Националната безбедносна стратегија на Трамп не предвидува дека ЕУ нема да постои за некоја година

Shtëpia e Bardhë Foto: Shtëpia e Bardhë, Domen publik, nëpërmjet Wikimedia Commons

Националната безбедносна стратегија на САД од 2025 година, објавена под администрацијата на Доналд Трамп, се однесува на демографски и културни промени, а не на официјална прогноза за исчезнување на Европската Унија како политичка структура.

Не е точно дека во официјалниот документ на Националната безбедносна стратегија на САД стои дека „ЕУ нема да постои за некоја година“, како што тоа го тврди објавата. Ваквото тврдење е преувеличување и погрешно интерпретирање на текстот на стратегијата

 

Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели:

Не е будала Вучиќ да оди на самит на ЕУ за Западен Балкан кога во Националната безбедносна стратегија на Трамп е предвидено дека ЕУ нема да постои за некоја година.

Не е точно дека во официјалниот документ на Националната безбедносна стратегија на САД стои дека „ЕУ нема да постои за некоја година“, како што тоа го тврди објавата. Ваквото тврдење е преувеличување и погрешно интерпретирање на текстот на стратегијата.

Националната безбедносна стратегија на САД од 2025 година, објавена под администрацијата на Доналд Трамп, содржи критика на состојбите во Европа, особено за демографските тенденции и миграцијата. Во документот се вели дека ако сегашните трендови продолжат, Европа може да стане „непрепознатлива“ во рок од околу 20 години. Ова се однесува на демографски и културни промени, а не на официјална прогноза за исчезнување на Европската Унија како политичка структура.

Стратегијата исто така говори за намалена економска и политичка моќ на Европа во споредба со САД и други сили, но не предвидува или тврди дека ЕУ ќе престане да постои.

Во текстот за Европа, од 25 до 27 страница од стратешкиот документ на САД, се наведува:

Американските претставници се навикнаа да размислуваат за европските проблеми во однос на недоволните воени трошоци и економската стагнација. Во ова има вистина, но вистинските проблеми на Европа сè уште подлабоки. Континентална Европа губи дел од глобалниот БДП – од 25 проценти во 1990 година на 14 проценти денес – делумно поради националните и транснационалните регулативи што ја поткопуваат креативноста и трудољубивоста. Но, овој економски пад е засенет од реалната и поостра перспектива за цивилизациско бришење. Поголемите проблеми со кои се соочува Европа вклучуваат активности на Европската Унија и други транснационални тела што ја поткопуваат политичката слобода и суверенитет, миграциски политики што го трансформираат континентот и создаваат конфликти, цензура на слободата на говорот и потиснување на политичката опозиција, паѓање на наталитетот и губење на националните идентитети и самодоверба. Доколку продолжат сегашните трендови, континентот ќе биде непрепознатлив за 20 години или помалку. Како таков, далеку е од очигледно дали одредени европски земји ќе имаат економии и војски доволно силни за да останат сигурни сојузници. Многу од овие нации во моментов го удвојуваат својот сегашен пат. Сакаме Европа да остане европска, да ја врати својата цивилизациска самодоверба и да го напушти својот „неуспешен фокус на регулаторно задушување.

Понатаму, во документот се посочува:

Сепак, Европа останува стратешки и културно витална за Соединетите Американски Држави. Трансатлантската трговија останува еден од столбовите на глобалната економија и на американскиот просперитет. Европските сектори, од производството до технологијата и енергијата, остануваат меѓу најсилните во светот. Европа е дом на најсовремени научни истражувања и водечки светски културни институции. Не само што не можеме да си дозволиме да ја отпишеме Европа – тоа би било самопоразувачко за она што оваа стратегија има за цел да го постигне.

Американската дипломатија треба да продолжи да се залага за вистинска демократија, слобода на изразување и славење на индивидуалниот карактер и историја на европските нации. Америка ги охрабрува своите политички сојузници во Европа да го промовираат ова оживување на духот, а растечкото влијание на патриотските европски партии навистина дава причина за голем оптимизам.

Нашата цел треба да биде да ѝ помогнеме на Европа да ја поправи својата сегашна траекторија. Ќе ни треба силна Европа за да ни помогне успешно да се натпреваруваме и да работи заедно со нас за да спречиме кој било противник да доминира во Европа.

Значи, стратегијата не содржи јасна прогноза дека Европската Унија ќе престане да постои како институција или политички субјект, како што тоа сака да го прикаже објавата што ја анализираме.

Поради тоа, истата ја оценуваме како невистина.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција