Наеднаш отворени и затворениот и отворениот базен во Куманово

После неколкукратно пробивање на роковите, базените отворени за кумановци. Фото: Општина Куманово

 

Пред една година започна изградбата на Затворен базен кој има површина околу 6000 квадратни метри. На површина од 1800 квадратни метри, предвидено е да има деловен комплекс со спа центри, фитнес клубови, простории за спортски клубови и угостителски објекти. Во овој комплекс ќе биде изграден и АКВА ПАРК , а околу него на површина од 500 квадратни метри летна бавча, каде граѓаните ќе може да имаат рекреативни содржини и забава. На овој начин, ќе се зајакне финансискиот капацитет на Општината, односно на јавното претпријатие или евентуално јавно – приватно партнерство кое може да биде дел од експлоатирање на овие содржини, со што се зајакнува фискалниот капацитет на локалната самоуправа и на јавните претпријатија, ако тогаш јавното претпријатие биде формирано од Советот. Со пуштање во употреба на двата базени (затворен и отворен) и АКВА паркот, нашите сограѓани ќе имаат убаво место за забава и рекреација. Базенот ќе биде пуштен во употреба оваа година со што ќе се добие на еден простор затворена спортска целина во градот. (Буџет: не е наведен, рок: 2013 година)

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

Во својата изборна програма за локалните избори во 2013 година, во делот Капитални инвестиции, на страниците 7 и 8, Зоран Дамјановски (како кандидат на здружената опозиција предводена од СДСМ) вети затворен базен во Куманово до истекот на таа година, како и изградба на отворен базен, за кој тогаш (во 2013 година) не даде прогноза кога ќе биде започнат и предаден во употреба. За отворениот базен пак Дамјановски даде конкретно ветување дури во февруари годинава (2016) , при што како рок го наведе почетокот на летото. Изградбата на затворениот базен, пак, почна уште во текот на претходниот мандат на Дамјановски (2009-2013).

Иако и двата првично зададени рокови се изминати, сепак базените беа предадени во употреба на 1 август 2016 година, па според методологијата на Вистиномер, сметаме дека двете ветувања на градоначалникот на Куманово Зоран Дамјановски се исполнети.

„Вистиномер“ пишуваше за ова ветување на 5 април годинава. Подготвувајќи го тој текст за „Вистиномер“, дојдовме до информација дека отворањето на затворениот базен ќе биде на 5 мај годинава. Во рамките на истата  информација, беше кажано и дека наскоро почнува изградбата на отворен базен, веднаш до затворениот.

Куманово ќе добие нов отворен рекреативен  базен. Локацијата на базенот според информациите на градоначалникот на општина Куманово, Зоран Дамјановски ќе биде веднаш до затворениот базен, до спортската сала.

Се е подготвено да се започне со изградбата -, информира првиот човек на градот.  Инвестицијата ќе биде од буџетот на општината. Предвидено е базенот да биде завршен до почетокот на летото кога ќе биде пушен и во работа .

На 8 април, три дена после објавувањето на текстот на „Вистиномер“, Дамјановски, извршил увид на почетокот на изградбата на отворениот базен. Тогаш тој најави и дека отворениот базен, чија изградба започнала тој ден, ќе заврши од 15 до 25 јуни, а што се однесува до затворениот, спомена дека би бил пуштен во употреба на 5 јуни, иако од изведувачот имало најави дека тоа може да се случи и порано.

Денеска се поставува темел на рекративниот базен и се надеваме дека овој анекс или  дополнување на дозвола за градба за партерно решавање,рекреативниот базен со придружни содржини ќе биде завршен по некои наши видувања од 15 до 25 јуни, а затворениот базен,според нашите претпоставки ќе биде пуштен во употреба на 5 јуни. Тоа е наша заложба, иако има најави од изведувачот дека може да биде пуштен во употреба и во средината на мај, изјави Дамјановски.

Како што е познато, тие рокови не се запазени.

Следната информација од градоначалникот на Куманово за двата базена е од пред точно еден месец, односно на 6 јуни. Тогаш Дамјановски рече дека затворениот базен е комплетно завршен, но дека не сака да ги отвора посебно двата базена, туку ќе се почека да се заврши и отворениот, па и двата ќе бидат пуштени истовремено. Според него, тоа треба да се случи меѓу 10 и 15 јули.

Јас сакам отворањето да го спојам во едно. Затворениот и отворениот базен ги пуштаме и да не правиме сепарирано, да ги отвараме затворениот, па отворениот. Нашите надежи и желби се дека измеѓу 10-ти и 15-ти јули ќе биде пуштен отворениот базен, тоа ни е зацртан рок со изведувачот, некоја фаза е блиску до конечна имплементација, инаку затворениот е комплетно завршен. Пуштена е техничката проверка, први тестови на машинскиот дел и истиот е наполнет – вели Зоран Дамјановски, градоначалник на Општина Куманово.

Но и тој рок не е запазен. На 27 јули на веб-сајтот на Општина Куманово, е објавена најава од Дамјановски за отворањето на комплексот базени на 1 август. За свеченото отворање читаме на некои веб-сајтови, како и на веб-сајтот на Општина Куманово.

Според утврденото, се смета дека ветувањето е исполнето,  со забелешка дека рокот за неговата реализација беше неколку пати пролонгиран.

 

ИЗВОРИ

 

Оценето од: Сашо Спасоски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на текстот е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.