На ВМРО-ДПМНЕ и на Трајановски не им тргна со подземните сообраќајници

Изградбата на подземната сообраќајница од Комплекс банки до Влада, според ветувањето, би почнала во 2019 година. Фото: Скриншот

Партијата ВМРО-ДПМНЕ на 58. страница од најновата програма со која ја бара довербата на гласачите за изборите в недела (11 декември 2016 година), изнесува и „подгреани“ крупни ветувања што се однесуваат на Скопје, односно на решавање на дел од проблемите со сообраќајот во главниот град

ИЗГРАДБА НА ТРИ ПОДЗЕМНИ СООБРАЌАЈНИЦИ ВО СКОПЈЕ

Заради конечно решавање на сообраќајниот метеж во главниот град и олеснување на сообраќајот за стотици илјади жители на Скопје, ќе изградиме три подземни сообраќајници, и тоа: 1/ од раскрсница кај Народна банка на Република Македонија до Влада на Република Македонија, 2/ крстосница на две нивоа кај ТЦ Мавровска и Судска палата и 3/ подземна сообраќајница кај Јужен булевар. Проектната документација за реализација на овој проект ќе ја изработи Град Скопје. Носители на овој проект се Градот Скопје, Јавното претпријатие за државни  патишта и Владата на Република Македонија.

Буџет: 90-100 милиони евра

Финансирање:

» За проектот од раскрсница кај Народна банка на Република Македонија до Влада на Република Македонија: Влада 50%, ЈП за државни патишта 40% и Град Скопје 10%;

» За проектот крстосница на две нивоа кај ТЦ Мавровка и Судска палата: Влада 50%, ЈП за државни патишта 40% и Град Скопје 10%;

» За проектот подземна сообраќајница кај Јужен булевар: Град Скопје со фазна градба.

» За проектот од раскрсница кај Народна банка на Република Македонија до Влада на Република Македонија – 2019 година почеток на градба;

» За проектот крстосница на две нивоа кај ТЦ Мавровска и Судска палата – 2020 година почеток на градба;

» За проектот подземна сообраќајница кај Јужен булевар – 2019 година почеток на градба.

 

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

Партијата ВМРО-ДПМНЕ на 58. страница од најновата програма со која ја бара довербата на гласачите за изборите в недела (11 декември 2016 година), изнесува и „подгреани“ крупни ветувања што се однесуваат на Скопје, односно на решавање на дел од проблемите со сообраќајот во главниот град.

Овие ветувања за две подземни сообраќајници и за крстосница на две нивоа кај НУБ „Свети Климент Охридски“ предизборно се давани двапати претходно, но досега се главно неисполнети. Покрај тоа, интересно е и тоа што во најновите ветувања роковите за почеток на изградба на овие сообраќајници се прилично далеку отсега, односно крајот на 2019 и 2020 година. Тоа можеби може да се сфати и како очекување дека ќе има проблеми за реализацијата, слични како тие што се појавуваа досега, кои ќе ги опишеме накратко подолу.

Ветувањата се давани во изборните програми на Коце Трајановски, кој како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ во 2009 и 2013 година се бореше за градоначалнички мандат во Скопје и беше победник на изборите. Но, од ветувањата е реализирано многу, многу малку, како што ќе видиме во овој текст. Потврда за тоа е, впрочем, и најновото ветување во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ за изборите на пратеници.

Во изборната програма на Трајановски за изборите во 2009 година (цитирано ветување, на стр. 50), тој ветува изградба на подземна сообраќајница од Партизанска до Комплекс Банки. Тоа го потврдуваат и два архивирани линка до вести, кои се на агрегаторот на вести Тајм.мк.

10. Проект: Подготовка и почеток на изградба на подземен коридор од„Партизанска“ до комплекс банки
РОК: 2013
Опис на проектот: Градот Скопје, заедно со Владата на РМ ќе направи подготовка и ќе почне со изградба на овој значаен коридор, со кој ќе се подобри сообраќајот во градот.
Во програмата на Коце Трајановски за изборите во 2009 година (цитирано ветување, на стр. 49), тој дава ветување и за подземен и надземен дел на новиот булевар „Македонија“, на местото на сегашен Јужен булевар, односно зад ТЦ „Рамстор“.
8. Проек т: Изградба на подземен и надземен сегмент на бул. „Македонија“
РОК: 2012
Опис на проектот: Ќе се направи правна и урбанистичка подготовка, со цел да се создадат услови за изградбата
на оваа делница на булеварот „Македонија“. (зад Т.Ц „Рамстор“)

Во однос на овие две ветувања, распишан е и оглас со траење до 26.02.2010 година, со кој се бараат консултанти, помеѓу другото, и за избор на концесионер за изградба и користење на подземни сообраќајници.

Потоа, гледаме дека се преземени одредени мерки и за двете ветувања, односно во Информативно гласило на Град Скопје бр. 25, на 10 страница читаме дека на 12 март 2012 година е потпишан договор со компанијата „Лимак“од Турција, со кој се предвидува и изградба на подземна сообраќајница кај Јужен булевар. Но, тоа не се реализира во рокот, ниту, пак, во текот на следниот мандат на Трајановски, па го среќаваме како ветување на ВМРО-ДПМНЕ, од програмата за изборите в недела.

На стр. 11 од Информативно гласило на Град Скопје бр. 25, гледаме дека градежниот проект за сообраќајницата и тунелот што ќе се протегаат од раскрсницата на булеварот Илинден со булеварот Гоце Делчев, па под кејот „13 Ноември“ до раскрсницата на булеварите Крсте Мисирков и Кочо Рацин ќе го изработуваат експертите од проектантската куќа ИДОМ, од Шпанија, за што Трајановски потпишал договор.

Инаку, интересна работа за оваа подземна сообраќајница, во контекст на потпишаниот договор со проектантите од Шпанија е тоа што во својата Изборната програма 2011-2015 на ВМРО-ДПМНЕ „Манифест за реформи и развој“ на 75. страница читаме дека е изработена студија и е направен идеен проект, но е потпишан и Меморандум меѓу Владата и Град Скопје за изградба на подземна сообраќајница, а рокот е 2016 година.

…студија за сообраќајниот систем на град Скопје со идејни проекти за сообраќајниците: булевар „СветиКлимент Охридски“ (кај зградата на Владата на РМ) до булеварот „Никола Карев“ („пластичарска улица“) во должинаод 1.050 метри, од кои мост од 180 метри и тунел од 330 метри и подземна сообраќајница од дирекцијата на АДМакедонски пошти до Комплекс банки во должина од 1.500 метри, од кои 900 метри тунел. Со имплементација на стратегијата се очекува конечно олеснување на сообраќајниот метеж во Скопје. Во рамките на овој проект, веќе е потпишан Меморандум за соработка меѓу Владата на РМ и Град Скопје за изградба на подземна сообраќајница од Соборниот храм до Комплексот бнки, во вкупен износ од 30 милиони евра. Во овој износ, Владата ќе учествува со 20 милиони евра, а Градот Скопје со 10 милиони евра. Надлежна институција за спроведување на активностите е Град Скопје во соработка со Министерството за транспорт и врски и Министерството за финансии.

Рок: 2013-2016 година.
На 54. страница од изборната програма на Коце Трајановски за локалните избори во 2013 година, со која тој ја бараше довербата на скопјани за нов градоначалнички мандат, тој повторно ветува подземна сообраќајница од булевар Илинден до Комплекс банки, со краен рок 2017 година.
10. ПРОЕКТ: ИЗГРАДБА НА ПОДЗЕМЕН КОРИДОР ОД БУЛЕВАР „ИЛИНДЕН“ ДО КОМПЛЕКС БАНКИ
Рок: 2013-2017 година
Опис на проектот: Град Скопје, во соработка со Владата на РМ, ќе изгради подземна сообраќајница од комплексот банки до зградата на Владата на Република Македонија.
На двата влеза на подземната сообраќајница ќе се изградат кружни крстосници, а со овој проект значително ќе се реши сообраќајниот метеж во централното градско подрачје.
Вредност: 45 милиони евра.
За оваа сообраќајница Коце Трајановски во интервју од 17 мај 2013 година, инаку зборува како за проект што ќе го одбележи неговиот втор градоначалнички мандат. Ветува дека во 2013 година ќе се работи на подземната сообраќајница под кејот на реката Вардар.
Мојот втор градоначалнички мандат, според моето мислење, ќе го одбележи проектот за изградба на подземната сообраќајница што ќе се протега од Комплексот банки до Мостот Гоце Делчев, под кејот на реката Вардар.
Јавниот повик за избор на изведувач за изградба на оваа сообраќајница е во тек, а крајниот рок за доставување на понудите е 10 јуни.

Според повикот, предмет на изградба ќе биде подземна сообраќајница од булеварот Кузман Јосифовски-Питу со раскрсницата со улицата Никола Карев до булеварот Кочо Рацин, од булеварот Кочо Рацин преку кејот 13 Ноември и раскрсницата со булеварот Илинден и булеварот ВМРО, и трасата на сообраќајниот коридор до булеварот Партизански одреди преку булеварот ВМРО и дел од булеварот Илинден. Подземната сообраќајница треба да биде долга 1.300 метри, од кои 900 метри се под земја, а 400 метри над земја. На овој капитален проект работиме веќе неколку години и тој ќе биде вистинска круна на сообраќајните решенија во Скопје.

Подземната сообраќајница зад ТЦ „Рамстор“ се споменува во изборната програма на Коце Трајановски за изборите во 2013 година, на стр. 55, во која таа се наведува како една од сообраќајниците кои ќе бидат поврзани со новата кружна крстосница на две нивоа на крајот на бул „Кочо Рацин“.
Што се однесува до раскрсницата на две нивоа кај НУБ „Свети Климент Охридски“, односно кај Мавровка, најава читаме на 20 мај 2015. Но, потоа не се наоѓаат вести дека е нешто конкретно преземено за ова ветување.
Најсигурната потврда дека ништо не е исполнето од овие ветувања на Коце Трајановски, како градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, но и на ветувањата од партијата, е секако најновата програма на ВМРО-ДПМНЕ во која повторно „се подгреваат“ старите ветувања. Според тоа, досега овие ветувања се неисполнети, а останува да се види што ќе се преземе. Секако, изгледа дека ВМРО-ДПМНЕ не очекува работите да одат мазно, па роковите што ги дава за реализација се кон крајот на мандатот на Владата која би се формирале после најновите парламентарни избори, а за која се надева дека повторно ќе биде во нејзини раце.

ИЗВОРИ

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција