Нацисти лажно претставени како предци на европски политичари
Објавениот колаж фотографии не докажува сродност на прикажаните европски политичари со посочените офицери на нацизмот. Само за шефицата на германската дипломатија, Аналена Баербок е точно дека нејзиниот дедо Валдемар Бербок служел во Вермахтот, факт што сепак, е познат со години. За останатите личности посочени во колажот, нема никакви докази за сродство
Објавениот колаж фотографии не докажува сродност на прикажаните европски политичари со посочените офицери на нацизмот. Само за шефицата на германската дипломатија, Аналена Баербок е точно дека нејзиниот дедо Валдемар Бербок служел во Вермахтот, факт што сепак, е познат со години. За останатите личности посочени во колажот, нема никакви докази за сродство
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделуваат фотографии од европски функционери и пишува:
На времето бабами, која ја викав ,,Мајче по деборски”, кога ќе прашаше за некого, викаше ,,чиј си ти мајке”…! Епе еве ги овие од сликичките чии се, кои им се предци. Се тоа фини љуѓе, од наци происход.
Станува збор за дезинформација. Во еден дел од колажот фотографии претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен е прикажана покрај нејзиниот наводен роднина (дедо) Јоаким Адолф Ото Георг Дидрих фон дер Лајен. Но, на фотографијата е прикажан Јоаким фон Рибентроп, министер за надворешни работи на Третиот Рајх, кој беше осуден на смрт во Нирнбершкиот процес. Презимето на претседателката на Европската комисија „фон дер Лајен“ е презимето на нејзиниот сопруг Хајко фон дер Лејен. Родена како Урсула Гертруда Албрехт, таа е ќерка на Ернст Албрехт (1930-2014) и внука на Карл Албрехт ( Карл Едуард Албрехт, 1902-1965). Карл Албрехт, таткото на Ернст и дедото на Урсула фон дер Лајен, бил лекар и психолог кој, според германска новинска агенција , служел како лекар за време на Втората светска војна.
Германскиот министер за здравство Карл Лаутербах, според фотографијата во објавата што ја рецензираме „е внук на Хартман Лаутербахер“. Сепак, презимињата на двајцата мажи се различни и немаат никаква врска меѓу себе. Хартман Лаутербахер бил заменик водач на Хитлеровата младина и Обергруппенфирер. Во интервју на Карл Лаутербах од германскиот таблоид весник TZ, читаме, во врска со неговото детство, дека „ тој пораснал во строг римокатолички дом како син на фармерот за млеко Вилхелм и неговата мајка Гертруд“. Според биографските информации за Хартман Лаутербахер, од статија во Брауншвајгер-Цајтунг дознаваме дека тој имал три деца, Јерг, Илсе и Клаус. Ова не е прв пат да се појави ова конкретно тврдење. Портпаролот на министерот изјави за германската организација за проверка на вести Correctiv дека :
Хартман Лаутербахер не е дедо на сојузниот министер Лаутербах.
Според фотографијата од објавата што ја рецензираме, германскиот канцелар Олаф Шолц „е во сродство со австроунгарскиот офицер Фриц фон Шолц“. Како што пишуваат проверувачите на факти, (fakenews.rs) Дојче Веле добиле одговор од портпаролот на германската влада, кој навел дека;
Станува збор за потполна бесмислица.
Според наводите на германската новинска агенција ДПА, фон Шолц загинал во 1944 година и бил без наследници. Сајтот Geogen покажува дека презимето Шолц е често во Германија и дека така се презиваат повеќе од 31.600 луѓе.
Случајот со Аналена Бaербок, германската министерка за надворешни работи, е единствениот делумно валиден. Сепак, таа никогаш не го криела фактот дека нејзиниот дедо служел во Вермахтот.
Написот на Билд, со наслов „Мојот дедо и нацистите: Она што министерката за надворешни работи не го знаеше за нејзиниот дедо Валдемар“, го коментираше неодамнешното објавување на досието на Вермахт за дедото на Баербок, Валдемар Баербок, во кое тој самиот се нарекува „поддржувач на националсоцијализмот“. Извештајот на Билд предизвика нови гласини за нацистичките корени на министерката за надворешни работи, засилени од проруски профили на социјалните мрежи.
Сепак, како што забележуваат и Билд и други германски медиуми:
Според Федералниот архив, личните досиеја од тоа време „речиси секогаш“ содржат фрази како „цврсто стои на теренот на националсоцијалистичката идеологија“. Според архивата не се невообичаени изјави како „го претставува националсоцијалистичкиот светоглед и знае како да им го пренесе на своите подредени“ или „беспрекорен националсоцијалистички став“.
Баербок е позната по нејзините прогресивни ставови за човековите права, нејзиниот цврст став против Путин и строг став против екстремната десница.
На една од фотографиите од објавата што ја рецензираме прикажан е и полскиот премиер Доналд Туск кој наводно „е во сродство со припадникот на службата за безбедност на нацистите Јозеф Туск“. Оваа дезинформација кружи на интернет од 2005 година кога ја разобличи Дојче Веле и утврди дека дедото на Доналд Туск навистина се викал Јозеф Туск, ама дека не се работи за истиот човек и никогаш не бил член на СС. Портпаролот на Европската народна партија за „Дојче Веле“ потврди дека се работи за дезинформација.
Шефот на либералната партија ФДП, Кристијан Линднер е претставен како внук на генералот Герхард Линднер.
Од неговата партија за „Дојче Веле“ велат дека тврдењето за сродство е лажно. Воените податоци за Герхард Линднер покажуваат дека починал во 1982 година во германскиот град Аурих. А Кристијан Линднер, пак, во својата автобиографија пишува дека како дете се движел во пекарата на неговите дедо и баба, во сосема друг дел од земјата, многу години откако поранешниот нацистички генерал починал. Презимето Линднер исто така е многу застапено во Германија а на сајтот Geogen има над 16.500 лица со ова презиме.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар