На оваа фотографија не е најстарата Македонка, туку жена од Мексико

Објавата што ја рецензираме води кон надворешен линк каде е злоупотребено логото и изгледот на сајтот МКД.МК, на чиј темплејт се презентира една лажна приказна дека оваа жена на фотографијата е најстарата Македонка, дека се вика Илина Динова и дека „таа препорачува точна комбинација на билки за чистење на крвните садови за долг живот“.

Објавата што ја рецензираме води кон надворешен линк каде е злоупотребено логото и изгледот на сајтот МКД.МК, на чиј темплејт се презентира една лажна приказна дека оваа жена на фотографијата е најстарата Македонка, дека се вика Илина Динова и дека „таа препорачува точна комбинација на билки за чистење на крвните садови за долг живот“

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува фотографија од жена и пишува:

Таа планира да живее 150 години! Лекарите уверуваат дека таа ќе успее! Сето тоа благодарение на овој рецепт…

Објавата води до надворешен линк каде со граматички грешки се презентира дека на фотографијата наводно се наоѓа „116 годишен Македонец“ кој промовира рецепт за напиток од кој „треба да се земаат само две лажици дневно“.

Со обратно пребарување на фотографијата во сервисите за проверка на фотографии „Вистиномер“ го пронајде вистинскиот идентитет на жената на фотографијата која не е Македонка, туку е од Мексико и има Јутјуб канал кој е многу популарен и каде споделува информации за рецепти со своите следбеници, а Јутјуб каналот се вика „Од мојот ранч до вашата кујна“. 

Каналот „Од мојот ранч до вашата кујна“ е на жената од Мексико – Анџела, која споделува со јавноста домашни рецепти, каде сите видео материјали се снимени на нејзиниот ранч, лоциран во Мичоакан, Мексико. Жената е позната затоа што со својот Јутјуб канал покажува дека и повозрасните лица можат да ги споделат своите најдобри трикови за рецепти на интернет и да остават наследство за идните генерации.

Објавата што ја рецензираме води кон надворешен линк каде е злоупотребено логото и изгледот на сајтот МКД.МК, на чиј темплејт се презентира една лажна приказна дека оваа жена на фотографијата е најстарата Македонка, дека се вика Илина Динова и дека „таа препорачува точна комбинација на билки за чистење на крвните садови за долг живот“. Во измисленото интервју наведените билки се ерика, листови од бреза, дива арника, див копар, жалфија и софора.

Потоа во манипулативниот маркетинг се препорачува точно определен препарат наречен Hyper Caps, кој наводно ги содржи сите овие состојки. Во измисленото интервју е злоупотребена и фотографијата и името на доктор Никола Пановски, кој е лажно претставен како „кардиолог“. Невистинито се тврди и дека овој препарат го произведува „македонскиот институт за кардиологија“. Во земјава има само Клиника за кардиологија, а не и институт за кардиологија, а доктор Никола Пановски не е кардиолог. Тој повеќепати претходно имаше пријавувано кај надлежните институции дека неговото име и фотографии се злоупотребувани за лажен и манипулативен маркетинг преку кој се пласираат препарати со непознато потекло на граѓаните и се цели да се придобие нивната доверба преку неговата стручност.

Во лажното интервју, исто така, се игра со препознатливата карта на „итност“ која секогаш треба да биде црвен аларм за граѓаните. Имено, во рекламата лажно се тврди дека „институтот за кардиологија ќе обезбеди мала серија на Хипер Капс исклучиво за читателите со поштенска достава во секој регион од земјата без трговски маржи“. Целиот рекламен материјал, освен тоа што злоупотребува идентитети за манипулативно и неетичко рекламирање, исто така има и бројни печатни, граматички грешки.

Вистиномер пронајде слични злоупотреби на фотографијата на жената во објавата и на сајтови на други јазици во светот. Таму жената што во објавата што ја рецензираме се претставува како „Македонка“ е претставена како „Елена Ернандез која промовира препарат за очи“.

Во објавата што ја рецензираме невистинитиот идентитет на жената како „најстарата Македонка“ е злоупотребен за да се измамат граѓаните дека со користење на препаратот што се промовира и тие ќе доживеат длабока старост. Под објавата се презентирани и лажни коментари од наводно задоволни корисници, кои се генерирани компјутерски и не се од реални корисници.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција