Над 100 милиони евра во модернизација – резултат, помалку струја!

Новите „коњи“ послабо трчаат од старите. Фото: Wikimapia

 

Во Отчетот на ВМРО ДПМНЕ и Коалицијата од март 2016 г се наведува:

Ревитализација и модернизација на ТЕЦ Битола. Моќноста на термоблоковите е зголемена за вкупно 25 MW и е продолжен животниот век на агрегатите за наредните 25 години. Проектот е вреден 56 милиони евра и е реализиран до есента 2012 година. По завршувањето на првата фаза од процесот на ревитализација и модернизација на турбини, генератори и автоматизација во ТЕЦ Битола, започна со реализација втората фаза од Проектот ревитализација и модернизација на ТЕЦ Битола со намалување на NOx. Вкупната вредност на овој проект изнесува 88,5 милиони евра, од кои 73,5 милиони евра се обезбедени со кредит од германската Дојче банк (Deutsche Bank), а останатите ги обезбеди АД ЕЛЕМ од сопствени средства. Двата блока (3 и 2) се ревитализирани и модернизирани, а за тоа се инвестирани 60 милиони евра. Во наредниот период е предвидено да се инвестира и во модернизација на котелот на ТЕ Битола 1, со што целосно ќе биде заокружен овој сложен зафат. Со овој проект се продолжува животниот век на котлите, додека во исто време се зголемува и нивната ефикасност. Уште позначајно со овој проект е зголемување на флексибилноста на котлите со можност за прифаќање на јаглен со различен квалитет од различни локации. Една од најзначајните придобивки од овој зафат е што емисиите на азотни оксиди се намалени под нивото пропишано во регулативата на ЕУ за заштита на животната средина.

[Извор: Отчетот на ВМРО ДПМНЕ и Коалицијата Датум: март 2016 г]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Во Отчетот за реализацијата на програмата на ВМРО ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија од март 2016 година, на стр.106, во делот за Енергетика, се наведуваат информации за термоблоковите на најголемата електрична централа во Македонија, ТЕ Битола, како и вложените пари и за постигнатите ефекти, кои во најголем дел формално се вистина, но де факто, не се вистина.

Во Отчетот се почнува со ревитализацијата на термоблоковите завршена во 2012 година за која се пишува дека се вложени 56 милиони евра, со што моќноста на термоблоковите е подигната за вкупни 25 мегавати, при што е продолжен и животниот век за уште 25 години. Со тоа била завршена Првата фаза и се започнало со втората фаза во која биле вложени досега 60 милиони евра при што се модернизирани котлите во третиот и вториот блок и во наредната година ќе се модеррнизирал првиот блок, со што ќе се заокружел овој сложен зафат.

Сето ова дотука е горе-долу точно, од информациите кои ги проверивме и со кои располагаме. Но, клучот за оценка на точноста на оваа информација се наоѓа вo претпоследната реченица:

Со овој проект се продолжува животниот век на котлите, додека во исто време се зголемува и нивната ефикасност

Животнито век на котлите, турбините, генерално на термоблоковите веројатно е продолжен, како што е тоа нормално кога нешто ревитализирате. Истовремено, не се сомневаме ниту во податокот дека е намалено загадувањето со азотни оксиди (без оглед на честите расипувања на мерните станици на Министерството за заштита на животната средина во Битола, како и на протестите на лоалните еколошки организации и активисти).

 

ЖИВОТНИОТ ВЕК ПРОДОЛЖЕН – ПРОИЗВОДСТВОТО НАМАЛЕНО

Но она што е клучно е тврдењето за зголемена ефикасност, кое едноставно е неточно. Според показателите, кои се јавни и достапни секому, денес, ТЕ Битола, после 5-6 години ревитализација и реконструкција и после 116 милиони евра кои биле вложени во тој процес, од година в година произведува се помало количество електрична енергија.

Ние најпрво тргнавме од официјалната станица на АД ЕЛЕМ, фирма во чија надлежност и формална сопственост е ТЕЦ Битола, најголемиот производител на електрична енергија во Македонија, кој обезбедува во принцип 2/3 од вкупно произведената домашна енергија.

Таму се наведуваат мноштво информации, па дури и за потрошениот јаглен по термоблокови во последните четири години, но никаде не се наведува вкупното производство електрична енергија. Стои само една невистинита информациија дека станувал збор за „пперманентн големо производство“, па се вели: Ова го потврдува и постојаното натфрлување на годишните производствени биланси.

Онаму каде можат да се најдат многу поверодостојни информации се годишните извештаи на Регулаторната комисија за енергетика, која во делот на електричната енергија ги наведува билансите за домашно произведената енергија и енергијата од увоз, при што се гледа и учеството на термоцентралите во тоа производство.

На страница 26 од Извештајот за 2014 година на РКЕ точно се гледа колку енергија произвел ЕЛЕМ вкупно и како таа опаѓа од 2012, па во 2013, па во 2014 година, за одд 5,3 теравати во 2012 да падне производствот на 4,5 теравати. Притоа, во табелата јасно се гледа од каде доаѓа најголемиот пад – ТЕЦ Битола и ТЕЦ Осломеј.

Во 2012 година овој енергетски џин произвел  3.971.004.557  kWh (околу 4 милијарди киловат часови, во 2013 производството опаднало на 3.572.617.182 kWh (околу 3,6 милијарди киловат часови), додека во 2014 на само 3.316.825.057 kWh (околу 3,3 милијарди киловат часови). Опаѓањето на производството во 2014 во однос на 2012 е 16, 7 проценти:

FireShot Screen Capture #105 - '' - www_erc_org_mk_odluki_2015_05_15_Godisen izvestaj za rabota na Regulatornata komisija za energetika na RM za 2014
Табела1: Намалено производство за околу 17% во период 2012-2014. Извор: РКЕ

 

МОЌНОСТ ЗГОЛЕМЕНА – РЕЗУЛТАТОТ НАМАЛЕН

Ако се чиитаат извештаите на ЕЛЕМ и тврдењата од Отчетот, произлегува дека опаѓањето на производството се случува токму кога е завршена првата фаза – зголемена моќност на блоковите во просек со над 8 MW и вкупно инсталирана моќност нешто под 700 MW од дотогаш постоечките околу 670 MW.(Мегавати).

Во анализите на бројките одевме и понатаму. Еве како изгледало производствот на електрична енергија пред ревитализацијата, а податоците се од годишните извештаи на Регулаторната комисија за енергетика за 2011, за 2010 и за 2009 година.

Во 2011 година, ТЕЦ произвеле 4.188.887,953 kWh, што било за околу 11 проценти повеќе во 2010, кога производството инзесувало 3.69.900, 468 kWh. Но, во 2009 година, производството од ТЕЦ Битола изнесувало 4.197.139, 088 kWh.

И сега може да се погледне производството за 2007 и за 2008 година. Во 2007 година тоа прозиводство на електрична енергија само од блоковите на ТЕ Битола изнесувало  4.166.566.965 kWh, додека во наредната 2008 година, од денешна перпектива „фантастични“, 4.215.901.068 kWh. Oва, да повтоориме е пред ревитализацијата и со помалку инсталирана моќност во блоковите.

 

РЕКОРДОТ ПОСТИГНАТ ВО 2005 СО НЕМОДЕРНИЗИРАНИ БЛОКОВИ

Апсолутниот рекорд во производството ТЕ Битола го има постигнато точно пред 10 години. Од Извештајот за работењето на РКЕ во2006 година, се гледа дека електраните во Битола во 2005 година произвеле, овој пат навистина фантастични за денешнатта состојба 4,6 милијарди киловат часови или поточно 4.599.233.960 kWh.

При ова изнесување на бројки, заради коректност и објективност, проверивме дали намаленото производство евентуално зависело од намалена потрошувачка на пазарот. Сознанијата, повторно извлечени од РКЕ, овој пат од нивниот извештај за 2014 година, покажуваат дека нема битна поврзаност. Имено, согледувањата на потрошубачката на индустриските потрошувачи и домаќинствата во период од 2012, 2013 и 2014 година укажуваат на намалена потрочувачка од 3,6 отсто во последната 2014 година споредено со 2012 г., додека производството на ТЕЦ во истиот период опаднало за околу 17 отсто.

И конечно, извештај за ланската 2015 година го потврду трендот на намалено производство од пред ревитлизацијата, иако опаѓањето е запрено. Овој пат како извор ни послужи МЕПСО, компанијата за пренос на електрична енергија, бидејќи извештајот на Регулаторот за минатата година се уште не е јавно достапен на нивната страница. Станува збор за диспечерски извештај на МЕПСО за декември 2015 година, но од него се гледаат и кумулативните бројки за целата година.

Според овој документ минатата 2015 година ТЕ Битола произвела 3.394, 6 милијарди киловат часови. Уште да напоменеме дека опаѓањето на производството на АД ЕЛЕМ не се однесува само на ТЕЦ Битола. Од истиот документ може да се види дека вкупниот биланс за пренос што го очекувал МЕПСО од АД ЕЛЕМ од домашно производство од термоцентралите е помал од произведениот, додека натфрлање има само кај хидроцентралите. Притоа треба да се има предвид и дека ТЕ Неготино со години не се вклучува во погон, иако е трета по моќност централа во државата, поради скапото производство дизајнирано да се користи мазутот како погонско гориво.

Табела 1: Намалено производство во ТЕ Битола за 17 % за период 2012-2014. Извор: РКЕ
Табела2: Трендот продолжува иако кај ТЕЦ Битола опаѓањето е запрено во 2015. Извор: МЕПСО

 

Поради сите горенаведени статистички показатели од релевантни институции во државата, можеме да констатираме дека тврдењето наведено во Отчетот на ВМРО ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија од 2016 годин, во однос на ТЕ Битола, е вистинито во делот на вложените пари и намалувањето на загадувањето со азотни оксиди, но е невистинито во делот за поголемата ефикасност. Оттука, во најмал рака ова остварување може да се оцени како недоследно.

 

ИЗВОРИ:

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар