Најмладите во Општина Вевчани го добија ветениот забавен парк
Детскиот забавен парк, кој беше барање на најмладите жители од Општина Вевчани и е дел предизборната програма на градоначалникот Спасе Кочовски на локалните избори во 2021 година, е реализиран со инвестиција на Владата од 2,5 милиони денари (40.000 евра), средства обезбедени преку првиот повик од т.н. унгарскиот кредит
Детскиот забавен парк, кој беше барање на најмладите жители од Општина Вевчани и е дел предизборната програма на градоначалникот Спасе Кочовски на локалните избори во 2021 година, е реализиран со инвестиција на Владата од 2,5 милиони денари (40.000 евра), средства обезбедени преку првиот повик од т.н. унгарскиот кредит
Во предизборната програма за локалните избори што се одржаа на 17 октомври 2021 година, кандидатот за градоначалник на Општина Вевчани од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“, Спасе Кочовски, меѓу другите ветувања од програмската платформа „Гарантираме – Создади нова иднина“ во делот од ветувањата произлезени од предлозите на идеите на жителите, им гарантираше:
Ветување: Изградба на детски забавен парк
[Извор: Платформа „Гарантираме за Вевчани– Создади нова иднина“(стр.34); датум: 17.10.2021]
Образложение:
Општина Вевчани на 15.05.2025 година, под мотото „Да создадеме нови спомени за нашите најмлади – Вевчани заслужува!“, го најави свеченото отворање на новиот детски парк во Вевчани на 19.05.2025 година. На програмата на отворањето беа застапени танцови точки на ученици од Вевчани и дружба со омилените детски ликови од цртаните филмови…
Посебно задоволство ни причинува тоа што изреализиравме едно огромно барање на најмладите жители. Детскиот парк, ќе биде ново катче во кое најмладите вевчанци ќе го минуваат слободното време, рече градоначалникот Кочовски на отворањето, истакнувајќи дека изградбата на детскиот забавен парк е на барање на најмладите жители на Вевчани.
Градоначалникот Кочовски на свеченото отворање информираше дека детскиот забавен парк се протега на површина од 200 метри квадратни е направен според сите стандарди – со гумена подлога, нишалки, лизгалки и други детски реквизити.

Детскиот забавен парк е реализиран со инвестиција на Владата на Република Северна Македонија од 2,5 милиони денари (40.000 евра), средства обезбедени преку првиот повик од т.н. унгарскиот кредит. Сумата потрошена за изградба на детскиот парк е дел од средствата од унгарскиот кредит во висина од 320.000 евра со кои, како што информираше градоначалникот на Општина Вевчани на отворањето на детскиот парк, се реализирани уште два проекта: реконструкција на улица и на крак од канализациската мрежа.
Во секој случај, оценката за ветувањето на градоначалникот на Општина Вевчани за изградба на детски забавен парк – исполнето.
Извори:
- (17.10.2021) Платформа „Гарантираме за Вевчани– Создади нова иднина“(стр.34) – [проверено на 20.05.2025]
- (19.05.2025) МИА Пуштен во употреба нов детски парк во Вевчани – [проверено на 20.05.2025]
Оцени: Стојан Синадинов
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар