Напад врз бугарски политичар лажно претставен како да е врз Нетанјаху

Бенџамин Нетанајаху. Фото: K. Hildenbrand, L Preiss, M. Kuhlmann, L. Barth-Tuttas, CC BY-SA 4.0, Wikimedia Commons

Дезинформаторски Фејсбук-профил споделува клип од „напад врз израелскиот премиер“, но таму се гледа кириличниот натпис ДПС, што е назив на партијата на бугарскиот политичар од турско потекло Ахмед Доган, кој бил мета на тој напад снимен на 19.1.2013 г.

 

Дезинформаторски Фејсбук-профил споделува клип од „напад врз израелскиот премиер“, но таму се гледа кириличниот натпис ДПС, што е назив на партијата на бугарскиот политичар од турско потекло Ахмед Доган, кој бил мета на тој напад снимен на 19.1.2013 г.

 

Рецензираме објава од социјалната мрежа Фејсбук, која вели:

Објавено од CBS NEWS.

Во објавата е вметнат видеоклип со наслов на англиски јазик, кој во превод вели:

Бенјамин Нетанјаху беше нападнат од офицер од висок ранг во Израел.

Во клипот гледаме некаков напад или обид за атентат, но таму воопшто не е прикажан премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, туку се работи за дезинформација, што детално ќе објасниме.

Клипот прикажува јавен настан, кој се одржува во сала, на чија бина има говорница, а на неа со кирилични букви е напишано „ДПС“ (линк до скриншот), што е прва индиција дека тоа не се случувало во Израел, кај што се користи хебрејското писмо. Клипот не прикажува напад врз Нетанјаху, туку врз политичар од Бугарија – Ахмед Доган. Тој е од турското малцинство во Бугарија и е поранешен лидер на политичката партија Движење за права и слободи (ДПС). Подолу го приложуваме оригиналниот клип, кого објавата го злоупотребила.

Клипот е снимен на 19.1.2013 г., кога се одржала конференција на ДПС, на која Доган држел говор. Во текот на истиот, едно лице се качило на бината и му вперило пиштол на Доган. За негова среќа, пиштолот „откажал“, т.е. напаѓачот тоа го одглумил, затоа што не сакал да го убие Доган, туку само да го исплаши и понижи, а и тоа бил гасен пиштол, кој не е толку опасен како вистинските. Обезбедувањето тогаш го онеспособило напаѓачот, а тоа бил Октај Енимехмедов. Таа шокантна снимка тогаш стана вирална, па нам не ни требаше многу истражување и лесно ја препознавме во „клипот со Нетанјаху“.

Дезинформација е и тоа дека познатиот американски медиум CBS News објавил вест за таков напад врз Нетанјаху. Такво нешто кај CBS News нема. Што е за право, во долниот десен агол на тој клип во објавата е втиснато логото на CBS News, но нормално е ако тој медиум објавил снимка од нападот врз Доган во 2013 г., а тоа не значи дека снимката е од напад врз Нетанјаху.

Без никаква смисла, во клипот во објавата е надодадена песната „Dracula“ на Tame Impala (проект на австралискиот музичар Кевин Паркер), а сериозен медиум како CBS News сигурно не би ставил таква весела музика за танц врз смртно сериозни видеоснимки.

Клипот во објавата не е од CBS News, туку е од една сомнителна и дезинформаторска фејсбук-страница од Индија, која има мал број на следбеници, па тоа не е ниту релевантен, ниту кредибилен извор. Истото важи и за Фејсбук-профилот, чија објава тука рецензиравме, а него многупати сме го забележувале во ширење на дезинформации (види: тука, тука, тука, тука и тука).

Нетанјаху е сега во фокусот на вниманието заради војните во Газа, Либан и Иран, како и заради изборите, кои неодамна се одржаа во Израел, а објавата не прецизира кога бил снимен тој клип, кого таа го споделува, па некој гледач може да помисли дека се работи за новост. Но, клипот нема никаква врска со Нетанјаху и е стар дури 13 години.

За вакво лажно претставување на клипот со Доган пишувале и други проверувачи на факти низ светот: Reuters, Agence France-Presse, Lead Stories и Snopes.

Земајќи го предвид сето досега наведено, објавата ја оценуваме како невистинита.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција