На Фејсбук се продава лажен лек кој ветува обнова на видот

Фото: Принтскрин ФБ пост

На македонскиот пазар овие капсули се рекламираат со бројни манипулативни и невистинити елементи , при што се тврди дека наводно го обновуваат видот и лечат очни болести без операција. Препаратот го нема во аптеките, само на интернет, каде се продава со попуст од дури 50 отсто, односно намален од 4.800 на 2.400 денари кој за да го добиете треба да пополните формулар на кој се бараат вашите лични податоци. Кога го пребаравме посочениот препарат, кој во рекламниот материјал е претставен како „лек”, во Регистарот на лекови на МАЛМЕД не го пронајдовме што значи дека нема дозвола да биде ставен во продажба

На македонскиот пазар овие капсули се рекламираат со бројни манипулативни и невистинити елементи , при што се тврди дека наводно го обновуваат видот и лечат очни болести без операција. Препаратот го нема во аптеките, само на интернет, каде се продава со попуст од дури 50 отсто, односно намален од 4.800 на 2.400 денари кој за да го добиете треба да пополните формулар на кој се бараат вашите лични податоци. Кога го пребаравме посочениот препарат, кој во рекламниот материјал е претставен како „лек”, во Регистарот на лекови на МАЛМЕД не го пронајдовме што значи дека нема дозвола да биде ставен во продажба

 

 

Објава на социјалната мрежа Фејсбук ги манипулира читателите дека со еден препарат може да ги надминат проблемите со видот без опeрација. Ова е невистина.

Во светот, околу 2,2 милијарди луѓе страдаат од некаков вид на оштетување на видот. Според СЗО, главни се: некорегирани рефрактивни аномалии (миопија, далекувидост или астигматизам) – 43%, катаракта – 33%; глауком – 2%. Но, ние сме апсолутно сигурни дека 80% од сите случаи на оштетување на видот може да се спречат или излечат.
Шпански професор разви иновативна алатка која им овозможува на илјадници луѓе да ги надминат проблемите со видот без операција. Се викаше О-капи.

Доколку сте заинтересирани за производот, оставете го вашиот телефонски број.

Нашите експерти ќе ве повикаат да одговорат на вашите прашања и детално да ве советуваат за производот!, пишува во објавата.

Самата Фејсбук објава не нуди информација како може да се набави овој таканаречен лек ниту пак нуди повеќе информации околу лекот. Но Фејсбук страницата наречена O Caps – Skopje, на којашто се промовира овој препарат е поврзан со веб-страница на којашто се продаваат капсулите кои наводно ќе ви го поправат видот и ќе ви ги излечат очните болести. На веб-страницата се вели дека овие капсули во себе содржат повеќе видови на витамини и минерални, односно се тврди дека на природен начин може да се постигне корекција на видот и лечење на очни болести. Ви звучи премногу добро за да е вистинито? Тогаш е премногу добро за да е вистинито, односно е лага и манипулација за да ви земат пари, а да останете со истите неизлечени здравствени проблеми.

На веб-страната споделена е изјава од наводен доктор офталмолог Василе Крстевски кој е претставен како експерт за реставрација на видот. Интернет пребарувањето на името на наводниот доктор не доведува до никакви резултати. Доколку овој човек беше навистина експерт тогаш неговото име и податоци ќе се појавеа веднаш при пребарувањето на името. Проверивме и кои се членови на Здружението на офталмолози на Република Македонија. Името на Василие Крстевски не се наоѓа на таа листа, иако нели се тврди дека е експерт во оваа област. Пребарувањето на фотографијата прикачена до наводниот Василие Крстевски, не одведе до болница во Санкт Петербург во Русија каде што работи докторот од фотографијата чиешто вистинско име е Смертин Владимир Владимирович кој навистина работи како офталмолог за итни случаи, а не за реставрација на видот.

Понатаму во текстот се тврди дека овој препарат им помогнал на дури 1.763.540 луѓе да си го вратат видот. Огромна бројка, речиси колку цела Македонија. Да беше оваа бројка вистинита, а препаратот навистина функционален, веќе никој на светот немаше да има проблеми со видот или болести на очите!

На сајтот се наведени наводни сведочења од задоволни корисници кои се претставени со македонски имиња. Сето ова е измислица за да се убедат читателите да ги дадат своите пари. Едно од трите сведочења, на наводна Марија, е придружено од фотографија којашто е земена од сајтови за продажба на фотографии.

На македонскиот пазар овие капсули што се рекламираат со бројни манипулативни и невистинити елементи  се продаваат само онлајн. Препаратот го нема во аптеките, само на интернет, каде се продава со попуст од дури 50 отсто, односно намален од 4.800 на 2.400 денари кој за да го добиете треба да пополните формулар на кој се бараат вашите лични податоци.

Кога го пребаравме посочениот препарат, кој во рекламниот материјал е претставен како „лек”, во Регистарот на лекови на МАЛМЕД не го пронајдовме што значи дека нема дозвола да биде ставен во продажба.

Ветувајќи брзо лекување, објавата промовира лек за кој нема научна валидација и може дури и да претставува ризик за нечие здравје. Од клучно значење е да бидете внимателни кога се соочувате со објави и реклами кои продаваат нешто што е предобро за да биде вистинито и да се консултирате со реномирани медицински извори за да добиете точни информации. Нехумано е со вакви измамнички реклами да се лажат пациентите на социјалните мрежи. Непроверени препарати може да ги оттргнат пациентите од редовните прегледи и терапијата, а со тоа да нанесат штетни последици по здравјето на луѓето.

Граѓаните треба внимаваат на елементи кои вклучуваат, на пример, гарантирани брзи или сензационални резултати, тврдења за „магични лекови“ или тајни рецепти, сведоштва од експерти или пациенти, тврдења дека производот е погоден за широк спектар на различни заболувања или за секого, веб-страници без целосни адреси кои нудат контакт само преку е-пошта, агресивен продажен пристап и слични други замки коишто се поставуваат за да се извлечат лични податоци од граѓаните, вклучувајќи податоци од банкарски картички или банкарски сметки.

Поради изнесените факти оваа објава ја оценуваме како невистинита.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција