Најдрското замолкнување на пратениците е веќе видено – „Црниот понеделник“

Илија Димовски заборави на Црниот понеделник. Фото: ВМРО-ДПМНЕ/веб страна

 

Пратеникот и висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, ја даде следнава изјава што ја сметаме за невистина:

Денеска во предпладневниот дел од седницата видовме класичен обид на грубо кршење на деловникот на Собранието на Република Македонија и обид за одземање на најсветото право на пратениците, а тоа е правото на говор и правото на искажана мисла и политички став…Овој дрзок обид со прекршување и со желба за одземање на правото на збор е досега невиден во Собранието на Република Македонија.

 [Извор: ВМРО-ДПМНЕ, Датум: 6 април, 2017 – 15:42]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Илија Димовски ја даде изјавата во Собранието на РМ на 06.04.2017, откако СДСМ со поддршка од неопходен број пратеници побара да се измени дневниот ред на конститутивната седница и да се расправа по точката на дневен ред Избор на претседател на Собранието.

Во изјавата Димовски навлегува во експликации на Деловникот, при што се повикува на аргументи од еден член, но притоа одбегнува да ги спомене аргументите на предлагачот, СДСМ. Имено, тие се повикаа на чл. 78 од Деловникот, поточно на став 2. Еве го целиот член:

(1) Претресот по точките од дневниот ред се врши според утврдениот редослед на дневниот ред.

(2) Во текот на седницата, по предлог на претседателот на Собранието, на предлагачот или пратеник кои го поддржуваат најмалку десет пратеници, Собранието без претрес одлучува по секој предлог за измени во редоследот на претресот по точките од дневниот ред, односно да се води единствен претрес по точките од дневниот ред што се меѓусебно поврзани. Образложението за предлогот е во траење од три минути.

Порад тоа што барањето има поткрепа во Деловникот, а без да навлегуваме во тоа дали членот 78 е по тежина и редослед е приоритетен или не е во однос на членот 80, став 2 , на кој се повикуваше Димовски, тука само ќе констатираме дека во никој случај не може да стане збор за грубо кршење на деловникот на Собранието.

Истото важи и за квалификацијата „дрзок обид“, бидејќи се што ќе предложи една партија или пратеници на една или повеќе партии во рамките на Собранието не може да претставува дрзок обид, туку политички став, мисла, изјаснување, на што пратениците имаат право.

Во спротивно, исто така може да се коментира дека блокадата на Собранието на РМ со исцрпувачки реплики и контрареплики меѓу пратениците од ВМРО-ДПМНЕ е „дрзок обид“ да се спречи избор на претседател, а со тоа и мирен трансфер на власта. Но, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, како што гледа јавноста, тоа го толкуваат само како „дебата на која имале право“.

Делот од изјавата во која Димовски вели дека таквиот дрзок обид (на СДСМ)… „со желба за одземање на правото на збор досега не е виден во Собранието на Република Македонија“, е исто така невистина.

Кршење на Деловникот во повеќе точки, кршење на уставни и законски гаранции за правата на пратениците и работата на Собранието, беше извршена токму од партијата ВМРО-ДПМНЕ и нивниот претседател на Собранието, Трајко Вељановски, во 2012 година, на таканаречениот „Црн понеделник“. Тогаш,  пратеничката група на СДСМ, а претходно и новинарите, беа исфрлени од пленарната сала со груба употреба на сила на собраниското обезбедување и полицајци во цивил од МВР.

Дека тоа е замолкнување на пратениците, а со тоа и на граѓаните што ги гласале, оценките беа неподелени и во домашната и во меѓународната јавност, а впрочем за тоа зборуваат два извештаи – еден е од анкетната комисија, формирана потоа, а друг е од Хелсиншкиот комитет за човекови права на РМ.

Во Извештајот на ад-хок комисијата што заседаваше во 2013 година и со која претседаваше тогашниот декан на Правниот факултет, Борче Давитковски, се наведува и следнава правна квалификација:

 Ескалацијата на настаните и ангажманот и интервенцијата на полицијата, која ги доведе во прашање уставните одредби за поделба на власта, ги оневозможи пратениците во остварување на нивната функција (да ги претставуваат граѓаните и да одлучуваат по свое уверување).

Овој Извештај го потпишаа и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, без оглед што истиот Илија Димовски  само ден подоцна изјави дека извештајот го смета за палома-хартија (тоалетна хартија), а неговиот шеф Никола Груевски изјави дека ВМРО-ДПМНЕ не се согласува со Извештајот ама го потпишале заради евроинтеграциите, а ден подоцна му вети на тогашниот комесар за проширување на ЕУ, Штефан Филе, дека Препораките од Извештајот во целост ќе биле спроведени.

Имајќи ги предвид погоре наведените аргументи, изјавата на Илија Димовски цитирана на почетокот на овој текст, ја оценуваме како невистина.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Теофил Блажевски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција