Нацистичка пропаганда и манипулации околу гангстерите од еврејско потекло и Холивуд

Фото:CC BY-SA 3.0, Link

Оваа објава тврди дека Евреите се криминогени и презастапени во кривичната статистика, а како „доказ“ за тоа цитира бројки од „документарниот“ филм „Der ewige Jude“, кој е гебелсовска пропаганда, а не научен извор.

Оваа објава тврди дека Евреите се криминогени и презастапени во кривичната статистика, а како „доказ“ за тоа цитира бројки од „документарниот“ филм „Der ewige Jude“, кој е гебелсовска пропаганда, а не научен извор. Објавата набројува и мафијаши од еврејско потекло, но тие осум души не се доказ дека таа статистика од филмот е точна. Холивуд, според објавата, снима филмови само за италијанските мафијаши, додека за еврејските молчи, но и за нив има куп филмови: „Bugsy“, „Casino“, „Once Upon a Time in America“ и др.

 

Рецензираме објава во социјалната мрежа Фејсбук, која вели:

Кога го имаш и контролираш Холивуд, лесно е да го месиш наративот како што сакаш, па ќе испадне дека Коза Ностра биле мали деца за овие. А што филмови изгледавме за италијанската мафија.

Има една ретка снимка од 1932 година и вели…

„Во 1932 година, Евреите, кои сочинуваа само 1% од светската популација, сочинуваа:

– 34% од светските дилери на дрога,

– 47% од грабежите,

– 47% од лажните игри на среќа,

– 82% од меѓународните криминални организации,

– 98% од дилерите на проституција“

Сто години покасно овие проценти се уште повеќе во корист на Хазарите лажните Евреи.

Со ова што го цитиравме се поврзани и други објави: тука и тука, па оваа рецензија ќе важи и за нив, но да се сконцентрираме на објавата со која започнавме. Таа шири дезинформации, антисемитски теории на заговор и говор на омраза, што и порано сме го среќавале кај истиот Фејсбук-профил и што аргументирано сме го побивале.

 

Гебелсовска „статистика“

Таа „статистика“ во објавата треба да нè убеди дека Евреите се презастапени во светскиот криминал, но таа не се темели врз сериозно истражување, туку е од нацистичкиот „документарен“ филм „Вечниот Евреин“ (герм. „Der ewige Jude“) од 1940 г. Тоа е таа „ретка снимка“ за која говори објавата, само погрешно ја датира како да е од 1932 г. Причината за таа грешка е тоа што филмот наведува „статистички податоци“ од 1932 г., но тоа не значи дека тогаш бил снимен.

Нацистите стапиле на власт во 1933 г., а во 1939 г. ја окупирале Полска и најголем дел од филмот е снимен во тамошните еврејски гета. Нацистите ги присилиле Евреите да живеат во тие оградени населби во мизерни услови, а филмот тоа го прикажува небаре тие одбрале така да живеат.

Тие биле присилени и да позираат за филмот, а во него биле уфрлени и инсерти од документарец за стаорци, за да се направи аналогија меѓу нив и Евреите, но тука има и инсерти од играни филмови. Сè во тој филм е манипулација, а за „статистиката“ изнесена во него тој не нуди извор.

Објавата (односно филмот) тврди дека во 1932 г. Евреите биле извршители на 47 отсто од сите грабежи (т.е. ограбувања) низ светот и 47 отсто од сите лажни игри на среќа (или коцкарски измами), но како така се погодило во две различни категории да има ист процент? Ова може се должи на немарностa на филмаџиите, кои веќе и не воделе сметка што зборуваат.

Но, ние нема многу да ја анализираме таа „статистика“ и да докажуваме дека бројките не биле вакви, туку онакви, затоа што во светската наука одамна има консензус дека нацистичката пропагандна машинерија на Јозеф Гебелс сеела лаги и тоа ни е сосема доволен аргумент.

Нацистите не се веродостоен извор, а исклучок од тоа се нивните архиви, кои им биле за интерна употреба и во кои ги бележеле своите злосторства, како оние од концентрационите логори, што науката го истражила и прифатила, за разлика од она што го пласирал Гебелс.

 

Познати гангстери од еврејско потекло како лажен „аргумент“

Како аргумент дека таа „статистика“ е реална, во објавата е споделен и фото-колаж, на кој се претставени американските гангстери од еврејско потекло: Арнолд Ротштајн (1882 – 1928), Мејер Лански (1902 – 1983), Багзи Сигел (1906 – 1947), Абнер Цвилман (1904 – 1959), Луис Бухалтер (1897 – 1944), Дач Шулц (1901 – 1935), Џејкоб Шапиро (1899 – 1947) и Мартин Голдштајн (1905 -1941). Но, фактот дека во криминалот има и Евреи, како што има и припадници на разни етнички и верски групи, не докажува дека Евреите се презастапени во него и дека таа „статистика“ е веродостојна.

И, иронично, Евреи имало и во органите за кривично гонење, полицијата и американските федерални служби, кои се бореле против криминалците од еврејско потекло.

Така, на пример, Евреинот Ал Волф-Волпејпер (1903 – 1998) бил припадник на славниот тим за борба против криминалот наречен Недопирливите (англ. The Untouchables). Славен тандем во таа борба биле и Исидор Ајнштајн-Изи (1880 – 1938) и Моу Смит (1887 – 1960), кои како Евреи лесно се инфилтрирале среде гангстерите со такво потекло. Евреин бил и обвинителот Бартон Туркус (1902 – 1982), заслужен за разбивањето на организираната криминална група Murder Inc., составена од Евреи и Италијанци, па седум нејзини членови добиле смртна казна на електрично столче.

 

Невистини околу Евреите во Холивуд

Личности од еврејско потекло се доста присутни во Холивуд, па објавата шири една теорија на заговор дека тие намерно снимаат филмови кои ги оцрнуваат Италијанците како мафијаши и намерно молчат за оние еврејските, но тоа не е точно, затоа што и за нив се снимени куп филмови.

Тоа се: „Bugsy“, „Casino“, „Once Upon a Time in America“, „Billy Bathgate“, „Hoodlum“, „Mobsters“, „The Cotton Club“, „Portrait of a Mobster“, „Lansky“ и др. Повеќето се јаки холивудски продукции, а само неколку се послаби, т.н. независни продукции или се копродукции со странски земји.

Некои од тие филмови биле номинирани за Оскар и други награди и во сите нив има еврејски гангстери, било како главни, било како споредни ликови, кои ги играат славни актери, па како тоа „Евреите кои го контролираат Холивуд“ дозволиле тоа да мине? Евидентно, кај нив нема пристрасност, па негативците во филмовите можат да бидат и Евреи.

Не е точно дека тие филмаџии шират предрасуди спрема Италијанците. Како што споменавме претходно, еврејските гангстери понекогаш тесно соработувале со оние италијанските (како што тоа го правеле веќе споменатиот Лански и Лаки Лучиано), а тоа е претставено во тие филмови.

Објавата вели и дека „Евреите го контролираат Холивуд“, што создава погрешен впечаток дека тие таму се наметнале како некакви окупатори или узурпатори, кои сакаат да го злоупотребат за ширење на свое влијание или сл., но постои и друго објаснување.

Порано, во САД имало предрасуди кон еврејските имигранти и тие тешко добивале добра работа (правник, лекар и сл.), па некои ја нашле во сценските мјузикли или филмовите, кои тогаш биле новост и биле сметани за несериозна, непрестижна и дури и срамотна работа. Сепак, тие се зафатиле со тоа и постигнале големи успеси. Тие го создале Холивуд, па тие таму не се натрапници.

 

Научно непотврдената Хазарска теорија

Објавата тврди и дека современите Евреи не се оние вистинските, туку дека се потомци на древниот туркијски народ Хазарите, кои само ја примиле еврејската религија јудаизмот и така биле сметани за Евреи само во верска смисла, без да имаат генетска врска со оние оригиналните. Но, таа хипотеза се однесува само на Ашкеназите, а не на сите еврејски субетноси и таа не е научно потврдена.

Земајќи го предвид сето досега наведено, објавата ја оценуваме како невистинита.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција