Намален интересот за вакцинација во охридско-струшкиот регион

Ковид болница Охрид. Фото: Вистиномер, 2021

Се намалува интересот за вакцинација. Пунктовите за имунизација во Струга, Охрид и Вевчани имаат доволно вакцини, но нема одзив од страна на граѓаните. Се нуди и трета бустер доза, но за неа треба да поминат шест месеци од првичната вакцинација, па засега се заинтересирани само здравствените работници.

Се намалува интересот за вакцинација. Пунктовите за имунизација во Струга, Охрид и Вевчани имаат доволно вакцини, но нема одзив од страна на граѓаните. Се нуди и трета бустер доза, но за неа треба да поминат шест месеци од првичната вакцинација, па засега се заинтересирани само здравствените работници

 

Пишува: Соња Рилковска

 

Нема интерес за вакцинација во струшко. Пунктовите за имунизација имаат доволно вакцини, но веќе десеттина денови зјаат празни. Од Здравствениот дом Струга велат, иако нудат и трета доза вакцина, многу е слаб интересот од страна на граѓаните.

Од почетокот на овој месец, многу е намален интересот за вакцинација, не знам зошто. Од оваа недела почнавме и со трета доза вакцина, но има многу мал број заинтересирани. Таа се дава после шест месеци од втора доза, па можеби ќе има интерес од ноември. До средината на септември беше одлично, но сега рапидно е намален бројот на нововакцинирани, вели Андон Ложанкоски, директор на Здравствен дом Струга.

Најголемите гужви на вакциналните пунктови во Струга беа од средината на август до средината на септември.Според последните анализи на министерството за здравство во Струга околу 40% од населението е имунизирано, што сè уште не е доволно за колективен имунитет.

Во регионот што го покрива здравствениот дом „Д р Светозар Чочороски“ во општина Вевчани и околните струшки села вакцинирани се околу 50% од полнолетните граѓани.

Негде околу 50 отсто имаме вакцинирани од полнолетните граѓани, моментално вакцинираме само со Фајзер и задоволителна е заинтересираноста. Вакцинација се врши на два пункта во Вевчани и Лабуништа, вели Јован Стојкоски, директор на Здравствен дом Вевчани.

И во Вевчани започна вакцинација со трета „бустер“ доза на вакцина, но засега интересот е мал.

Не е голем интересот, меѓутоа со оглед на тоа дека негде се потребни шест месеци од втора доза, а тоа ќе биде од втората половина на месецов, мислиме дека ќе има интерес поготово кај граѓаните постари од 60 години, додава Стојкоски.

Охрид е рекордер во земјава по имунизација против корона вирусот. До почетокот на октомври 63,9 отсто од граѓаните примиле прва доза на вакцина. За разлика од почетокот на вакцинацијата, кога дневно се вакцинираа и по илјада лица, сега бројката е намалена, но вакцинацијата се одвива непречно, без закажување од понеделник до сабота.

Од Здравствениот дом Охрид велат интерес има и за трета доза на вакцина и тоа најчесто од страна на здравствените работници и постарите лица кои се вакцинирале меѓу првите.

Во последно време веќе има заинтересираност и на младата популација под 40 години и помладите од 17 години нагоре. Веќе почнавме вакцинација со трета доза и доаѓаат за вакцинација за трета доза, оние кои први примија. Тоа се здравствените работници, а доаѓаат и посатри лица кои примиле вакцина во странство. Моментално располагаме со Фајзер, АстраЗенека и Синофарм, вели д-р Соња Мариноска од Здравствен дом Охрид.

Лекарите апелираат до граѓаните да веруваат на науката и што поскоро да се имунизираат, бидејќи сите научни студии потврдуваат дека вакцините штитат од тежок тек на болеста и смртен исход.

Во спортската сала во Охрид се вакцинираа околу 60 000 луѓе, ние немавме ниту еден случај со несакани последици или алергиски реакции. Затоа апелот е да се вакцинираат сите. Да веруваат на науката, на медицината. Сите мора да се вакцинираме, моите деца се вакцинирани, моите внуци се вакцинирани. Јас самиот се вакцинирав меѓу првите, вели д-р Горан Балевски директор на Општа болница Охрид.

Во охридската болница моментално се хоспитализирани 19 лица од кои 11 се на кислородна поддршка, во струшката болница згрижени се 10 пациенти, од кои 3 лица се на кислородна поддршка.

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за брзо справување со вакциналните дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Тој е првично објавен во Вистиномер, а e овозможен со поддршка на Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, БТД или нивните партнери.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција