Напади врз обвинители само врз еден исказ на поранешна јавна обвинителка, е најмалку некоректно

Фото: Мета.мк

Зборот некоректно во насловот на текстот е ставен како најблаг збор што може да се употреби кога сериозна политичка партија изразува стручни оценки и дисквалификации за активни јавни обвинители, од кои едната, Ристоска, е кандидат и за највисоката обвинителска функција, додека другиот, Бубевски, раководеше со најголемото – скопското обвинителство. Дотолку повеќе што двајцата застапувале обвинителни акти во претходни (од СЈО) или активни судски постапки против функционери на ВМРО-ДПМНЕ и партијата.

Зборот „некоректно“ во насловот на текстот е ставен како најблаг збор што може да се употреби кога сериозна политичка партија изразува стручни оценки и дисквалификации за активни јавни обвинители, од кои едната, Ристоска, е кандидат и за највисоката обвинителска функција, додека другиот, Бубевски, раководеше со најголемото – скопското обвинителство. Дотолку повеќе што двајцата застапувале обвинителни акти во претходни (од СЈО) или активни судски постапки против функционери на ВМРО-ДПМНЕ и против самата партија. За да може да се однесува така кон конкретни јавни обвинители, сериозна политичка партија, особено ако е на власт, треба да има поткрепа со легално утврдени факти. Сè друго, вклучувајќи го и сегашниот партиски став, може да се смета за политички притисок и мешање во независноста на обвинителската функција

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Интервју со поранешна јавна обвинителка, Лејла Кадриу, која два-три месеци била и обвинителка во СЈО од крајот на 2015 г. до почетокот на 2016 г., владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ го искористи како шлагворт за нов бран напади и врз поранешното специјално обвинителство (СЈО) и врз конкретни обвинители од таа институција.

Кадриу му се придружи на првиот состав на СЈО на покана од тогашната главна обвинителка Катица Јанева, но на почетокот на 2016 година таа и уште една обвинителка беа отпуштени од самата Јанева и се вратија во матичните обвинителства. Кадриу и порано и сега тврди дека била отпуштена затоа што не сакала да постапува незаконски во работата на СЈО, институција која силно ја критикува и обвинува – види ги нејзините интервјуа од 2022 г.(тука) и од 2026 г.(тука).

Но, интересно е, дека во еден од првите искази по отпуштањето во 2016 г., тврдеше дека работата течела редовно и дека „немало никакви несогласувања“ до моментот кога им било речено од Јанева да ги предадат предметите и да ја напуштат канцеларијата (види изјава тука).

 

Контекст

Исказите на поранешната обвинителка Кадриу може да ги оценуваат само директни сведоци од случувањата во тоа време во самото СЈО, особено пак самите обвинители, но непринципиелно и недоследно е само врз тврдењата на едно лице да се носи конечен заклучок за тоа како и што работело некогашното СЈО, што и на каков начин сработило, колку случаи завршиле низ целосна судска постапка и со каков квалитет се образложени и поткрепени пресудите, а конечно и кој сè правел опструкции во текот на работата и потоа кога законски згасна, но и кој конечно „им пресуди“ на случаите не само од СЈО со измените на Кривичниот законик од 2023 година, вклучувајќи го и главното Таргет -Тврдина.

Графички приказ на случајот „Таргет“ изработен од СЈО и прикажана на една од нивните прес-конференции. Фото: „принтскрин“

Тоа што некогашната прва личност на СЈО Катица Јанева во 2020 година во случајот „Рекет“ беше осудена за злоупотреба на службената положба и овластување на 7 години, а поврзано со случајот „Империја“, не може да биде основа да се изнесуваат политички квалификации за целото СЈО или за сите или пак, само за некои од јавните обвинители што го сочинувале или што ги работеле случаите.

Дотолку повеќе што тврдењата на Кадриу, може да се точни, но може и да треба дополнително да се проверуваат, затоа што некогашната јавна обвинителка прво била отстранета од самото СЈО, но подоцна во 2022 г. била и разрешена и од позицијата јавен обвинител во тетовското обвинителство.

 

Што тврди ВМРО ДПМНЕ?

Партијата на власт ова интервју на Кадриу го искористи да ги искаже следните обвинувања:

  • „Згаснатото СЈО работеше на раб на законот, најчести гости биле Зоран Заев, Радмила Шекеринска, советници на Оливер Спасовски, главна обвинителска двојка биле Ленче Ристоска и Гаврил Бубевски, буџетот се трошел за кафиња, лешници, за договори на роднини и пријатели на обвинителите од СЈО, како и на лица од СДС“
  • „Деталите говорат за тоа дека СЈО непотребно трошело милиони евра на граѓаните. За само два месеци во 2015 година биле потрошени милион евра, а за што очигледно треба да се отвори истрага“
  • „Главни во СЈО, според сведоштвото на Кадриу, биле Ленче Ристоска, претендент за државен јавен обвинител, и Гаврил Бубевски кој сакаше уште еден мандат во скопското јавно обвинителство“
  • „Ристоска и Бубевски во СЈО биле познати како лица кои не го почитуваат законот. Двајцата се радувале на присуството на Заев и Шекеринска во СЈО и примале од нив предмети не правејќи никаков записник. Во превод во овие предмети можел секој да земе документ и да додаде нов во секое време“.
  • „Или кратко кажано, Ристоска и Бубевски само глумат професионалци“
  • „Не само диктати во СЈО, имало обиди и за контрола врз судството кој да биде обвинет, колку лица да бидат во обвинение и кои. А според сведоштвото на Кадриу, на Владимир Панчевски тогашниот претседател на Кривичниот суд во Скопје му креирале лажен предмет“...

Во текот на денот ВМРО-ДПМНЕ одржа и прес на кој беа изнесени дополнителни обвинувања за финансиски злоупотреби (случајот со бонусите за СЈО).

Станува збор за многу сериозни обвинувања, кои партијата ги прифаќа и по малку ги „шминка“, а кои се темелат само врз исказ на една личност.

 

Инспирирано од премиерот Христијан Мицкоски

Ваквиот став на партијата кон поранешното СЈО, а особено и кон обвинителката Ленче Ристоска не е новина, но е инспириран од самиот врв на партија.

Причината е што ВМРО-ДПМНЕ, нејзини функционери, вклучувајќи го и поранешниот лидер и премиер Никола Груевски, беа обвинети или осудени во процеси што ги водеше СЈО, а некои што се уште активни е и процесот Талир 1, којшто пред судот го застапува обвинителката Ристоска, а кој треба да започне по 6-ти пат, иако обвинението и процесот започнаа уште во 2019 година.

Па така, негативниот став и кон СЈО и кон Ристоска, неодамна во јануари го изнесе и премиерот Христијан Мицкоски, кој без да ја спомене по име, ја оцени професионално Ристоска како медиокритет, а потоа одби да се извини, наведувајќи дека сама се препознала, бидејќи тој име и презиме не споменал (види повеќе тука).

Претходно, во септември лани, Ристоска, исто така, беше нападната од Мицкоски дека е обвинителка што земала голема плата поради нејзината обврска  – контакт точка со Европравда. Слична и долга е историјата и на критики и напади врз обвинителот Гаврил Бубевски, а едно од обвинувањата беше поврзано и со истрагата за трагедијата во Кочани, при што Бубевски беше обвинет од премиерот за кадар на СДСМ.

Како и да е, сериозните политички притисоци и напади врз некогашното СЈО од страна на сега владејачката партија се многу стари, од моментот на нивното формирање и првите предмети во кои се идентификувани како осомничени или обвинети функционери на ВМРО-ДПМНЕ. Сепак, иако мотивот е тука, проследен секогаш со оправдување – монтирани процеси – сериозна политичка партија не може да си дозволи напади и обвинувања за конкретни обвинители или за сите што биле дел од СЈО, само врз основа на исказ на една поранешна обвинителка која била дел од тој тим два-три месеци. Ваквите обвинувања се оправдани само ако имаат цврста основа врз факти, а тие се утврдуваат само на еден легален начин. Сè друго може да се смета како продолжен притисок врз независноста на обвинителската работа, што е притисок врз правосудството. Дотолку повеќе што Ристоска е еден од кандидатите за главен јавен обвинител, а Бубевски од 2022 г. го предводеше најголемото обвинителство – скопското.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција