Наоѓаат ли антиваксерите поткрепа во некои прокламации на Руската прaвославна црква?

Поткрепата на антиваксерите од страна на оваа црква е барем видлива, за разлика од стратегијата на цел еден пропаганден систем кој, исто така, доаѓа од Москва и кој се обидува да влијае на општествените конфликти и нарушувањето на здравствените состојби на нациите

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

Кога деновиве пребарував некои извори во јавната комуникација на кои можеби се потпираат антиваксерите, кои како да подигнаа глава откако увидоа дека не можат да ги запишат своите деца на училиште без потврда дека ги примиле неопходните (пропишаните) вакцини, наидов на еден текст кој укажува дека Руската православна црква (РПЦ) ги поддржува родителите кои не дозволуваат нивните деца да ги допре раката на современата медицина,  барајќи да бидат држени подалеку од одделенијата за имунизација. Текстот го објавува српски портал под наслов: „Луњата во Србија доаѓа од Русија“, со циничен поднаслов дека „српските верници, додека нивната црква не се изјасни по ова прашање можат да се повикуваат на официјален став на Руската православна црква“.

Накусо, во тој текст наидуваме на усвоени одредби на посебно тело на оваа црква – Патријархална комисија за семејството, која во четири точки определува што е во ред, а што не,  кога станува збор за тоа дали децата треба да ги допре иглата на луѓето задолжени за имунизација.

Имено, ова тело го смета следното:

  • родителите треба да го задржат правото да донесуваат информирани одлуки за здравјето на децата, вклучувајќи ги и превентивните вакцинации, без да бидат предмет на притисок; прогонот на родителите заради користење на ова право е неприфатлив;
  • родителите не треба да бидат присилени на кој било начин да наведат причини зошто одбиваат вакцинирање; фактите за тоа треба да се кријат како медицинска тајна
  • правото на децата на образование не треба да се ограничува врз основа на тоа што нивните родители одбиле вакцинација, освен при појава на масовни заразни болести или непосредна закана со епидемија
  • родителите треба да бидат во состојба самите да донесуваат одлуки, самостојно да го оценуваат добиените информации, вклучувајќи и критични информации

Од изнесеното сосема е јасно дека антиваксерското расположение има силна поддршка во РПЦ, а треба, секако, да се бара и врската меѓу РПЦ и официјалната политика на Кремљ кој отсекогаш имал цврсти контакти со религиозните кругови. За разлика од домашните антиваксери, на кои овие заклучоци едноставно можеби им се и познати, московските свештеници дозволуваат во време на епидемии здравствените и образовни власти да бидат ригорозни во примена на мерките за имунизација!

Ставовите на РПЦ се донесени на 19 април годинава и тоа со посебен проглас под наслов „За правата на родителите од областа на здравствената заштита на децата и имунопрофилаксата“. Интересно е дека Патријархална комисија за семејството е директно одговорна пред г.г. Кирил, поглаварот на РПЦ.Членови на комисијата горенаведените ставови на РПЦ ги изнеле и на собирот на конзервативни десничари наречен „Светски конгрес на семејства“, одржан во Верона. Конгресот претходно бил одржуван во бивши советски републики, а оваа година учествувал и популистичкиот политичар и тогашен италијански вицепремиер Матео Салвини. Руските свештеници, јасно, дуваат во едрата на антиваксерите и на светско ниво, и на овој собир добиле голем публицитет.

За оваа тема, инаку, доста материјал има на сајтот „Руска верба“, кој излегува на повеќе јазици и кој наводно е финансиран од две семејства кои очевидно не се руски, ама тие едноставно постојано повторуваат дека Руската православна црква е онаа која е „веродостојна“ и чии верувања треба да се следат на светско рамниште.

Но, и некои други истражувања се интересни, особено што наоѓаат една врска меѓу пропагандата на Кремљ која, меѓу другото, ја користи поддршката на антиваксерите како форма на разорување на јавното здравје и воведување на проблеми во земјите кои се на „другата страна на фронтот“.

Имено, од анализата објавена во стручното списание на Американската асоцијација за јавно здравство (American Journal of Public Health – AJPH), може да се разбере како ботовите и руските тролови на „Твитер“ промовираат содржини за здравјето преку Интернет. Под ботови се подразбират профили водени од софтвер кој автоматски шири одредени содржини, додека како тролови се означени кориснички профили раководени од живи луѓе кои лажно се претставуваат или се анонимни.

Ширење раздор преку социјалните мрежи

Во текстот има многу поединости како се користат добиени – следени содржини (по пат на дедукција), што секако како методологија се корисни и за студенти по новинарство или за новинари почетници. При ова истражување направена е споредба на собрани твитови кои идентификувани ботови ги објавиле на Интернет од јули 2014 до септември 2017 година. Тимот научници од универзитетите Џорџ Вашингтон, Мериленд и Џонс Хопкинс спровел статистичка анализа на содржините кои се промовирани преку хаштаготови на Твитер поврзана со руската трол-активност, како поларизирачкиот #VaccinateUS.

Анализата на хаштаготовите кои ги користеле руските тролови покажува дека нивните пораки биле повеќе политички и со цел да предизвикаат поделби во американското општеството. Дел од ваквите мрежи за дистрибуирање антивакцински пораки се и ботовите за кои е утврдено дека шират малициозен софтвер и други несакани содржини за кои се смета дека тоа не го прават од идеолошки, туку од комерцијални причини – добивање кликови. Од друга страна, утврдената примарна намера на руските тролови е промовирање раздор. Поинаку речено – руските тролови по ова прашање не настојуваат секогаш да бидат толку на страна на антиваксерите, туку ја промовираат логичката грешка наречена погрешна еквивалентност  и така го уништуваат јавниот консензус за вакцинацијата.

Погрешна еквивалентност (false equivalence) е логичка грешка при која се наметнува еднаквост на важност на два ставови кои инаку не се споредливи. На пример став заземен врз основа на научно истражување, наспроти лично верување од страна на нестручно лице. Во случајот на антиваксерството, ефектот на ова влијание е намалување на довербата на населението во државните институции.

Кои се импликациите по јавното здравство?

Авторите на горенаведеното истражување заклучуваат и дека директно соочување со скептиците за вакцини им овозможува на ботовите да ја претстават дебатата за вакцините како легитимна тема во јавноста. Неговите автори укажуваат дека се потребни повеќе истражувања за да се утврди како најдобро да се бори здравствената политика против содржините кои на овој начин се шират од страна на системи за дезинформирање кои користат ботови и тролови.

Ставовите поврзани со здравјето засновани на дезинформации спротивни на научните сознанија се шират низ социјалните медиуми, што претставува закана за јавното здравство. И покрај значителниот потенцијал за да се овозможи ширење на фактичката информација, социјалните медиуми често се злоупотребуваат за ширење на штетна содржина за здравјето, вклучително и непроверени и погрешни информации за вакцини.

Сето ова потенцијално ги намалува стапките на внес на вакцини кај населението и ги зголемува ризиците од глобални пандемии, особено меѓу најранливите категории. Некои од овие информации се мотивирани: скептиците користат интернет платформи за да се залагаат за одбивање на вакцините. Антивакцинските застапници имаат значително присуство во социјалните медиуми, со дури 50% од твитови за вакцинирање кои содржат антивакцински верувања, според ова истражувања. Пролиферацијата на оваа содржина има последици: изложеност на негативни информации. А тоа најчесто значи изложеноста на негативни информации за вакцините кај родителите, што е поврзано со зголемено двоумење и одложување на вакцините. Родителите (сомничави кон вакцините),  веројатно, ќе се свртат на Интернет за дополнителни информации и ќе покажуваат се помала веројатност да веруваат на давателите на здравствени услуги и на експертите за јавно здравје за оваа тема.

Чинителите од јавното здравство, посебно заради  воскреснувања на сипаници, заушки и пертусис (што пак,  ја зголемува смртноста од болести што се спречуваат со вакцини, како што се грип и вирусна пневмонија), ќе се обидат да се спротивстават и да ја потенцираат важноста на борбата со дезинформации за вакцините.

ДАРПА, Агенцијата за одбрана на САД надлежна за предизвици поврзани со нови технологии во 2015 година спровела истражување за идентификување на ботовите кои шират штетни влијанија на Твитер (DARPA Twitter Bot Challenge). Тие констатирала дека информациите преку социјалните мрежи и групи, обично со лажни идентитети, намерно создаваат најнапред илузија дека се води јавна дискусија, но со намерно предизвикување на наводен „нерешен резултат“, со цел дезинформацијата за вакцините да ја направат поприфатлива. ДАРПА констатирала дека јавното здравство  не обрнува толку внимание на фактот дека надлежните ги идентификувале сеачите на овие дезинформации и практично дозволиле да се води „фер“ дебата, што би се рекло „влегува во филмот“. Небаре од другата страна, онаа на антиваксерите навистина постои некаква стручност!

Најчест извор на оваа пропагандна активност е Агенцијата за истражување на Интернет, зад која стои руската влада, која поддржува пропагандни влијанија преку Интернет! Дури 93 отсто од пораките испратени од оваа Агенција немаат јасен идентитет, ама затоа ја содржат основната пропаганда стратегија на Кремљ – подеднакво им се дава поддршка и на проваксерите и на антиваксерите. Ама понатамошното ширење на пораките по групи покажува далеку поактивна присутност на антиваксерите!

Фото: EUvsDisinfo

Зад наводната „фер борба“ на мислења стои опасен комплот на една сила која настојува да влијае преку социјалните мрежи на состојбите во многу чувствителна област. Од ова секако мора да се извлечат заклучоци и за пропагандата која постои на страната на антиваксерите и кај нас, посебно кај оние медиуми кои наседнуваат на приказната за еквивалентност на ставовите на антиваксерите и јавното здравство.

 

Овој напис е преземен од проектот “Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, кој е спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“ и ЕВРОТИНК. Проектот е финансиран од Европската Унија. Ставовите и мислењата изнесени во овој напис не секогаш ги одразуваат оние на ЕУ. Написите од „Критинк“ се слободни за преземање со наведување на изворот и без измени и кратења.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.