Напад со кривични пријави врз СЈО – феномен во правосудната практика

Законот предвидел можност за специјални судски оддели. Фото: Основен суд 1, Скопје

Поднесувањето кривични пријави против јавни обвинители во толку краток временски период е редок, поточно непознат феномен во правосудната практика, што познавачите го толкуваат како преседан и како организиран притисок.

 

Поднесувањето кривични пријави против јавни обвинители во толку краток временски период е редок, поточно непознат феномен во правосудната практика, што познавачите го толкуваат како преседан и како организиран притисок.

 

Пишува: Владо Ѓорчев

 

Бројката на кривични пријави против Специјалното јавно обвинителство (СЈО) достигна до 19. Според трендот, не е исклучено дека оваа бројка наскоро може да ја надмине бројката на предмети што се во надлежност на СЈО. Од Основното јавно обвинителство не откриваат против кого се поднесени пријавите. Се знае само дека подносителите се различни физички лица.

 

СИТЕ ПРИЈАВИ ОД ИСТ ЦЕНТАР

Адвокатот Александар Тортевски, за „Дојче Веле“ изјави дека нема дилема оти сите пријави се прават во ист центар.

Очигледна е намерата преку оркестриран притисок да се амортизира работатата на Специјалното обвинителство. Но, оние кои тоа го прават, треба да бидат свесни дека ова е „меч со две острици“. Подносителот на пријавата треба да знае дека ако нема основа за пријавата, врши кривично дело „лажно пријавување“. Инаку, сигурно е дека прашањата на обвинителите нема да им предизвикаат пријатни чувства на потенцијалните обвинети или на сведоците. Притоа, мора да се знае дека кај лица кои имаат, условно речено, помалку општествено опасни кривични дела, предочувањето на фактот дека нема да бидат обвинети ако бидат соработници на правдата, не е никаква изнуда или малтретирање. Таа можност е предвидена со законот. Ако обвинителите ја соопштуваат таа можност, тие не малтретираат некого, туку вршат со закон дозволени овластувања. Тоа не е противправно дејство. Тоа е исто како да обвините хирург за телесна повреда, затоа што при реализацијата на договорена операцијата употребил скалпел и ви направил рез, вели Тортевски.

Поднесувањето кривични пријави против јавни обвинители во толку краток временски период е редок, поточно непознат феномен во правосудната практика, што познавачите го толкуваат како преседан и како организиран притисок.

Универзитетскиот професор Гордан Калајџиев за „Мета“ вели дека не може да тврди дали биле пречекорени овластувањата од страна на обвинителите на СЈО, но самата бројка на поднесени пријави зборува за притисок врз Јанева и врз Специјалното обвинителство.

Иако не можам да тврдам дали имало пречекорувања или не, сепак, таквиот наплив на пријави за толку краток период и атмосферата во која се случуваат, укажува на злоупотреби од страна на структури во Министерството за внатрешни работи (МВР) на ВМРО-ДПМНЕ, кои заедно со Јавното обвинителство можат да се гледаат како еден фронт што врши притисок врз Специјалното обвинителство – вели Калајџиев.          

ПЕТ ФАЗИ НА КРИВИЧНАТА ПОСТАПКА

Во консултација со познати скопски адвокати направивме преглед на тоа како изгледа една кривична постапка.

Кривичната постапка во Република Македонија се дели во 5 фази:

  1. Подготвителна (предистрага и истрага);
  2. Обвинување;
  3. Главен претрес;
  4. Постапка по правни лекови и
  5. Извршување на пресудата.

Постапката пред судот може да биде редовна (кога обвинетиот се товари за кривично дело за кое би можело да му се изрече казна над три години затвор); скратена (до три години затвор) и казнена постапка спрема малолетници. Само редовната постапка ги има сите пет фази:

1.Преткривичната постапка ги опфаќа сите дејствија со кои државните органи настојуваат да го откријат постоењето на кривично дело и откривањето на неговиот сторител, обезбедувањето на доказите и пристапувањето кон формалната постапка. 

По својата природа, преткривичната постапка е управна и криминалистичка (криминалистичка кривична постапка). Со неа се означуваат сите активности на органите за внатрешни работи кои се насочени кон пронаоѓање на сторител на кривично дело, прибирање и доставување на докази до јавниот обвинител, кој понатаму одлучува дали истите се издржани и дали постапката ќе продолжи.

Субјектот против кого се води преткривичната постапка има својство на осомничен. Значи, тој не е обвинет, па ги има сите уставни права, доколку тие не се ограничени со одлука на истражниот судија (притвор, домашен притвор, забрани за патување надвор од градот, државата и сл.)

Во оваа постапка, МВР обезбедува доказен материјал и поднесува барање за спроведување кривична постапка до јавниот обвинител. Во оваа фаза можат да бидат преземени и некои истражни дејствија (привремено одземање предмети, претрес на дом и лице, увид, вештачење, задржување, лишување од слобода и притвор). Можно е дури и испитување, распит на лицето.

За да почне оваа фаза, не е потребно да постојат докази, туку доволно е да има индиции дека е извршено кривично дело.

Во фазата надлежни органи се МВР, јавниот обвинител и истражниот судија. Како главен координатор и давател на насоки за работата на МВР е јавниот обвинител. Кога МВР ќе дознае дека е извршено кривично дело, тоа по закон е должно да ги преземе сите мерки за наоѓање на сторителот, на соучесниците, да се обезбедат траги и предмети и да се соберат известувања.

Пред да се дојде до главниот претрес, постапката поминува низ претходната и постапката на покренување на обвинение. Во претходната постапка се пронаоѓа лицето за кое е најверојатно дека го сторило делото. Ако не се најде сторител, нема да има постапка. Значи, во оваа постапка, се собираат сите докази дека конкретно лице е сторител.

Врз основа на собраните докази и нивниот квалитет, судот одлучува дали ќе покрене или не кривично гонење. Според тоа, истрага може да се спроведе само кон лице за кое постои основано сомнение дека извршило кривично дело, а целта е да се соберат податоци и докази кои ќе овозможат покренување кривично гонење. Основано е само она сомневање кое се заснова само на докази.

2. Обвинувањето значи поднесување на обвинителен акт против некого. Него може да го поднесе само овластен тужител. Тоа значи дека кривичните дела за кои е можна затворска казна над три години се гонат по службена должност и нив секогаш мора да ги покренува полицијата, јавниот обвинител или истражниот судија, соодветно на тежината на делото, а ако делото се казнува со пониска казна, тогаш оштетениот може да ја покрене постапката, бидејќи државните органи не постапуваат по вакви дела (приватна тужба).

3. Главниот претрес е најважен стадиум, кога почнува кривичната постапка, која станува усна, јавна, непосредна и контрадикторна. На главниот претрес се вршат сите подготовки за главното судење, се до донесувањето на одлука. Во овој дел се изнесуваат сите собрани докази. Главниот претрес завршува со донесување и објавување на пресуда.

Главниот претрес го процесуира претседателот на судскиот совет, а за истиот се води записник.

4. Правните лекови ги опфаќаат правата на жалба пред второстепен и врховен суд. Овој институт овозможува одлуката на првостепениот суд да биде контролирана од повисок суд, заради избегнување на евентуална грешка или страв од пристрасно судење.

5. Извршувањето на постапката е можно само доколку одлуката е правосилна (судот пресудил), но и извршна (осудениот не се жалел, или се жалел, но пресудата е потврдена од повисок суд). Овој дел го извршува Управата за извршување на санкции при Министерството за правда.

ИЗВОРИ:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција