Додека Западот е во кавга околу Украина, поддржувачите на Кремљ слават кај нас
Проруските пропагандисти сега слават наводен „пораз на Украина“, но и Русија може да загуби територии со најавениот мировен договор, а ништо не е сигурно, зашто тој не е ни напишан, а камоли потпишан. Русија нема целосна контрола над анектираните области, а неуспешна е и нејзината лажна денацификација и демилитаризација – не паднаа ни Киев, ни Зеленски, а Украина е многу помилитаризирана и дури држи дел од Курската oбласт на Русија, па таа се надева на Трамп и на победа на преговарачката маса. Од неа е набркана ЕУ, небаре е недораснато дете, на што некои ликуваат, прикажувајќи ги Трамп и Путин како единствените „возрасни во собата“, но тие се однесуваат како „слонови во стакларница“
Проруските пропагандисти сега слават наводен „пораз на Украина“, но и Русија може да загуби територии со најавениот мировен договор, а ништо не е сигурно, зашто тој не е ни напишан, а камоли потпишан. Русија нема целосна контрола над анектираните области, а неуспешна е и нејзината лажна денацификација и демилитаризација – не паднаа ни Киев, ни Зеленски, а Украина е многу помилитаризирана и дури држи дел од Курската oбласт на Русија, па таа се надева на Трамп и на победа на преговарачката маса. Од неа е набркана ЕУ, небаре е недораснато дете, на што некои ликуваат, прикажувајќи ги Трамп и Путин како единствените „возрасни во собата“, но тие се однесуваат како „слонови во стакларница“
Пишува: Вангел Башевски
Уште на 10.5.2023 г. Доналд Трамп се фалеше дека ќе ја запре војната во Украина за „24 часа“ ако пак биде избран, а на 11.4.2024 г., нему блискиот генерал Кит Келог објави идеја како тоа би се извело. Трамп беше избран, но не го исполни тоа „експресно“ ветување, па се „шушкаше“ за мировен план, кој би се реализирал за 100 денови, но неговата веродостојност не беше потврдена.
Келог потоа говореше за мир за 180 денови, па сфативме дека јасен план нема и затоа тоа се одложувало. Планот дури сега почна да се развива, а ние можеме само да замислиме како тој ќе изгледа, врз основа на идеи како оние на Келог или прогнози на аналитичари и политичари.
Арно ама, проруските дезинформатори по социјалните мрежи се однесуваат небаре мировниот договор е веќе потпишан и печатиран кај нотар, па јавуваат дека е во полза на Русија, која со тоа веќе победила, a на штета на Украина, која со тоа ја загубила војната.
Тие ликуваат и за тоа што САД ја маргинализираат Украина и ЕУ на преговорите, па Володимир Зеленски дури одбива да ги признае, но ние ќе проанализираме каков би можел да биде исходот ако договорот сепак биде подготвен, прифатен и потпишан.
И Русија можеби ќе загуби територии
Првиот чекор во мировниот процес е направен со посредство на Саудиска Арабија во нејзината престолнина Ријад, а Зоран Јованчев од македонската проруска партија Родина околу тоа вели:
Народните републики Доњецк и Луганск, како и регионите Запорожје и Херсон остануваат дел од Русија.
Русија на овој самит во Ријад е како земја победник, тоа да не се заборави.
Лидерот на, исто така, проруската партија Единствена Македонија, Јанко Бачев, додава:
Идејата на Путин за новата реалност: руска анексија на четири украински региони (статусот на Крим за Москва е апсолвирано прашање)
Резиме: Путин си зема земји од Украина
Зоран Јовановски, дигитален автор близок до руската амбасада вели дека Украина:
Најпрво ќе биде поделена (и е веќе) како казна за досегашната непослушност спрема Русија
Тодор Петров од Светскиот македонски конгрес заклучува дека Украина мора:
да ја признае територијалната реалност на теренот.
Реалноста за Русија е лоша. На 30.9.2022 г. Владимир Путин илегално ги анектираше украинските области: Донечка, Луганска, Запорошка и Херсонска, но без да ги заземе во целост, па анексијата му е во голема мера само на хартија, што му создава огромен проблем.
Путин не го зазеде Запорожје, а на 11.11.2022 г. го загуби Херсон, кои по устав и закон ги води како „градови во Русија“, па ако мировниот договор предвидува секој да го задржи само она што реално го контролира, Русија ќе мора да заборави на тие „нејзини“ територии. Тоа важи и за Славјанск, Краматорск и други донбаски градови врз кои претендира т.н. Донечка Народна Република (ДНР).
Во таков случај, Русија, каква што ја гледа Путин, ќе биде поделена, а тие „руски градови“ тој ќе може да ги гледа само со двоглед преку бодликава жица. Прогнозите се дека состојбата на фронтот ќе се „замрзне“, а не и дека ќе има трансфер на територии од украинска под руска контрола. Русија е суперсила, па оваа загуба ќе биде голем удар за нејзиниот углед.
Што е за право, трансфер нема да има ни од руска под украинска контрола, но Украина не е суперсила, па разбирливо е таа да има потешкотии. И, украинските територии, кои Русија ќе ги задржи, Украина нема да ги признае како дел од Русија.
Зеленски тоа го одбива, а анексијата е ништовна и според Резолуцијата ES-11/4 на ООН. Украина и натаму ќе ги смета тие територии за привремено окупирани, но договорот може ќе ѝ забрани идни обиди за враќање на тие територии, било со воени, било со дипломатски напори. Но, тоа може ќе се смени кога Путин веќе ќе го нема. И, тоа што Крим за Москва е „апсолвирано прашање“ не значи ништо, зашто сè уште важи Резолуцијата 68/262 на ООН, според која Крим е Украина.
Украина не ја загуби војната
Околу мировните преговори меѓу Трамп и Путин, една објава на Фејсбук вели:
Украина ја загуби војната, па затоа ќе мора да прифатат што и да одлучат Русија и САД
Ако Украина ја загубила војната, како тоа Путин ја добил? Тој не ја оствари зацртаната „денацификација“ (соборување и лустрација на власта во Киев, која лажно ја прикажува како „нацистичка“), ниту зацртаната демилитаризација (ослабување на украинските сили).
Напротив, Путин нанижа куп порази: битките за Киев и Харков во февруари-мај 2022 г. и потопувањето на крстосувачот Москва на 14.4.2022 г., а наесен следеше и загуба на делови од Харковската и Херсонската Област сосе Херсон, единствениот областен центар кого Путин успеа да го заземе во сеопфатната инвазија, започната на 24.2.2022 г.
Зеленски не е соборен, а Украина не е демилитаризирана, туку уште помилитаризирана, со моќно западно оружје и поголема војска од порано, која во август 2024 г. дури зазеде дел од Курската област на Русија, а таа уште не може да ги набрка Украинците оттаму. Тоа е прв странски воен упад во Русија по 1941 г. и тоа од ненуклеарна држава.
Путин нема големи воени успеси, туку само по мали места низ Донбас како Курахово и сл., па преку Трамп, кој му е наклонет, се надева да ѝ наметне на Украина да се откаже од територии, да се повлече од Курската област, да ја скуси војската, да не влегува во НАТО и да одржи избори, со надеж дека Зеленски ќе ги загуби. Но, за Украина тоа не би било губење на војната, туку пораз на преговарачката маса. И, заслужен за тоа не би бил Путин, туку Трамп.
Договорот сигурно ќе бара повлекување од Курската област, но тоа не е воена победа за Путин, а и ќе забрани влез во НАТО, што пак не е победа, зашто некои членки секако не сакаат да ја примат Украина. Франција и Германија биле против тоа во 2008 г., кога за тоа имало шанса. И, НАТО е секако на руските граници: Норвешка (од 1949 г.), Полска (1999), Балтикот (2004) и Финска (2023).
Слонови во стакларница и деца во слаткарница
САД ја маргинализираат ЕУ и Украина на преговорите, иако таа загуби илјадници граѓани во руската агресија и во борбата против неа, а ова се случува во предворјето на ЕУ, па и таа е засегната од руската закана (особено Балтичките земји, Полска и др.) и има што да каже на преговорите. Но, еден симпатизер на Трамп се потсмева со тоа, па вели:
Украина: Уауууууу и ние сакаме на масата за преговори! Уаааааауууууу!
Европа: Уауууууу и ние сакаме на масата за преговори! Уаааааауууууу!
Трамп: Ајде бегајте таму, сега возрасните разговараат. Децата на маса за деца. Сус таму!
Иако оваа објава повикува на зрелост, таа не делува баш зрело, а истото важи и за однесувањето на Трамп и Путин, кое потсетува на „слонови во стакларница“.
Путин започна најголема војна во Европа по Втората светска, разурнувајќи ја и масакрирајќи ја Украина, а само што влезе во Овалната соба, Трамп веднаш почна со груби и недипломатски испади кон Канада, Данска, Панама и други земји, и тоа главно сојузнички, за кои дури изразува територијални претензии, со што го поремети сиот светски поредок.
Трамп жестоко ги критикува европските сојузници, особено заради нивните слаби вложувања во одбраната, што држи, па дури не исклучува излез од НАТО. На Украина, пак, Трамп ѝ наметнува договор, кој повеќе личи на барање за воена отштета, какви што добивала Германија по светските војни, небаре Украина ја нападнала Америка, па Зеленски тоа не го потпиша, исто како што одби да ги признае преговорите ако во нив е маргинализиран.
Трамп сега го напаѓа Зеленски, нарекувајќи го диктатор, слично на тврдењата и кај нас дека „на Зеленски му завршил мандатот“ и дека не смее да преговара, но по чл. 11 став 3 од Законот за воена состојба на Украина, мандатот во такви услови се продолжува.
На состанокот во Ријад, што е само прв чекор во преговорите, тимот на Трамп веднаш ѝ направи сериозни отстапки на Русија, што е крајно непрофесионално. Но, Трамп е непредвидлив и противречен, па тој во првиот мандат дури ѝ (про)даваше оружје на Украина (ракетни фрлачи Џавелин и др.).
Наративот дека Трамп и Путин се „возрасните во собата“ е лажен, а од сета мешаница, која ја видовме досега, не може да се извлече јасен заклучок и да се слават нечии победи, а нам само ни останува да видиме како нештата ќе се развиваат понатаму.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар