Намерна збрка во хронологијата за војната и други манипулации околу Украина
Фото: Valentyn Stolyarchuk, Mykhailo Chubai / ArmiyaInform, via Wikimedia Commons
Објава на Фејсбук реди настани од поновата историја на Украина, создавајќи лажен впечаток дека Украинците биле агресивни, а Русија ги молела да се вразумат, но на крај била „присилена“ да преземе воени мерки, со што се оправдува инвазијата врз Украина. Тука има и една манипулација, која е честа кај проруските пропагандисти, а тоа е создавање збрка во редоследот на историските настани, за јавноста да се збуни околу тоа „кој прв почнал“
Објава на Фејсбук реди настани од поновата историја на Украина, создавајќи лажен впечаток дека Украинците биле агресивни, а Русија ги молела да се вразумат, но на крај била „присилена“ да преземе воени мерки, со што се оправдува инвазијата врз Украина. Тука има и една манипулација, која е честа кај проруските пропагандисти, а тоа е создавање збрка во редоследот на историските настани, за јавноста да се збуни околу тоа „кој прв почнал“
Објава во социјалната мрежа Фејсбук вели:
Украина – *Ја собори владата 2014 *
Русија – Ве молам престанете!
Украина – *Обесете ги сите Руси! Слава Украини* Испратете ги назад во Русија!
Русија – Сериозно, ве молам престанете !!
Украина – *Живи запалете ги Русите во Одеса*
Русија – wtf стоп !!!!
Украина – * 8 години масакрирање на Руси во Донбас*
Русија – Последно предупредување, ве молиме престанете !!
Украина – *сака да се приклучи кон НАТО и подготвува голема офанзива врз ДПР и ЛПР за етничко чистење на Крим и Донбас*
Русија – Fine MINSK 1,2 & Instanbul, its SMO !!!!
Украина – *WTFFFFFFFF ЗОШТО? НЕ НАПРАВИМЕ НИШТО! ЛУЃЕ ОД СВЕТОТ ПОМОГНЕТЕ НИ! НАТО ПОМОШ! НАШИТЕ ЧОВЕКОВИ ПРАВА СЕ ЗАГРОЗЕНИ!!!!!*
Русија – Ве предупредивме!
Ви дадовме доволно долго јаже .. значи… ги враќаме нашите 4 ОБЛАСТИ!
Тука гледаме една честа манипулација, а тоа е создавање на збрка во редоследот на настаните, за јавноста да се збуни околу тоа кој прв го почнал конфликтот во Украина.
Објавата го користи познатиот палеж, во кој пострадаа проруските активисти во Одеса, за да ја оправда руската инвазија врз Украина како спречување на геноцид, но палежот се случи на 2.5.2014 г., а Русија изврши инвазија уште при крајот на февруари 2014 г. Мета тогаш беше Крим, кого на 18.3.2014 г. Русија илегално го анектираше, а таа поттикна сепаратизам и во Донбас, со испраќање на свои агенти како Игор Гиркин-Стрелков.
(Про)руски активисти тогаш протестираа во Донецк и Луганск и ја зазедоа тамошната администрација, па во текот на април 2014 г. беа создадени т.н. Донечка и Луганска Народна Република (ДНР и ЛНР), а кога тоа дојде и до Одеса, Украинците тоа не сакаа да го дозволат.
Значи, руската инвазија не е одмазда за палежот, туку палежот беше одмазда за руската агресија. Палежот беше грд настан, но мора да се каже зошто тој се случил:
На тој ден имаше демонстрации и нереди, во кои проруската Одеска дружина на Виталиј Будко-Боцман отвори оган врз проукраинските активисти, при што загинаа Игор Иванов и Андреј Бирјуков, што проруски настроениот полициски началник Димитриј Фучеџи не го спречи. Објективно, и другата страна се впушти во насилство.
Проукраинските активисти тогаш тргнаа да се пресметаат со оние проруските, кои со шатори митингуваа пред одескиот Дом на синдикатите, па тие се забарикадираа во него. Обете страни користеа молотови коктели, па така, за жал, дојде до палежот на домот и до жртви.
Тоа не беше неиспровоциран акт на геноцид насочен кон цела етничка група, туку тоа беше насочено кон една сепаратистичка група. Претходно, Украинците се воздржуваа од насилство, особено на Крим, па и во Донбас. Дури откако на 12.4.2014 г. Стрелков го нападна градот Славјанск, Украинците ја почнаа т.н. Антитерористичка операција (АТО) и така почна и Донбаската војна, во која потајно се вклучуваше и Русија, па сето тоа создаде гнев, кој еруптираше во Одеса.
Кремљ ширеше лажни вести од типот дека „Украинците во Славјанск распнале мало дете“, но на крај и самите Руси признаа дека за тоа нема доказ. Поединечни екцеси од украинска страна имало, но не и еквиваленти на масакрите во Сребреница или Буча, да речеме. За разлика од Мариупол, Бахмут, Авдеевка или други украински градови, кои Русите ги масакрираа и разурнаа до темел, Донецк и Луганск се колку-толку зачувани.
Населението на Донбас не ги поддржа масовно т.н. ДНР и ЛНР, па тие не го опфатија сиот регион, туку се раширија дури со сеопфатната руска инвазија започната во 2022 г. Русија ни сега не го држи сиот Донбас (на пр. Славјанск, Краматорск и други градови).
И, во Донбас не доминираат етнички Руси, туку Украинци, кои говорат руски, што е последица од асимилацијата (русификацијата) под власта на царска Русија и СССР.
Имено, царска Русија го злоупотребила Перејаславскиот договор (1654) за да ја подјарми Украина, по што го гонела украинскиот јазик со забрани како Валуевскиот циркулар (1863) и Емскиот указ (1876), а Советска Русија ја задушила независната Украинска Народна Република (1918 – 1922) и ја заменила со Советска Украина, која била насила внесена во СССР, кајшто Украинците страдале од сталинските чистки, Гладоморот итн.
Затоа, Украинците во 2014 г. протестираа против проруската вазалност на претседателот Виктор Јанукович, кој беше и крајно корумпиран и кој ги тепаше и застрелуваше. Владата не беше соборена – како што тврди објавата, туку на 28.1.2014 г. премиерот Николај Азаров даде оставка, а Јанукович беше разрешен од собранието на 22.2.2014 г. И обајцата потоа побегнаа во Русија, која изврши агресија врз нивната земја.
А, тоа што на 30.9.2022 г. Русија изврши илегална анексија на четири украински области не значи дека „си ги вратила назад“. Тоа некогаш се викало Новорусија не зашто било исконски руско, туку зашто било новоосвоено. Според пописот од царска Русија од 1897 г. мнозинство таму секако биле Украинците, тогаш наречени Малоруси.
Објавата е неспретно преведена од странски извор, па во неа се измешани делови на македонски и англиски, па да ги објасниме: ДПР е DPR (Donetsk People’s Republic), што е т.н. ДНР; ЛПР е LPR (Lugansk People’s Republic), што е т.н. ЛНР; а SMO е кратенка за Special Military Operation (како што СВО е за Специјална воена операција, еуфемизам за руската агресија врз Украина).
Тука се споменуваат и двата Мински мировни договори (2014 – 2015), кои, наводно, Украина ги прекршила, што е чест наратив кај проруските пропагандисти, но тие молчат за тоа што Русија претходно го прекрши Будимпештанскиот меморандум, потпишан на 5.12.1994 г. Согласно тој договор, Украина ѝ го предаде на Русија своето советско нуклеарно оружје, во замена за безбедносни гаранции, но Русија, сепак, ја нападна Украина, најпрвин во 2003 г., кога накусо го узурпираше островот Тузла крај Крим, што замалку ќе доведеше до војна.
Земајќи го предвид сето досега наведено, објавата ја оценуваме како невистинита.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар