Најмала последица од стопираните проекти од САД е три месеци доцнење, ако воопшто се спроведат

Х. Мицкоски. Фото: скриншот

Последици секако ќе има, макар и само доцнење од три месеци во спроведувањето на проекти што во 2024 година биле проценети на 22 милиони долари. Оттаму, тие последици на тој начин ќе ги почувствуваат и државните институции на кои се однесуваат важни проекти од областа на енергетиката, дигитализацијата и кибер безбедност, антикорупцијата, итн.

Последици секако ќе има, макар и само доцнење од три месеци во спроведувањето на проекти што во 2024 година биле проценети на 22 милиони долари. Оттаму, тие последици на тој начин ќе ги почувствуваат и државните институции на кои се однесуваат важни проекти од областа на енергетиката, дигитализацијата и кибер безбедност, антикорупцијата, итн.

 

Претседателот на Владата на РСМ Христијан Мицкоски во рамки на прес-конференција даде изјава неодамна во врска со американската помош за земјава, која може да се оцени како делумна вистина:

Не мислам дека ќе има државни институции кои што ќе бидат афектирани од оваа одлука на претседателот Трамп, но правиме анализа и ќе видиме, ќе носиме стратегија и заклучоци.

[Извор: Влада на РСМ/Јутуб – Прес на премиерот Христијан Мицкоски (35 мин.);  датум – 28.01.2025]

 

Образложение:

Мислењето на премиерот Христијан Мицкоски дека нема да има државни институции коишто ќе бидат засегнати од одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп за привремен прекин на проектите што ги финансираат САД во Северна Македонија, како дел од американската помош во странство е полувистинита, од причини што ни самиот тој не беше сигурен во одговорот, па се огради дека ќе прават дополнителни анализи и ќе видат, по што ќе носат стратегија и заклучоци.

Одговорот е даден на новинарско прашање дали можеби државата ќе преземе дел од обврските за тие три месеци додека трае замрзнувањето на средствата за проектите што се во тек.

Според „Балкан инсајт“ станува збор за 22 тековни проекти во вкупна вредност од 72 милиони долари. Податоците што ги наведуваме во оваа проверка се од американската влада, поточно сублимирани податоци од УСАИД и Стејт Департментот и се однесуваат на фискалната 2024 година.

Според податоците на американската администрација во 2024 година за проекти во земјава требало да легнат вкупно 22 милиони долари, при што најголем дел или 21,3 милиони долари се пласирани преку Американската агенција за меѓународен развој, попозната кај нас под кратенката УСАИД.

Доколку се види структурата на проектите од вкупната сума од 21,3 милиони долари ќе се види дека 14,2 милиони долари се наменети за проекти што се раководени од Владата или од невладиниот сектор.

Притоа, меѓу најголемите со 2 милиони долари, на пример, е проект за развој на енергетски добра кој треба да заврши во септември 2027 година. Овој проект чија цел е опишана како, „да се подобри безбедноста, доверливоста и ефикасноста на регионалното снабдување со енергија преку поддршка на инвестиции во сите сегменти на енергетскиот сектор, вклучително и топлинска и електрична енергија“, секако дека ќе има извесни последици, ако ништо друго со доцнење од три месеци, доколку по одмрзнувањето добие дозвола да продолжат активностите.

Со 1,65 милиони долари се финансира и проект наменет за централната власт и локалната самоуправа, а целта на проектот е „да се подобри квалитетот на системите за наплата на општински даноци и такси, да се зголеми капацитетот на владата за пристап до надворешни ресурси од фондовите на национална влада или од фондовите на меѓународните организации и пазарот на капиталот“. Рокот за завршување на овој проект е до крајот на јануари 2026 година, па важи истата констатација од погоре, дека најмала последица би била доцнењето од три месеци.

Со три проекти за Дигитализација на критичната инфраструктура, вредни над  2,2 милион долари, се финансира дигитална трансформација на сопствениците и операторите на критичната инфраструктура со цел зголемување на отпорноста од кибер напади. Проектот е наменет за следните сектори: „пренос и дистрибуција на електрична енергија/природен гас/вода, производство на електрична енергија, телекомуникации, централно греење, нафта, здравствена заштита, финансии/банкарство и транспорт“. Рокот за завршување на проектот е септември 2026 година, па оттука и за него важи констатацијата дека најмала последица би било доцнењето во спроведувањето од три месеци.

Вакви проекти има повеќе, на пример два проекта за кибер сигурност на серверите на владата или нејзини институции во вкупна вредност од околу 1,55 милиони долари (завршува во декември 2028), два проекти наменети за борба против корупцијата во вкупна вредност од околу 2,6 милиони долари, (од кој поголемиот треба да заврши во февруари 2028 година), итн.

Американската помош игра значајна улога во развојот на целото македонско општество. Само во 2022 година таа помош изнесувала над 164 милиони долари и секако дека тие пари што секоја година доаѓаат во земјата се значаен инпут и за развојот и за целата економија. Премиерот Мицкоски, се разбира, не може да се чувствува одговорен за стратешката политика на новата американска политика под Доналд Трамп, бидејќи исклучок од суспензијата се само Израел и Египет, но дека блокадата на три месеци ќе има последици е неспорно. Прашањето е само колкави, а доколку сите проекти продолжат, најмалите последици би биле само во доцнење во спроведувањето и во исплатата на остатокот на парите кои за 2024 година биле предвидени во висина од 22 милиони долари.

Поради горенаведените причини, но особено поради внимателноста и оставањето резерва во самата изјава на Мицкоски, искажаното може да се оцени како делумна вистина.

 

Извори:

 

Оценил: Теофил Блажевски

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција