Најнов наплив на дезинформациски и клеветнички наративи против ЕУ
Ниту ЕУ е фашистичка организација, ниту Бугарија води геноцидна политика против нашиот народ. Тоа што ЕУ е немоќна да ги „заузди“ барањата на Бугарија и Грција, не е преседан бидејќи ваков „танц“ имаше и Хрватска со соседна Словенија. И токму воочливиот застој во евроинтеграцискиот процес отвора простор за веќе познати малициозни дезинформациски наративи да се шират и да манипулираат со јавното мнение
Ниту ЕУ е фашистичка организација, ниту Бугарија води геноцидна политика против нашиот народ. Тоа што ЕУ е немоќна да ги „заузди“ актуелните барања на Бугарија, претходно на Грција, не е преседан бидејќи ваков „танц“ имаше и Хрватска со соседна Словенија. И токму воочливиот застој во евроинтеграцискиот процес отвора простор за веќе познати малициозни дезинформациски наративи да се шират и да манипулираат со јавното мнение
Пишува: Матеј Тројачанец
Еден од наративите што во последно време сè почесто се протега низ повеќето дезинформации е дека Грција, а во последниве години особено Бугарија, водат геноцидна политика кон македонскиот народ. А, затоа што тие се членки на Европската Унија, која пак, не успева да ги „заузда“, тоа се претставува како да е и официјална политика на ЕУ кон нас. Со други зборови, заради однесувањето на една или две од своите членки, ЕУ се претставува како да води фашистичка, нацистичка, геноцидна политика кон македонскиот народ. Тука се загатнати две прашања. Првото е за етикетирањето на Бугарија и ЕУ како фашистички, нацистички и геноцидни ентитети. Второто се однесува на надворешната политика на ЕУ како супранационална унија, наспроти политиката на индивидуалните ЕУ членки.
Во однос на првото прашање, треба повторно да се напомене дека ЕУ се темели на сосема спротивни вредности и принципи од фашизмот и нацизмот. Фашизмот е екстремно десничарска, тоталитарна, ултранационалистичка политичка идеологија, предводена од диктатор со централизирана автократија итн. ЕУ е основана по Втората светска војна на вредности како слобода, демократија, еднаквоста и човекови права, со примарна цел да го поттикнува мирот, единството и соработката меѓу европските земји. Експлицитно го отфрла авторитаризмот и тоталитарните идеологии, вклучувајќи ги фашизмот и нацизмот, кои беа одговорни за најголем дел од убиствата и уништувањето за време на војната. За промовирање на своите вредности, ЕУ беше наградена со Нобеловата награда за мир во 2012 г. за „унапредување на мирот и реконсилијацијата, демократијата и човековите права во Европа“.
Ама наспроти ваквите темелни вредности на кои се потпира ЕУ се „вергла“ приказната дека „Бугарија води геноцидна политика кон македонскиот народ“, за што наводно има поддршка и од ЕУ.
Обединетите нации (ОН) првпат го призна геноцидот како кривично дело според меѓународното право во 1946 г. во Генералното собрание. А, според дефиницијата на ОН, геноцид е секое дело кое е „извршено со намера да се уништи, целосно или делумно, национална, етничка, расна или религиозна група,“ и тоа преку:
(а) Убиство на припадници на групата; (б) Предизвикување на сериозна телесна или ментална штета на припадници на групата; (в) Намерно создавање услови за живот кои се пресметано креирани на групата да ѝ предизвикаат физичко уништување, во целост или делумно ; (г) Наметнување на мерки наменети да спречат раѓања во рамките на групата; (д) Присилно префрлање на деца од групата во друга група, гласи Член 2 од Конвенцијата за спречување на злосторството за геноцид.
Ништо што во моментов прават ЕУ или Бугарија во нивната надворешна политика визави С. Македонија, не може да се смета како „геноцидна политика“.
Понатаму, во рамки на ЕУ постои Заедничка надворешна и безбедносна политика (Common Foreign and Security Policy) преку која земјите-членки колективно одлучуваат за прашања како дипломатија, санкции и безбедносни мерки. Одлуките обично се носат со консензус, што значи дека сите земји членки треба да се согласат за политиката да биде прифатена. А, договорените политики и одлуки се екстернализираат преку Европската служба за надворешно дејствување (European External Action Service). Оваа дипломатска служба е одговорна за спроведување и застапување на интересите на ЕУ на глобално ниво.
Без разлика што постојат овие интерни механизми на ЕУ за хармонизирање на надворешната политика меѓу земјите членки, тоа не значи дека индивидуалните држави автоматски губат автономија за самостојно дејствување. Поточно, има случаи кога земјите членки даваат приоритет на националните интереси во надворешната политика, кои може да се разликуваат од колективниот став на ЕУ.
Јазот меѓу надворешната политика на ЕУ и индивидуалните земји членки е одлично опишан во колумната на Пол Тејлор во „Friends of Europe“ – тинк-тенк на Европската комисија:
Нефункционалниот одговор на ЕУ на војната [меѓу] Израел-Хамас беше одраз не само на постојаните институционални ривалства, туку и на длабоките разлики во симпатиите и интересите на Блискиот Исток меѓу главните земји членки. Од историски причини, Германија – родната земја на Фон дер Лајен, чувствува посебна одговорност да го заштити Израел. Поради географија и историја, Франција, Италија и Шпанија – родната земја на Борел, се чувствуваат поблиски со арапските држави и со Палестинците. Централноевропските држави кои ѝ се приклучија на ЕУ во 2000-тите главно инстинктивно се усогласуваат со Израел и САД […]“ пишува Тејлот во „Friends of Europe“.
Со други зборови, ниту е без преседан тоа што Грција и Бугарија нам ни поставуваат услови, ниту се коси се законите на ЕУ.
Краток историјат за опструкции, блокади, условувања
Хронолошки гледано, првиот пример за ова беа барањата на Германија до источноевропските земји за либерализација на пазарот, демократизирање на институциите во деведесетите години. Овие барања потоа станаа дел од основните барања при влез во ЕУ, т.н. копенхашки критериум.
Речиси истиот проблем што го има С. Македонија, го имаше и Хрватска, а сѐ уште го има и Турција во својот евроинтеграциски пат. Уште од 2005 г., Кипар ефективно ја блокира Турција во преговорите за ЕУ заради, меѓу другите причини, тоа што Турција не го признава Кипар туку само Северен Кипар (официјално Турска Република Северен Кипар). Северен Кипар, пак, е признаен од само една држава од целиот свет – Турција.
Не многу различно од нашиот случај, Хрватска немаше проблем за отпочнување на преговорите, но при крајот на овој процес, во 2009 г., Словенија ги блокираше преговорите на Хрватска во повеќе наврати. Главната причина беа неколкуте неразрешени територијални и гранични прашања што двата соседа ги решија по пат на арбитража. Но, и покрај завршената арбитражата и формалното завршувањето на преговорите во 2011 г., Словенија повторно го блокираше пристапот на Хрватска кон ЕУ, со тоа што беше последната ЕУ членка што го потпиша и ратификува договорот за пристап на својот сосед дури во 2013 г.
Исто така, познати се случаи на опструкции и по формалното влегување на некои од земјите во ЕУ. На пример, Бугарија и Романија се единствените две земји членки кои не се дел од Шенген зоната. Неколку земји членки, вклучително Франција и Холандија, изразија загриженост за високите нивоа на корупција и недоволните судски реформи во Романија и Бугарија. По што Бугарија и Романија и формално беа условени за да може да го продолжат патот кон целосна интеграција во Шенген зоната. А, според истражувањето на Европскиот економски и социјален комитет, тоа што двете балкански земји не се целосно интегрирани во Шенген зоната ги чини 834 милиони Бугарија и 2.32 милијарди Романија.
Последен е примерот на Унгарија којашто активно го блокира почетокот на преговорите на Украина, главно заради нивната загриженоста за унгарските малцинства во Украина и функционирањето на единствениот пазар во државата.
Кочници и кочничари на патот кон ЕУ
Вреди да се споменат и наративите што често се шират – оној дека ЕУ и покрај противењето на две (или сега една) од своите членки, може и мора да направи повеќе за да ни помогне во целиот овој процес, како и тоа дека не може да има никаква реконсилијација на историските комплексности на Македонија со Грција и Бугарија.
Разгледувајќи го прво споменатиот наратив, мора да се споменат неколку факти. Грција е меѓу првите членки на ЕУ, приклучувајќи се на Унијата во 1981 г. како четврта по ред членка по влезот на Данска, Обединетото Кралство и Ирска. Бугарија, во пакет со Романија, влегоа две и пол децении подоцна во 2007 година. Настрана од тоа што и Грција и Бугарија се поголеми и по површина и по број на жители, и двете држави се од исклучително стратешко и економско значење за ЕУ. Главно, затоа што и двете држави имаат битни трговски пристаништа. Пирејското пристаниште во Атина е меѓу најголемите и најбрзорастечките во Европа, а заедно со Солунското пристаниште, како и Бургас, се трговски и геостратешки битни за пристапот на земјите од ЕУ до Егејското, Јонското и Црното море.
„Реал политиката“ е таква – секогаш поголемите земји ќе имаат поголемо влијание врз помалите, и секогаш земјите членки на ЕУ ќе имаат влијание врз земјите кандидати. За жал, тоа се потврдува и во нашиот случај.
Вториот наратив – инсистирањето да се разрешат целосно сите отворени историски прашања пред влезот во ЕУ, давањето приоритет на овие теми – исто така е спорен. Држави кои имале многу посериозни проблеми сфатиле дека меѓусебната соработка и партнерство се поисплатливи на долг рок, отколку постојаното навраќање на минатото и историските конфликти кои го кочат патот кон ЕУ.
Пример „пар екселанс“ за ова се Франција и Германија. Не само што Франција беше окупирана од својот сосед, туку и според проектот „Патишта на меморијата“ на Министерството за одбрана на Франција, околу 400 илјади цивили загинале за време на Втората светска војна. Наместо одново и одново да се осврнуваат на историските конфликти, двете држави заедно сфатија дека ќе имаат повеќе бенефит од тоа да соработуваат наместо да се кочат една со друга. Доказ за успехот на соработката и надминување на проблемите е и тоа што двете држави една на друга се најголеми трговски партнери.
Притисокот за успех
Надоврзувајќи се на претходните два наратива, често се споменува и тоа дека „само од нас се бара да направиме отстапки, концесии и жртви, само ние трпиме притисоци и се избрукавме што го сменивме името, а сега насила нé притискаат да менуваме идентитетот…“ Наспроти вооочливиот застој во евроинтеграцискиот процес, ваквите наративи искажани во популистички манир, играат на картата на националните чувства, на емоциите кај народот.
Земајќи го примерот со Бугарија, не е точно дека тие не се соочиле со притисоци. Неколку примери може да се видат и во изјавите на претседателот на Бугарија, Румен Радев, тука, тука, тука, тука и тука.
Е сега, без разлика дали Бугарија е во право или не, како членка на ЕУ, таа инсистира дека отпочнување на преговорите ќе се случи штом се направат договорените уставни промени. Па оттаму, ако нам ни е цел да се приклучиме кон поголемото европско семејство, треба да се најде начин нештата да се придвижат напред. Настрана тоа што со самото отпочнување на преговорите има уште многу други обврски во разни области кои треба да се сработат додека не го склучиме Договорот за пристапување.
Доказ за тоа е последниот Извештај на Европската комисија, каде што освен за уставните измени се посочува дека скоро да нема напредок во зајакнувањето на судската независност и подобрувањето на правната рамка за заштита на основните права, како и други забелешки.
Руските прсти во македонската салата
Во меѓувреме поддршката на македонскиот народ за влез на државата во ЕУ полека опаѓа, а разочараноста кај граѓаните расте. Сепак, дали и кога ќе ги направиме уставните измени за внесување на Бугарите, меѓу другите малцинства во Уставот, зависи од нас.
Но, токму во овој простор меѓу инсистирањето на нашите партнери за исполнување на Договорот со Бугарија и незадоволството на македонскиот народот за прогресот со евроинтеграциите, се остава можност некој да го манипулира јавното мнение. Скоро во сите случаи тоа бил (е) Кремљ. Како што пишува проф. д-р Мирјана Најчевска во колумната на Вистиномер, но и во други анализи, постоечкиот скептицизам е плодна почва за дополнително подгорување на тензиите и ширење на анти-ЕУ наративи.
Особено се влијателни овие наративи затоа што се адаптираат на веќе постоечките проблеми и се прави дополнителен раздор во општеството. Речиси да се пресликуваат повиците и толкувањата дека Бугарија и ЕУ водат геноцидна политика и оние на Русија, за русите во Украина. Доказ за ова изјавата на Владимир Путин пред почеток на војната, дека конфликтот во источна Украина „изгледа како геноцид“.
Токму ваквото забавување на целиот процес за пристап кон ЕУ ѝ оди во прилог на Русија, бидејќи тоа значи дека таа сѐ уште ќе има можност да има влијае врз нашата држава. А, ова нема да се смени сè додека С. Македонија е на прагот на ЕУ, бидејќи се покажа дека дезинформациите на Кремљ, без разлика дали се увезени од соседите, или од некоја друга европска држава, или пак се од домашна дезинформациска кујна, само одат контра нашите амбиции и аспирации и ги влошуваат постоечките кризи во земјата.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар