На фотографијата не е прикажан Васил Јованов како со нов автомобил го напушта притворот во Шутка

Фото: Принтскрин ФБ пост

На фотографијата не се наоѓа Васил Јованов како „лежерно“ со свој нов автомобил го напушта КПД „Скопје“. Тој е во притвор кој трае 30 дена

На фотографијата не се наоѓа Васил Јованов како „лежерно“ со свој нов автомобил го напушта КПУ Затвор Скопје. Тој е во притвор кој трае 30 дена

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува фотографија од возило пред излезна рампа и пишува:

МОНСТРУМОТ ‘васил јованов’ лежерно со својот нов автомобил го напушта привременото пребивалиште, КПД “СКОПЈЕ” – Скопје, поради лошите и нечовечки услови за живот на каков и да бил по нарав човек!

Веројатноста дека следната негова дестинација е Сани Бич, Касандра, Халкидики во Република Грција, за што сведочи една млада идна и потенцијална жртва на овоа ЧУДОВИШТЕ, бидејќи од неа брзајќи побарал да му ги даде купаќите гаќи од нејзиниот помлад брат, бидејќи возејќи пребрзо и без грам мозок у тоа ЦРПКАТА негова, си ги заборавил дома неговите GUCCI купаќи!!!

НЕМОЈТЕ ЛУЃЕ “СЛУЧАЈНО НА НЕКОЈ ДА МУ СЕ СОНИЛО, А НЕ ПАДНАЛО НА ПАМЕТ ДА ГО ПУШТАТ МОНСТРУМОВ НАДВОР ОД ОВИЕ ЅИДОВИ, КЕ БИДЕ ИСКАСПЕН НА ПАРЧИЊА ОД МАКЕДОНСКИОТ НАРОД!!!

Објавата датира од 1 февруари 2025 година, кога Васил Јованов, осомничен за смртта на младата Фросина Кулакова беше притворен во КПУ Затвор Скопје (затворот во  Шутка) со одреден 30-дневен притвор. Не е вистина дека тој го напуштил притворот туку и понатаму врз него се спроведува оваа мерка. Фотографијата со возило пред рампа, не го илустрира Јованов како го напушта затворот Шутка, како што тврди објавата што ја рецензираме.

Дополнителна потврда дека тој е во притвор претставува тоа што истиот ден (1 февруари 2025 година) во јавноста протекоа фотографии како на осомничениот Јованов му бил даден мобилен телефон во притвор, привилегија која не му следува. Истиот ден директорот на Управата за санкции Александар Пандов посочи дека е почната истрага за да се испита како дошол до мобилниот телефон, и истиот му беше одземен.

Следниот ден (2 февруари 2025) почната беше постапка против еден затворски полицаец. Против Васил Јованов ОЈО Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка поради сомнение за сторено кривично дело – тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик.

Осомничениот 20-годишник, на 29 јануари, како учесник во сообраќајот на јавните патишта, управувал патничко возило „Пежо 207“ сопственост на неговиот татко по десната сообраќајна лента од булеварот „Партизански Одреди“. Меѓутоа, не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај. Автомобилот го управувал без возачка дозвола и под дејство на алкохол со 0,82 промили присуство на алкохол во урина, со што го довел во опасност животот на луѓето. Кога дошол пред обележан пешачки премин на крстосницата со ул.„29-ти Ноември“, не ја приспособил брзината на движење на возилото кон својствата и состојбата на патот и сообраќајот и другите сообраќајни услови за да може навремено да го запре возилото пред секоја пречка.

Пред пешачкиот премин регулиран со семафори кои за време на незгодата работеле исправно, продолжил со движење на вклучено црвено светло на семафорот и со предниот лев дел од возилото удрил во телото на пешакот-жртва Фросина Кулакова, која на обележан пешачки премин ја преминувала коловозната лента. Од ударот таа се здобила со тешки телесни повреди од кои на лице место починала. Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот што беше прифатен и нему му е одреден 30-дневен притвор.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција