Направена само половична реконструкција на интернатот во Кавадарци

Работите треба да продолжат за да има „реконструкција“. Фото: Скриншот

Реконструкција на ученичкиот дом „Крсте Петков–Мисирков“

Со цел подобрување на ученичкиот стандард и овозможување пристоен живот во ученичките домови, ќе извршиме реконструкција на ученичкиот дом „Крсте Петков-Мисирков“ со поддршка на Владата на Република Македонија. (Рок на реализација: јули 2016 година)

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

Реконструкција на ученичкиот дом „Крсте Петков–Мисирков“, односно интернатот, во Кавадарци беше едно од ветувањата на актуелниот градоначалник на Кавадарци Александар Панов, на 22. страница од изборната програма со која како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ во 2013 година ја бараше довербата на жителите на општина Кавадарци. Ова ветување требаше да биде реализирано до јули 2016 година, но, досега (30.09.2016) е само делумно исполнето.

Во изборната програма на Панов се прецизира „реконструкција“, што секако опфаќа и други работи освен замена на подовите. А, како што гледаме во прилогот на телевизијата КТВ, само за таков зафат зборуваат и градоначалникот на Кавадарци и директорката на домот Трајанка Толева, при посетата на градоначалникот Панов на интернатот на 1 септември годинава (2016) .

Панов во изјавата вели дека е реконструиран подот со пари од општината и од Домот, односно потрошени се вкупно околу 400.000 денари, а за наредната година се планира да се набават и душеци.

… го сменивме комплетно подот во сите училници, односно во сите соби за децата, па и во канцелариите. Тоа беше договорено во една моја претходна средба со директорката, не само за новите паралелки за учениците од Академијата за кошарка, туку да не ги делиме другите деца и нешто ние како локална самоуправа да помогнеме за подобрување на овие услови. Се договораме и за наредни инвестиции. Јас ќе предложам на наредниот буџет дополнителни инвестиции околу набавка на душеци… (0.51 – 1.28 во видеото)

Во истата изјава Панов  кажува дека за идната година за домот ќе се планира истата сума, а можеби и поголема за најавената набавка – купување душеци.

… Ова е една од институциите која досега, според мое лично видување, беше во најлоша состојба, и затоа мојот поглед на инфраструктурата тука, на опременоста, не можеше да биде рамнодушен, и токму затоа предложив на Советот одредени скромни финансии за да помогнеме на ученичкиот дом. Износот за наредната година сигурно ќе биде ист, а можеби и поголем… (1.40 – 2.06 во видеото)

Директорката на ученичкиот дом, Трајанка Толева, исто така, вели дека е извршена реконструкција на подовите и не споменува други зафати. И таа вели дека за реконструкција на подовите во ходниците и собите се потрошени 400 илјади денари, како и дека останува да се реши проблемот со душеците.

Иако, го користи зборот „реконструкција“ еден друг ТВ прилог ни потврдува дека е извршена само замена на подот. Дознаваме и дека станува збор за површина од 400 метри квадратни.

Бидејќи реконструкција е крупен зафат кој опфаќа повеќе градежни и гардежно-занаетчиски работи поврзани со обновување на објектот (кров, прозорци и врати, ентериер…), а не само поставување на нов под,  ова ветување на Александар Панов го сметаме за  делумно исполнето.

 

ИЗВОРИ

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на текстот е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција