На оваа фотографија не е „Мила од Скопје“

На фотографијата е девојка од Русија, а не „Мила од Скопје“ и самото интервју во кое таа зборува за победувањето на болеста и запишувањето на Медицинскиот факултет за да стане доктор и да им помага на другите, е старо, уште од 2023 година

На фотографијата е девојка од Русија, а не „Мила од Скопје“ и самото интервју во кое таа зборува за победувањето на болеста и запишувањето на Медицинскиот факултет за да стане доктор и да им помага на другите, е старо, уште од 2023 година

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Колку лајкови за нашата Мила од Скопје што ја победи најопасната болест! (Ајде сите) #Македонија

Во склоп на објавата се споделува колаж од две фотографии. На првата се наоѓа девојка во бел мантил и маска, а на втората се наоѓа девојка без коса облечена во зелена облека (најверојатно болничка облека) како црта лампиони на прозорците од болница. Надворешниот простор кој се гледа низ прозорецот не наликува на ниедна болница во Северна Македонија наспроти наведеното дека се работело за „Мила од Скопје“. Самиот начин на кој се промовира оваа фотографија со повици за лајкови, сугерира на кликбејт практика. Во таквите објави се злоупотребуваат емоциите на корисниците на социјалните мрежи со цел да се испровоцира емотивна реакција и содржината да доживее висока виралност, односно да се споделува и да има допаѓања.

Но, не се работи за Мила од Скопје, туку се работи за девојка која што се вика Полина Пјанкова од Кемерово Русија. Таа дознала дека има карцином во 7 одделение и за дел од руските медиуми ја раскажала својата приказна односно пребродувањето на болеста, запишувањето на Медицинскиот факултет со цел да стане докторка и да им помага на други луѓе, но и го раскажала целото искуство со лекувањето со сите тешки моменти. Целиот текст со фотографиите од личната архива на девојката таа ги споделила со сајтот NGS42.RU.

Моментално сум во ремисија. Ќе продолжи мониторингот. Треба да си ја проверувам состојбата еднаш годишно. Сега, сум горда да ви го кажам ова зашто искрено горда сум што преживеав така комплексна болест на така мала возраст. Во секој случај ќе кажам дека битката против болеста не е само за докторот, туку е важно и расположението на пациентот. Ако пациентот се предаде, докторот нема да може да направи ништо. Треба секогаш да останете во добро расположение и да верувате дека ќе победите, вели во еден дел од големото интервју Полина Пјанкова.

Двете фотографии кои се искористени во објавата што ја рецензираме, всушност се преземени од сајтот каде е објавено интервјуто на руски јазик и не се од Скопје, ниту се од  „Мила“. Тие потекнуваат од приватната архива на Полина Пјанкова од Русија. Сторијата е објавена на 18 мај 2023 година.

Една од тактиките коишто се користат при кликбејт објавите е да се презентираат истите со географска близина односно да се „приближат“ на читателската публика која што има интеракција со нив. Така, оваа објава иако нема никаква врска со Скопје, во кликбејт објавата се презентира како да е од Северна Македонија, зашто се претпоставува дека интересот на корисниците на социјалните мрежи ќе биде поголем за ситуации и случки коишто се поблиску до нивното место на живеење (критериумот на блискост).

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина. На фотографијата е девојка од Русија а не „Мила од Скопје“ и самото интервју каде таа зборува за победувањето на болеста и запишувањето на Медицинскиот факултет за да стане доктор и да им помага на другите, е старо, уште од 2023 година.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција