2016 година, како, на пример, на Точка, Мрежа, Весник и Република.

Градот Дорвал на 27.01.2015 година на својата официјална веб страница, јавно објави појаснување во врска со „лажните вести“ кои кружат на Интернет.

Веќе неколку недели на социјалните мрежи и преку е-пошти кружат лажни вести за градоначалникот на Дорвал, кој наводно одбил да го следи барањето на родителите муслимани, барајќи од него да го отстрани свинското месо од градските кафетерии во училиштата. Приказната цитира и шпекулативни коментари од градоначалникот во врска со муслиманите.
Градот Дорвал сака да го осуди овој лажен напис и узурпација на идентитетот. Корисниците на Интернет ширум светот ја објавија оваа лажна вест како да е вистинита и градоначалникот би сакал да јасно да нагласи дека ниту тој, ниту кој било претставник на градот, не дале такви коментари.
Иако е тешко да се следи потеклото на оваа измама, нашето истражување нè натера да веруваме дека започнало во Соединетите Американски Држави. Слична измама за градоначалник во Белгија го обиколи интернетот во 2013 година, се вели во реакцијата на градот Дорвал.

Интересно е што оваа приказна се шири и во други верзии, исто така, објавувани пред неколку години. Во тие верзии објавени во 2013 година, градоначалникот е од Белгија и од Австралија и истите се оценети како неточни.

Според тоа, може да се заклучи дека овој пост содржи дезинформација и истата е демантирана уште во 2015 година. Вакви и слични објави можат да предизвикаат етничка и верска нетрпеливост.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција