Националната агенција за европски програми доби директор со антиевропски ставови
Две кривични пријави за говор на омраза, отказ од советничката позиција во Министерството за одбрана, купишта шовинистички објави, коментари и реакции на своите профили на социјалните медиуми. Сето ова е дел од портфолиото на Петар Богојески кој деновиве се здоби со директорска позиција во Националната агенција за европски образовни програми и мобилност
Две кривични пријави за говор на омраза, отказ од советничката позиција во Министерството за одбрана, купишта шовинистички објави, коментари и реакции на своите профили на социјалните медиуми. Сето ова е дел од портфолиото на Петар Богојески, кој деновиве се здоби со директорска позиција во Националната агенција за европски образовни програми и мобилност
Лидерот на малата политичка партија „Македонски концепт“, Петар Богојески минатата недела беше назначен за нов директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност. Оваа агенција, меѓу другите ингеренции, треба да ги промовира вредностите на Европската Унија. Но, доколку ги погледнеме ставовите на новиот директор на агенцијата коишто тој ги споделува на социјалните медиуми, може да се увиди дека тие се сосема спротивни на европските заложби.
Порталб во својата анализа напиша дека Богојески пред три години добил отказ и од функцијата државен советник во Министерството за одбрана поради однесување спротивно на Етичкиот кодекс на вработените во министерството. Во пошироката јавност тој е познат дека неретко користи шовинистички јазик, особено кон албанската, но и кон исламската заедница. Ваквите објави и ставови резултираа со тоа лани (23.08.2024) коалицијата ВЛЕН да поднесе кривична пријава против Богојески поради ширење говор на омраза. Ова не е првата кривична пријава против Богојески за говор на омраза, претходно (мај 2021 година) тој доби кривична пријава од неколку граѓански здруженија.
Меѓу навредите и недоличниот говор што редовно ги користи може да го издвоиме терминот „шиптар“ кога зборува за Албанците, збор кој долго време се смета за навредлив и понижувачки дури и во македонскиот контекст: тука, тука, тука, тука.
Како еден министер шиптар, не се погоди достоен на фунцијата… да се издигне над состојба и да се држи професионално, над партиски, етнички и верски разлики… да се спротивстави на криминал… да сработи ЗА НАРОД… па со задоволство да го наречиме Албанец!
— Petar Bogojeski, PhD 🇲🇰🇺🇳 (@PetarBogojeski) June 10, 2023
Исто така тој ги употребува и термините козари и учка, обраќајќи се на албански државјани. Богојески има и објава што ги комбинира овие навреди, споделена на Х (поранешен Твитер): „шиптар може само коза да е*е! За друго не го бива!“
Како што бележат и од Порталб и од Цивил медиа, со погрдни зборови Богојески ѝ се обрати и на активистката Мерсиха Смаиловиќ:
Глумицо една, јас не сум ти крив што се мразиш себеси и кожата ти српска во која си се родила! Не сум јас крив што си го мразиш племето свое од каде потекнуваш!
Во слична насока, Богојески не пропушта да ги толкува и дневните вести со албанофобни и ксенофобни интерпретации. Пример за ова беше планираното поврзување на Тетово и Призрен со тунел вреден 200 милиони евра, проект којшто и тоа како треба да се критикува заради отсуството на транспарентност. Но, Богојески го интерпретира во негов стил како првиот чекор кон обединување на „Голема Албанија”, а трошокот ќе паднел врз нас, „ѓаурите“.
Сличен е и примерот за наводната наезда на афрички мигранти преку Албанија, заради која Богојески ширеше паника дека треба да се затворат граничните премини и ја претставуваше ситуацијата како ургентна закана, како пред границата да има конвој со илјадници мигранти! Зошто? Затоа што во договор со Рим, Албанија отвори два центра за процесирање на мигранти чија дестинација е Италија. Настрана правните проблеми што се појавија со овие центри, изминатата година биле процесирани едвај 70 луѓе .
Освен ова, Богојески има споделено и дезинформации за наводното бришење на македонскиот јазик. Во тој контекст, на социјалните мрежи објави дека на таблата на полициското одделение во Шуто Оризари отсуствувал текстот на македонски јазик – неточен факт што го проверија колегите на терен со фотографирање на целата табла.
Исто така, Богојески неосновано тврдеше дека Албанците манипулираат со пописите во земјите од Балканот (тука).
Во низата дезинформации кои ги пласираше е и онаа од 3 декември 2023 г., кога уште пред МВР и Јавното обвинителство да излезат со соопштение, тој објави опасна, етнички обоена и провокативна дезинформација во врска со грабнувањето на Вања Ѓорчевска.
Оттаму, не изненадува тоа што Мрежата за заштита од дискриминација реагираше за назначувањето на Богојески како директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, нагласувајќи дека тој преку неговите социјални мрежи има пласирано:
… вознемирувачки говор, навреди, говор на омраза и/или поттикнување на дискриминација, нетолеранција и/или насилство кон следниве заедници: Македонци, Албанци, жени, лица што живеат со ХИВ, неистомисленици по политичка основа.
Од Мрежата споделуваат и еден цел куп на фотографии – скриншот од објавите на Богоевски во коишто користи разни навреди.
За заокружување на целата „слика“ важно е да потсетиме и на барањето на Богојески, односно на неговата мала партија Македонски концепт, за официјално раскинување на Договорот со Бугарија и изготвување нова преговарачка рамка.
И сето ова е дел од портфолиото на новиот директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност. Гледајќи ги само дел од ставовите и изјавите на Богојески може да се увиди дека тие се косат со централните вредности на националната агенција што ќе ја води и програмите што треба да ги промовира. Вредности, како што пишува на самата страница на Еразмус + програмата, како: „еднакви можности и пристап, инклузија, различност и правичност во сите активности.“
Во врска со скандалозниот избор на Богојески за директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, денес (16.04.2025) за Порталб.мк, се огласи Делегацијата на Европската Унија во РСМ. Оттаму велат дека се запознаени со претходните изјави на актуелниот директор во јавноста, но очекуваат Богојески во иднина да се однесува согласно темелните вредности на ЕУ.
Европската комисија ги зема во предвид медиумските известувања во врска со назначувањето на г-дин Петар Богојески за нов директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност во Северна Македонија. Оваа агенција, основана од Министерството за образование и наука, е одговорна за спроведување на програмите „Еразмус+“ и Европскиот корпус за солидарност под индиректно управување во Северна Македонија. Комисијата не беше вклучена во процесот на селекција и номинација на господинот Богојески, а се уште не е официјално информирана, велат од Делегацијата на ЕУ во Скопје за Порталб.мк.
Исто така, потврдија дека се свесни за значителната загриженост во врска со некои негови претходни/поранешни јавни постапки и изјави.
Очекуваме директорот на Националната агенција што раководи со една толку важна програма на ЕУ да ги поддржува основните вредности на ЕУ, кои опфаќаат почитување на човековото достоинство и права, слобода, демократија, еднаквост и владеење на правото. За овие прашања ќе разговараме и со Министерството за образование, соопштија од делегацијата на ЕУ во Скопје.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар