Намалените глоби во Законот за заштита на укажувачи и борбата со корупцијата немаат ништо заедничко

Љ.Николовски. Фото: Влада на РСМ/веб сајт

 

Пред неколку дена вицепремиерот во Владата на РСМ задолжен за борба против корупцијата, криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, во рамките на преставување на неговите должности и планови, го изјави и следново тврдење, во чии делови може да се препознае недоследност:

Свесни сме дека целиот процес ниту може, ниту некаде во било која држава започнал и завршил преку ноќ. Во периодот што следи во новиот чист и четиригодишен мандат, во новата програма на Владата, поставивме јасни столбови во борбата против корупција, преку воспоставување јасни и соодветни механизми за интензивна соработка меѓу сите надлежни чинители, преку силна политичка волја и преку мотивација на секој граѓанин, на сите нас, да се приклучиме во искоренувањето на оваа девијантна појава, којашто го враќа општеството назад.

[Извор: Влада на РСМ-прес на Николовски – датум: 15.09.2020]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Заменик-претседателот на Владата Љупчо Николовски на одржаната прес конференција за својата улога и должностите во Владата, говореше за нулта толеранција против корупцијата и за тоа дека како Влада поставиле нови јасни столбови во борбата против корупцијата, како и јасни механизми за интензивна соработка меѓу надлежните институции преку силна политичка волја и „преку мотивација на секој граѓанин“… Токму заложбата за мотивацијата на секој граѓанин може да се оцени како недоследност, поради тоа што Владата во Собранието, во исто време кога Николовски ја даваше изјавата, поднесе предлог за измена на Законот за укажувачите, со кој се намалуваат прекршочните санкции за физичките лица во правните лица, кои нема да го почитуваат заштитеното пријавување, како и пријавувачите.

Во образложението што е потпишано од новиот министер за правда Бојан Маричиќ, меѓу другото се наведува:

Основна цел на предложениот закон е усогласување на прекршочните одредби од Законот за заштита на укажувачи со одредбите од Законот за прекршоците, а пред тоа се појаснува: Со донесениот нов Закон за прекршоците утврдена е политика на ублажување на глобите за физичките лица и градуирање на глобите за правните лица по утврден распон предвид нивната големина (класификација на трговците согласно Законот за трговските друштва).

Но, суштината на ова усогласување, кое е поткрепено со законската обврска истото да се направи, е де факто, драматично намалување на казните за поединците во правните лица, во приватниот и јавниот сектор, кои имаат одговорност да го спроведуваат законот, односно да ги примат пријавите на евентуалните укажувачи, да постапат по нив, како и да го заштитат нивниот идентитет, нивните права од работниот однос и нивната безбедност.

Дали целите на Владата за борба против корупцијата се постигнуваат со намалување на санкциите за физичките лица во правните лица во овој закон?

 

ОД 6.000 НА 500 ЕВРА, ОД 3.000 НА 100!

Скратувањето на сумите, кои како казни би им следувале за физичките лица, односно на одговорните лица, драматично се намалуваат и тоа може да се види уште од првиот член на измените:

Во Законот за заштита на укажувачи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 196/15 и 35/18), во членот 16 зборовите „од 3.000 до 6.000 евра“ се заменуваат со зборовите „од 100 до 500 евра“, а зборот „му“ се брише.

Оваа предложена измена се однесува на член 4 од Законот за заштита на укажувачите што го регулира внатрешното пријавување и во чиј став 4 се наведува:

Овластеното лице за прием на пријави од укажувачи, односно раководното лице во институцијата, односно правното лице од ставот (3) на овој член, е должно:

– да постапува по пријавувањето од ставот (1) на овој член со почитување на процедурите утврдени со актот за внатрешно пријавување;

– да ги заштитат личните податоци на укажувачот, односно податоците кои можат да го откријат идентитетот на укажувачот кој пријавува анонимно или доверливо, согласно со прописите за заштита на личните податоци;

– да го информира укажувачот кој е познат за преземените мерки во врска со пријавата без одлагање, а најдоцна во рок од 15 дена од денот на приемот на пријавата.

И другите измени што ги бара Владата, односно Министерството за правда, одат во насока на намалување на казните за одговорните лица во правните лица и тоа не само во внатрешното пријавување, туку и во одредбите за надворешно пријавување и за јавно пријавување. Навистина постои обврска за усогласување со Законот за прекршоци, но тоа не оди во насока на „преземање сите мерки и механизми за решителна борба против корупцијата и криминалот“. Секако дека не е „мотивација на секој граѓанин и на сите нас“, доколку на одговорните, за да се охрабрат укажувачите да пријават корупција или криминал, драстично им се намалат казните.

 

ГЛОБИТЕ БЕА НАМАЛЕНИ И ВО АНТИКОРУПЦИСКИОТ ЗАКОН!

Нешто слично се случи и со Законот за спречување на корупцијата, донесен во јануари 2019 година, по кој се формира новиот состав на Антикорупциската комисија. И тогаш, со оправдување за усогласување со Законот за прекршоци, санкциите што ѝ се на располагање на ДКСК и на државата, беа драстично намалени, за што „Вистиномер“ уште тогаш пишуваше. Патем ГРЕКО, групата земји за борба против корупцијата во рамките на Советот на Европа, во која членуваме и редовно сме подложни на евалуација на состојбите, во своите препораки речиси секогаш советува зголемување на казните за прекршитлите, со цел тие да бидат одвраќачки. Така беше и во досега најлошо спроведените обврски од Четвртиот круг на евалуација, кој се однесуваше на пратениците, обвинителите и судиите (стр.7, точка 29).

Затоа, Владата наместо да ги усогласува клучните закони за борба против корупцијата и криминалот со Законот за прекршоци и да ги намалува глобите, би можела, на пример, да го измени Законот за прекршоци и во него да наведе дека намалените глоби во овој закон не се однесуваат на антикорупциските закони.

Поради погоре изнесените аргументи може да се оцени дека делот од изјавата на Николовски, дека Владата се бори против корупцијата „преку мотивација на секој граѓанин, на сите нас“ е недоследна, зашто наместо мотивација, со ваквите намалувања на санкциите се прави демотивација на граѓаните што би се решиле да бидат укажувачи. А, такви, и онака, досега немавме многу.

 

Оцени: Теофил Блажевски

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција