Нападот врз Кримскиот мост значел дека Украина не сакала мир!?
Краток преглед на вестите од македонско говорно подрачје и од српско-хрватско говорно подрачје од регионот на Западен Балкан поврзани со последниот напад врз Кримскиот мост, упатуваат на заклучок дека иако најголем дел од медиумите известуваат во рамки на професионалните стандарди, сепак се среќаваат дезинформации блиски до руските пропагандни наративи кои се пласираат преку коментаторски и сензационалистички наслови
Краток преглед на вестите од македонско говорно подрачје и од српско-хрватско говорно подрачје од регионот на Западен Балкан поврзани со последниот напад врз Кримскиот мост, упатуваат на заклучок дека иако најголем дел од медиумите известуваат во рамки на професионалните стандарди, сепак се среќаваат дезинформации блиски до руските пропагандни наративи кои се пласираат преку коментаторски и сензационалистички наслови
Третиот напад врз Кримскиот мост – инфраструктурен објект пуштен помпезно во употреба во 2018 година од страна на рускиот претседател Владимир Путин, беше широко пренесен во медиумскиот простор во земјава и во регионот. Иако најголемиот број медиуми известуваа во рамки на коректното и етички прифатливо известување, еден од медиумите на македонски јазик и во насловот и во самата вест излезе де факто со коментар кој што на публиката и го продава како вест од дневно информирање за настаните околу војната во Украина, започната со руската агресија во февруари 2022 година.
Меѓу дневното информирање и дезинформација протната како вест
Ако се погледне збирот на вести што беа објавени на агрегаторите Тајм.мк и Грид.мк, на 3 и 4 јуни, може да се најде потврда на констатацијата околу коректното известување на медиумите на македонски јазик. Има ситни исклучоци и примеси на сензационалистичко известување за неизвесност на Крим (види тука), најчесто во насловите, што е карактеристика добро позната за дел од онлјан медиумите, кои на тој начин се обидуваат да стигнат до голем број посети на своите веб страници.
Сепак, од мноштвото вести се издвојува веста која уште во насловот има класична дезинформација, бидејќи станува збор за коментирање и оценка на медиумот: „УКРАИНА НЕ САКА МИР ЈА РАСПАЛУВА ВОЈНАТА: По стратешките аеродроми нападнат и Кримскиот мост“, гласи насловот на објавата.
Таква коментаторска оценка се наоѓа и во првиот пасус на веста во кој се наведува:
Украина постојано зборува за мир но, на терен се случува сосема спротивното. Напади врз витални објекти во Русија кои провоцираат уште посилни напади врз Украина.
Натаму во веста се пренесуваат детали за нападите врз руските аеродроми од каде полетуваат стратешките бомбардери со кои се вршат напади врз Украина, по што се оценува дека ваквите напади го подриваат авторитетот на американскиот претседател Доналд Трамп, кој успеал да ги убеди Русија и Украина да започнат разговори за мир, а го јакне влијанието на некои европски држави кои најавуваат свои војници во Украина, „што значи непосредно учество во украинската војна“.
Иако при крај на веста, кога се наведуваат деталите кога бил затворен и повторно отворен Кримскиот мост, се споменува и украинската независна агенција УНН, која, пак, известувала пренесувајќи го Телеграм каналот на групата „Кримски ветер“, не можевме да најдеме потврда дека коментаторскиот дел од насловот и од првиот пасус на веста биле емитувани на некој од овие два извори.

Вестите од регионот за нападот
Вистиномер ги прегледа и вестите на агрегаторот Tajm.rs (агрегатор кој собира вести од српско хрватското говорно подрачје од регионот на Западен Балкан), каде што, исто така, има збир на вести во текот на неколку дена каде што се споменува Кримскиот мост и таму ситуацијата е малку поразлична.
Се среќаваат и сензационалистички наслови, како што е овој или или, пак, овој кој е во голема мерка шпекулативен и наведува на убедување на читателската јавност дека станува збор за многу голема и масовна акција на Украина. Има наслови и вести како оваа во која се глорифицира украинскиот дрон со кој бил нападнат мостот, наслови, како овој тука, во кои преку известување на Би-Би-Си се шпекулира дека во нападот бил користен американски воен експлозив…
Но, има и наслови и извори на веста кои користат руска глорификација на успешната одбрана на мостот, како што е примерот наведен тука: „Како Русите денеска го одбранија Кримскиот мост од украинските камикази (Видео)“– гласи насловот на веста.
Веќе на 04.06.2025 г. од истиот медиум посочен во последниот пример, сепак се среќава исто така коментаторски и сензационалистички наслови, како што е на пример овој: „СЕ БИЛО ЗА ПРЕД КАМЕРИ! Нападот врз мостот бил само медиумски перформанс“.
Во самата вест изворот е поранешен пратеник на украинското собрание, наведен како јавна личност кој рекол дека нападот бил со мала количина експлозив и не нанел никаква штета врз мостот.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар