На што имаат право барателите на азил додека чекаат одлука?

Бегалци од Сирија и Ирак Фото: Ggia, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Често се шират лажни тврдења за тоа каков вид помош добиваат барателите на азил додека чекаат одлука за нивното барање за престој во Обединетото Кралство. Овие детали можат да бидат искривени со тоа што не се објаснува јасно од каде доаѓа поддршката за барателите на азил или со преувеличување на помошта што ја добиваат.

Често се шират лажни тврдења за тоа каков вид помош добиваат барателите на азил додека чекаат одлука за нивното барање за престој во Обединетото Кралство. Овие детали можат да бидат искривени со тоа што не се објаснува јасно од каде доаѓа поддршката за барателите на азил или преку преувеличување на помошта што ја добиваат, пишува британскиот медиум „Индипендент“

 

Примери во кои добротворна организација донирала производи на ограничен број баратели на азил, на пример мобилни телефони, може да се преувеличат за да се создаде впечаток дека Владата го дава тој производ на секој што ќе побара азил. Ова не секогаш јасно се наведува од страна на лицето што го изнесува тврдењето, па така читателот или слушателот останува сам да извлече заклучок.

Подолу е даден список (иако не е исцрпен) на видовите поддршка на која барателите на азил имаат право од Владата на Обединетото Кралство додека чекаат одлука. Таа вклучува парична помош (вообичаено околу 2.600 фунти годишно за баратели на азил сместени во објекти каде што сами си подготвуваат храна) и сместување, но само во ретки случаи вклучува и мобилни телефони.

Доколку некој тврди дека барателите на азил добиваат нешто од Владата што не е наведено на овој список, таквото тврдење треба да се разгледа со претпазливост. Тоа не значи дека тврдењето е неточно, но треба темелно да се провери пред да се сподели со пошироката јавност.

На пример, ако некој тврди дека Владата му дала „сосема нов iPhone“ на барател на азил, најпрво треба да се постават следниве прашања: како знае дека лицето не го донело телефонот со себе од својата матична земја, како знае дека телефонот го обезбедила Владата, а не добротворна организација или поединец и како знае дека телефонот е нов.

Во продолжение се дадени дополнителни информации за поддршката што барателите на азил можат да ја добиваат додека се разгледува нивното барање за азил.

Од Владата

Главната поддршка за барателите на азил ја обезбедува централната власт. Таа вклучува сместување, храна и мал неделен паричен надоместок што се исплаќа на платежна картичка. Дополнително, достапна е и одредена поддршка од локалните власти. Бидејќи таа се разликува од регион до регион, не може целосно да биде опфатена во овој извештај.

Сместување: На барателите на азил, доколку имаат потреба, им се обезбедува место за живеење. Тоа може да биде стан, куќа, хостел или сместување од типот „ноќевање со појадок“. Тие немаат можност сами да изберат каде ќе бидат сместени.

Трошоци за сместување: Трошоците за сместување можат значително да варираат. Значително поевтино е обезбедувањето на т.н. „дисперзирано сместување“, кое најчесто подразбира самостојно подготвување храна во приватно изнајмени станови или куќи. Според извештај од октомври 2024 година на Независниот главен инспектор за граници и имиграција, ваквиот вид сместување чини околу 20 фунти по лице за ноќевање. Истиот извештај покажува дека просечната цена на сместување во хотел изнесувала 158 фунти по лице за ноќевање во вториот квартал од 2023 година. Хотелите се наменети исклучиво за краткорочно сместување.

Парична поддршка: Износот на паричната помош што барателите на азил ја добиваат од Владата зависи од тоа дали во нивното сместување е обезбедена храна. Ако сместувањето обезбедува храна, тие добиваат 9,95 фунти неделно (517,40 фунти годишно) за секој член на домаќинството. Ако храната не е обезбедена, добиваат 49,18 фунти по лице неделно (2.557,36 фунти годишно). Овој износ се уплаќа на посебна картичка, која може да се користи за подигање пари од банкомат или за плаќање во продавници.

Дополнителна парична поддршка: Барателите на азил кои имаат деца можат да добијат дополнителна финансиска помош. Бремена барателка на азил добива дополнителни 5,25 фунти неделно (273 фунти годишно, или 210 фунти во текот на типична бременост од 40 недели). Ако има бебе помладо од една година, добива дополнителни 9,50 фунти неделно (494 фунти годишно). Ако има дете на возраст од една до три години, исто така добива 5,25 фунти неделно. Тие можат да добијат и еднократна исплата од 300 фунти ако очекуваат бебе за 11 недели или помалку или ако имаат бебе помладо од шест месеци.

Пример: Ако земеме еден релативно екстремен случај со шестчлено семејство кое живее во сместување каде што не е обезбедена храна, а во кое има бремена мајка, татко и деца на возраст од еден месец, една година, две години и три години, семејството би добивало во просек околу 2.861,19 фунти годишно по лице (17.167,16 фунти за целото семејство), со мали варијации зависно од датумите на раѓање на децата.

Здравство и образование: Барателите на азил можат да имаат пристап до здравствените услуги на Националната здравствена служба и имаат право на бесплатни рецепти, стоматолошка нега и очни прегледи, како и на помош при покривање на трошоците за очила. Нивните деца имаат право на бесплатно образование и можат да имаат право на бесплатни оброци во училиште.

Непридружени деца: Ако дете помладо од 18 години пристигне во Обединетото Кралство без своите родители и нема други роднини или старател со кого би можело да живее, тоа станува одговорност на службите за социјална заштита. Начинот на кој им се обезбедува поддршка значително се разликува од поддршката што им се обезбедува на возрасните или на децата кои пристигнуваат заедно со своите родители.

Кога престанува поддршката: Ако на лице без деца помлади од 18 години му се одбие барањето за азил и нема дополнително право на жалба против одлуката, вообичаената поддршка престанува 21 ден подоцна. Сепак, лицето може да има право на друг вид поддршка доколку има тешкотии да го напушти Обединетото Кралство или поради други причини. Ако барањето за азил биде прифатено, поддршката престанува по 28 дена.

Работа: Барателите на азил, по правило, немаат право да работат. Сепак, ако чекаат одлука повеќе од една година, а за тоа не се одговорни самите тие, можат да побараат дозвола за работа. Во најголем број случаи, дозволено им е да прифатат работа само од посебно утврдена листа на занимања. Ако добијат работа со која заработуваат повеќе од 49,18 фунти неделно, нивната парична поддршка од Владата вообичаено престанува. Ако заработуваат помалку од тој износ, поддршката ќе биде намалена, но нема целосно да престане. Тие, исто така, може да бидат обврзани да придонесуваат за трошоците за нивното сместување.

Друга поддршка: Лицата со попреченост или со други „потреби за грижа“ може да имаат право на дополнителна поддршка од локалните власти. Во некои случаи, децата на кои им е потребна помош и нивните семејства, исто така, можат да добијат дополнителна поддршка.

Бесплатна правна помош: Владата може да обезбеди средства за покривање на трошоците за правна помош. Барателите на азил можат да побараат бесплатна правна помош во постапката за азил, доколку ги исполнуваат вообичаените критериуми поврзани со приходите.

Технологија: Поголемиот дел од технологијата што им се обезбедува на барателите на азил, како што се мобилни телефони или лаптопи, не се финансира од парите на даночните обврзници. Повеќе информации за ова може да се прочитаат во делот за невладина поддршка подолу. Во некои случаи, Владата сепак обезбедува телефони кога тоа се смета за неопходно. На пример, во 2021 година, синдикатот на вработените во Граничните сили соопшти дека на новопристигнатите лица им биле доделени 14.000 мобилни телефони, бидејќи поради пандемијата со КОВИД-19 повеќе не можеле безбедно да се спроведуваат проверки лице в лице.

Локални власти: Локалните власти имаат обврска да им помогнат на барателите на азил да се интегрираат во заедницата, но во Англија не постојат насоки за тоа каква конкретно треба да биде оваа поддршка. Барателите на азил имаат право на курсеви по англиски јазик откако ќе чекаат повеќе од шест месеци за одлука по нивното барање. Некои локални власти обезбедуваат поддршка за барателите на азил што го надминува она што е законски задолжително. Тоа може да вклучува попусти за услуги што ги нудат самите локални власти, но и партнерства со приватни компании за обезбедување попусти за баратели на азил и други групи лица со пониски приходи.

На пример, Општината Вандсворт го овозможува користењето на својот систем „Пристап за сите“ за баратели на азил, корисници на социјални надоместоци, деца кои добиваат бесплатни оброци во училиште и лица кои го напуштаат системот на згрижување. Програмата нуди ограничен број бесплатни билети за базен на општината и попуст од 50% за изнајмување електрични велосипеди од приватни компании, меѓу другото.

Од невладини организации

Во Обединетото Кралство постојат бројни приватно финансирани организации кои обезбедуваат поддршка за лицата кои бараат азил. Овие организации можат да понудат различни видови помош. Следниот список не е исцрпен.

Технологија: Лаптопи, телефони и друга опрема понекогаш се обезбедуваат од добротворни организации или невладини тела. Една од нив е „Солидаритек“, која собира донирани уреди и ги обновува за да им ги додели на бегалци или баратели на азил. До мај 2024 година, „Водафон“ донирал повеќе од 45.000 СИМ-картички на Британскиот Црвен крст за дистрибуција до бегалци и баратели на азил.

Договори со локалните власти: Понекогаш приватни компании нудат попусти за баратели на азил. Еден таков пример се компаниите за изнајмување електрични велосипеди кои нудат возења по половична цена во Вандсворт.

Правна помош: Постојат неколку организации кои нудат бесплатна правна помош за барателите на азил. Некои од нив се насочени кон помагање при поднесување жалби против одлуки на Владата во врска со сместувањето и друга официјална поддршка.

Банки за храна: Некои организации им помагаат на барателите на азил преку банки за храна и банки за производи за бебиња.

 

Овој напис е изработен во 2025 година за проектот Prebunking at Scale, со поддршка од Европската мрежа за стандарди во проверката на факти (European Fact-Checking Standards Network).

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција