Надвор од контекст се споредува Левица со партии во Молдавија кои имаа забрана да учествуваат на изборите

Фото: Sasha Pleshco on Unsplash

Забраната на овие партии во изборната трка на Молдавија нема врска со „претставници на европската супер-демократија“, туку доаѓаат од внатрешни институции на самата држава Молдавија која не е членка на ЕУ иако има статус на земја кандидат за членство. На партијата „Левица“, пак, не ѝ е забрането учество на претстојните локални избори, туку ѝ е оневозможено платено политичко рекламирање, откако АВМУ едногласно го усвои упатството за радиодифузерите за локалните избори 2025 година

Забраната на овие партии во изборната трка на Молдавија нема врска со „претставници на европската супер-демократија“, туку доаѓаат од внатрешни институции на самата држава Молдавија која не е членка на ЕУ иако има статус на земја кандидат за членство. На партијата „Левица“, пак, не ѝ е забрането учество на претстојните локални избори, туку ѝ е оневозможено платено политичко рекламирање, откако АВМУ едногласно го усвои упатството за радиодифузерите за локалните избори 2025 година

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Европската демократија, претставниците на европската супер демократија и изборите во Молдавија.
Она што се случуваше во минатото со Георгеску, денес се случува во Молдавија, каде 48 часа пред изборите се забранија 2.
А се случува и во Македонија, каде на престојните локални избори на парламентарната партија Левица и е забрането платено платено политичко рекламирање.
Ако не сте со западната евроатлантска штаболоботомирана демонкратија, тогаш не можете да учествувате на изборите.

Во објавата се пропушта контекстот, затоа што наспроти она што се случи во Молдавија, каде Изборната комисија на Молдавија им забрани на две проруски партии да учествуваат на парламентарните избори, во Северна Македонија на партијата Левица не е ѝ е забрането да учествува на изборите.

Партиите во Молдавија на кои им беше забрането да учествуваат на изборите се „ Срцето на Молдавија “ и „Партијата за голема Молдавија“ . Тие се соочуваат со обвиненија за нелегално финансирање и поткуп на гласачи, извести „Асошиејтед Прес“.

Партиите на кои не им е дозволено да учествуваат на изборите „Срцето на Молдавија“ и „Партијата за голема Молдавија“, се соочуваат со обвиненија за нелегално финансирање и поткуп на гласачи. Изборната комисија на Молдавија презема акција за „Срцето на Молдавија“ поради судска одлука донесена од Апелациониот суд во Кишнев кој забрани политичката партија да има активности во времетраење од 12 месеци. Министерството за Молдавија побара рестрикции за „Срцето на Молдавија“ откако претходно беа спроведени претреси на партиските членови кои укажуваат на поткупување гласачи, нелегално финансирање на партиите.

Централната изборна комисија на Молдавија објасни дека ја исклучува и партијата „Партија за голема Молдавија“ (Moldova Mare) од изборната трка поради нелегално финансирање, непријавени средства од странство, купување гласови и учество во „камуфлиран изборен блок“ поврзана со политичката партија која е прогласена за неуставна.

Лидерката на „Партијата за голема Молдавија“ Викторија Фортуна беше санкционирана од ЕУ во јули поради примање значителна поддршка од прорускиот избеган олигарх Илан Шор.

Партијата на Шор беше прогласена за неуставна во 2023 година и забранета.

Инаку, претходно, новинари на „Би-Би-Си“ во тајно истражување посочија на проруски врски со дел од партиите што беа забранети во Молдавија. Нивното истражување може да се види на следниот линк. 

Евидентно е дека забраната на овие партии во изборната трка на Молдавија нема врска со „претставници на европската супер-демократија“ туку доаѓаат од внатрешни институции на самата држава Молдавија која не е членка на ЕУ, иако има статус на земја кандидат за членство. Така беше и во случајот што се споменува во објавата за Калин Георгеску, кого го дисквалификуваа романските институции а не ЕУ.

Од друга страна на партијата „Левица “ не ѝ е забрането учество на претстојните избори во Северна Македонија, туку ѝ е оневозможено платено политичко рекламирање откако Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) едногласно го усвои упатството за радиодифузерите за локалните избори 2025 година. Упатството предизвика контроверзи и реакции во Северна Македонија, но не може да се споредува со ситуацијата во Молдавија каде забраната на двете партии беше за учество на изборите што не е случај со Левица која ќе учествува на изборите.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како објава во која се пропушта контекстот.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција