На почетокот од втората недела на кампањата – колку трошела јахтата на Филипче?
Крупни прашања за ЕУ и за управување со државата беа предмет на дебати меѓу двете најголеми македонските партии, а помеѓу и прашањата од национално/националистичко/патриотско значење што ги испраќаат ДУИ до ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН и обратно. На почеток од втората недела еден вид „бисер“ што ја разби монотонијата беше пласираната информација од ВМРО-ДПМНЕ, за тоа колку трошел Филипче за „бензин“ на јахтата во Грција
Крупни прашања за ЕУ и за управување со државата беа предмет на дебати меѓу двете најголеми македонските партии, а помеѓу и прашањата од национално/националистичко/патриотско значење што ги испраќаат ДУИ до ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН и обратно. На почеток од втората недела еден вид „бисер“ што ја разби монотонијата беше пласираната информација од ВМРО-ДПМНЕ, за тоа колку трошел Филипче за „бензин“ на јахтата во Грција
Пишува: Теофил Блажевски
После една недела од официјалната кампања за локалните избори во РСМ 2025 година, впечаток е дека големите национални прашања, како што се ЕУ, патриотизмот и национализмот се во фокусот на интересот на медиумите, а тоа го ползуваат и лидерите или некои од главните кандидати, па речиси секој ден има пораки во таа насока на кој било митинг или прес-конференција.
ЕУ и Резолуцијата на СДСМ со „црвените линии“
Лидерот на СДСМ Венко Филипче кој пред официјалниот почеток на кампањата на 25.09.2025 г. ja претстави целата резолуција, уште тогаш изрази очекување за истата да не се расправа за време на кампањата, бидејќи станува збор за локални избори. Но, иако тоа го повтори и во последната порака што може да се пронајде од крајот на првата недела од кампањата, на 04.10.2025 г., тој продолжува да зборува за документот, иако под формата одговор на новинарско прашање:
Станува збор за потврдување на нашите црвени линии, потврдување на нашата заедничка позиција со национален консензус за првпат. Значи не станува збор за уривање туку за зајакнување. Ајде еднаш да сите заедно 120 пратеници како што тоа го прават сите држави вклучувајќи ја и Бугарија коишто имаат сите пратеници заеднички декларации во собранието бугарско за нивните национални интереси, ајде тоа да го направиме ние. Да конечно јасно и сите да потпишеме што е тоа што е наше национален интерес кои се нашите црвени илини и дека за тоа едноставно не преговараме, рече Филипче во Кисела Вода, како што соопшти СДСМ.
Можеби повторното споменување на резолуцијата (иако малку веројатно), била во контекст на одговор на лидерот на партијата на власт ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој исто така речиси и да не пропушти ден во негативен контекст да зборува за споменатата предлог резолуција на СДСМ. Па така, на 03.09.2025 г. тој изјави дека „никој не верува дека СДСМ може да има црвени линии и дека предлогот во документот бил само „уште еден подарок за Бугарија“:
Првата порака кои тие ја испратија на оваа кампања, па и пред тоа, беше изготвениот документ кои тие го нарекоа резолуција на СДСМ со така наречени црвени линии. Зарем некој денеска, во Македонија може да верува дека СДСМ може да биде патриот и да има црвени линии? Но зад тој документ се крие, прво тоа што ги уриваат тешко повратените минимални, но повратени национални и државни позиции кои владата ги направи изминатите 15 месеци. И второ, тие имаат уште еден подарок за нашиот источен сосед, а тој подарок кој е? Вели претседателот на СДСМ вели еве уште еднаш да ја свиткаме кичмата, без да добиеме ништо, нашите во Пиринска Македонија не нè интересираат, посочи Мицкоски од Могила, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Политичка исклучивост – противникот за ништо не го бива
За лидерот на СДСМ Венко Филипче, ВМРО-ДПМНЕ на власт не покажале ништо друго освен неспособност и аргонатност:
Што да се каже за правда и правна држава кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт? За нив тоа е непозната именка, апстрактна уметност… Сам се пофали премиерот дека реформската агенда е „најдобриот документ што го подготвила оваа Влада“, понатаму дека е „инструмент за демократизација на општеството“, понатаму „патоказ за да ја донесе Европа дома“, но со секој изминат ден државата ни е сè подалеку од Европа и од демократија со Мицкоски. Секоја негова изјава е едноставно нова лага, вели Филипче во Охрид на 03.10.2025 г., за на крајот да заклучи:
Наша обврска е да ги спречиме, СДСМ е партијата која може да го направи тоа и јас верувам дека секој еден од вас тоа го знае. Сега ни е потребна мобилизација, потребно ни е единство во вербата дека можеме да се бориме за подобра Македонија – рекол Филипче, соопшти СДСМ.
Истиот ден лидерот на СДСМ и премиер Х.Мицкоски побара од гласачите да не дозволат СДСМ да бидат во влада повторно (иако станува збор за локални избори), зашто секогаш кога биле во влада се правеле историски грешки, како онаа со временото име на земјата (ФИРОМ) или прифаќањето на ултиматумот од Бугарија:
Затоа што, сетете се во минатото, СДСМ кога бил влада во Македонија, секогаш се случувале историски грешки. Вратете се назад од она времено име па се до прифаќањето на бугарскиот ултиматум. Да не дозволиме овие луѓе никогаш повеќе да бидат дел од македонската Влада, а тоа можеме да го направиме и потврдиме овие локални избори на 19 октомври. Ве повикувам масовно да излеземе и да испратиме силна порака како никогаш досега, повика Мицкоски, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Колку трошела јахтата на Филипче/Заев?
Помеѓу овие крупни прашања за ЕУ и за управување со државата кои беа предмет на дебати меѓу двете најголеми македонските партии, како и помеѓу прашањата од национално/националистичко/патриотско значење што ги испраќаат ДУИ до ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН и обратно, на почетокот од втората недела еден вид „бисер“ ја разби монотонијата – тоа беше пласираната информација од ВМРО-ДПМНЕ колку трошел Филипче за „бензин“ на јахтата во Грција.
Да потсетиме, станува збор за надградба на пласирана сторија во медиумите во земјава во средината на август, проследена со фотографија на која се распознаваат ликовите, а беше наведена и точна локација.
Како одговор на тоа што го критикувал Филипче од претходниот ден, за договорт со компанијата ИРД за надзор во Македонски Железници Инфраструктура, од ВМРО ДПМНЕ наведуваат дека Филипче намерно не ја споменал сумата на договорот (околу 55 илјади евра-н.з.), затоа што само „за бензин“ на јахтата за пет дена трошел 45 илјади евра, а ако возел малку побрзо таа сума ќе ја потрошел и за три дена:
…Немајќи што да најдат против актуелната владина гарнитура, СДС и Венко Филипче се фатиле за еден договор во Железници, но не кажуваат колкава е договорената сума. И има за што не ја кажуваат, затоа што 45 илјади евра, колку што е договорот за кој зборуваат, Филипче за јахтата ги троши само за бензин за пет дена. А, ако пак, оди на поголема дестинација или побрзо плови по морските води, тие 45 илјади евра ќе ги потроши за бензин, за приближно три дена – се наведува на почетокот во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Весела математика
Не навлегувајќи во детали што би ги оптовариле читателите, само да напоменеме дека бродските мотори што се вградуваат во јахтите од типот на споменатата, не се на бензин како погонско гориво, туку најчесто се дизел мотори.
Конкретната јахта што е предмет на интерес и на јавноста и на политичките партии, пребарувачот Гугл ја препознава како моторна јахта од производителот Фокус (модел Fokus power 44), која според спецификациите на фабриката може да користи 4 опционални комбинации на по два типа мотори со распон од 380 до 550 кс. Тие се од производителите Волво или Меркјури.
Според спецификациите на најслабиот тип мотори, Волво од 380 к.с. и најсилниот Меркјури од 550 кс., потрошувачката е од 80 до 113 литри на час. Теоретски земено моторите треба да работат непрекинато 5 дена по 24 часа на ден (што е невозможно бидејќи капацитетот на јахтата е 1.000 литри гориво), па сумите пресметани со просек од околу 2 евра за литар дизел да изнесуваат од 19 до 27 илјади по мотор, со што би се дошло до потрошувачка дури и над 45 илјади евра за три до пет дена.
Но, тоа е таа весела математика кога ја пресметува партиската машинерија на политичките противници, фокусирајќи се на ефемерни (ќе бидат значајни само доколку се докаже дека некој купил таква јахта со нелегално стекнати пари) прашања . Вистинските прашања за локалните избори, соочувањето на програмите и проектите, засега се во заднина на интерес на повеќето од медиумите, барем таков е впечатокот од неплатениот дел од вестите на онлајн порталите и телевизиите.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар