На фотографијата не е Јана, туку младата Британка Лизи Холмс

Со пребарување на Интернет се открива дека на фотографијата што се шири на Фејсбук воопшто не е Јана, туку Лизи Холмс од Велика Британија. Холмс била во болница по нејзината втора ампутација кога нејзината мајка ја фотографирала 

Со пребарување на Интернет се открива дека на фотографијата што се шири на Фејсбук воопшто не е Јана, туку Лизи Холмс од Велика Британија. Холмс била во болница по нејзината втора ампутација кога нејзината мајка ја фотографирала 

 

Емотивна Фејсбук-објава си подигрува со емоциите на корисниците на социјални мрежи, прикажувајќи фотографија од девојка со ампутирани нозе и преставувајќи ја како Јана.

Здраво јас сум Јана и денес ми е роденден! Колку честитки можам да добијам од вас? Моите пријатели мислат дека никој нема да ја сподели мојата слика затоа што сум хендикепирана ???

Со обично пребарување на Интернет се открива дека на фотографијата воопшто не е Јана туку Лизи Холмс од Велика Британија. Самото име Јана алудира дека девојката е од Македонија, особено затоа што ова е објавено на Фејсбук страница именувана како „Македонија на Македонците“.

Дваесет и тригодишната Британка, Лизи Холмс била во болница по нејзината втора ампутација кога нејзината мајка ја фотографирала и ја испратила фотографијата до агенција за модели, од кадешто ја ангажирале да биде модел. Тоа e приказната за оваа фотографија. На неа не е ниту Јана, ниту ѝ е роденден!

Секој кој ќе ја види оваа објава ќе му предизвика одредена емоција. На сликата е прикажана млада девојка со ампутирани нозе. Згора на тоа, текстот на објавата е тажен, емотивен, сожалителен и предизвикува тој што ќе ја види да остави коментар, да ја лајкне објавата или можеби да ја сподели на својот профил во знак на поддршка на девојката.

Но, прашањето е за што користи таа поддршка и емотивност кога самата девојка не ја бара? Објавата не е нејзина лична. Ниту, пак, оваа Фејсбук страница добила дозвола да користи нејзина лична фотографија за да гради популарност. А, уште помалку добила дозвола да ја претставува со лажно име и да манипулира дека навистина на тој ден и е роденден.

Очигледно вакви работи се објавуваат за да се предизвика сентименталност кај корисниците на социјалните мрежи кои ќе лајкуваат, споделуваат, а со тоа ќе се зголемува и опсегот и публиката на страницата која го објавила овој пост. Потоа, таа публика може да се користи за зголемување на видливоста и на други сензационалистички објави или дезинформации.

Објавата е погрешна по многу основи. Прво, изнесува лажни информации, потоа безобразно и без дозвола користи нечии лични страдања само за добивање на што повеќе кликови и видливост. Прекршени се низа етички норми, при што се манипулира јавноста да поверува во нешто што не е точно.

Сепак, за жал, оваа лажна Фејсбук-објава добива огромно внимание и стана вирална. Над 11.000 допаѓања, 1.000 споделувања и над 6.000 коментари за помалку од една недела. И, сето тоа за лажна приказна.

.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција