НАСА не ги класифицира вакцинираните против ковид како нов, генетски модифициран човечки вид

Фото: Принтскрин видео

Терминот „хомо борг генезис“ не може да се пронајде во ниеден јавно достапен документ на НАСА, а агенцијата ги демантира наводите од видеото во постот што го рецензираме. Сајтот на НАСА не дава ниту еден резултат кога ќе пребарате  „хомо борг генезис”. Дури и кога на пребарувачот Гугл ќе се пребараат сите американски владини сајтови, не се добива ниту еден резултат

Терминот „хомо борг генезис“ не може да се пронајде во ниеден јавно достапен документ на НАСА, а агенцијата ги демантира наводите од видеото во постот што го рецензираме. Сајтот на НАСА не дава ниту еден резултат кога ќе пребарате „хомо борг генезис”. Дури и кога на пребарувачот Гугл ќе се пребараат сите американски владини сајтови, не се добива ниту еден резултат

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во кој се споделува напис од сајтот Коловрт и се вели:

Постојат документи кои повеќе не ги вклучуваат вакцинираните во хомо сапиенс, туку во видот хомо борг генезис! Тврди американски адвокат! ВИДЕО.

Во текстот на Коловрт се тврди дека познатиот американски адвокат Тод Календер кој го тужел Министерството за одбрана на САД, изјавил дека постојат доверливи документи кои наведуваат дека вакцинираните луѓе повеќе не се хомо сапиенс, туку „хомо борг генезис“. Текстот продолжува со објаснувањето дека зборот хомо значи човек, а борг суштество со колективна свест што се контролира однадвор, а дека зборот генезис значи создавање, па така според оваа неверојатна кованица, хомо борг генезис означува „создаден човеколики борг“.

Во написот се додава и дека според извесен закон за патенти, сите кои се вакцинирале сега се имот на носителот на правото на тој патент и дека кривичниот законик не ги штити таквите луѓе, зашто тие веќе не се луѓе туку „генетски модифицирани суштества“.

 

Кој е Тод Календер?

Адвокатот Календер уште од поодамна шири разни теории на заговор и тврдења за кои нема втемеленост во фактите, како на пример дека лицата кои се вакцинирани против ковид-19 ќе добијат СИДА, што е исто така невистинито. Вистиномер веќе го дебанкираше таквото тврдење овде.

Календер застапуваше двајца припадници на Националната гарда кои го тужеа американското Министерство за одбрана, тврдејќи дека тоа не може да ги присили на вакцинација против ковид-19. Во 2022 година, судијата го отфрли случајот, а на таквата одлука следуваше жалба.

Во видеото, што е составен дел на текстот на Коловрт, Календар вели:

Хомо борг генезис е видот со којшто ги нарекуваат вакцинираните луѓе и го користам терминот вакцинирани условно, но всушност се работи за генетски модифицирани луѓе за кои сега се користи терминот хомо борг генезис, а не хомо сапиенс. Тоа може да го видите на втората страница во истражувачкиот документ на НАСА Лангли за петтата генерација на војна. Тие велат, подлуѓе и боргови. Така што, тие веќе кажаа дека луѓето нема да бидат хомо сапиенс. (од 4 минута и 28 секунда до 4 минута и 58 секунда во видеото).

Лангли истражувачкиот центар со седиште во Вирџинија е формиран во 1917 година како првата цивилна аеронаутичка лабораторија во САД. Исто така, спроведува студии за Земјата, во области како квалитет на воздухот, климатски и атмосферски состав. Со други зборови, не се фокусира на војна, медицина, биологија, човекови права или пак, со наводното прекршување на тие дисциплини, како што невистинито се тврди во видеото.

Лицето за односи со јавност и медиуми при НАСА Лангли Истражувачкиот центар, Април Филипс, за проверувачите на факти на Лид Сторис, на 11 октомври годинава изјави:

Она за кое човекот зборува, нема никаква втемеленост во фактите. Не знам од каде ја добил идејата дека НАСА Лангли спроведувал истражувања за нешто вакво, ама станува збор за комплетна невистина. 

НАСА не ги класифицира луѓето кои се вакцинирани против ковид-19 како нов, генетски модифициран човечки вид. Терминот „хомо борг генезис“ не може да се пронајде во ниеден јавно достапен документ на НАСА. Сајтот на НАСА не дава ниту еден резултат кога ќе пребарате  „хомо борг генезис”.Дури и кога на пребарувачот Гугл ќе се пребараат сите американски владини сајтови, не се добива ниту еден резултат.

Директорот за историја и информациски услуги на НАСА, Боб Јакобс, за Лид Сторис на 6 октомври изјавил:

Сигурен сум дека не сме ја смениле класификацијата на луѓето.

Во текстот што го рецензираме се вели и дека според извесен закон за патенти, сите кои се вакцинирале сега се имот на носителот на правото на тој патент и дека кривичниот законик не ги штити таквите луѓе зашто тие веќе не се луѓе туку „генетски модифицирани суштества”.

По вакцинацијата луѓето остануваат луѓе и не стануваат никаква сопственост на патент! Човекот што ќе се вакцинира останува човек, исто како и невакцинираниот, а не трансчовечка личност, што и да значи тоа.

мРНК од вакцините не останува во човековото тело засекогаш, туку се разградува и телото се ослободува од него за најмногу 72 часа.

Нема докази дека на луѓето кои се вакцинирани ниту сега, ниту во иднина ќе им бидат одземани човековите права. Ова лажно тврдење најверојатно се темели на погрешното разбирање на науката користена во развојот и дејствувањето на ковид-19 вакцините.

Во врска со ова сервисот за проверка на факти на „Ројтерс“ во март оваа година напиша:

Во мРНК вакцините наместо да се користи мртов вирус, се тренира имуниот систем со единечен протеин. Спротивно на лажните тврдења, нема да ве претвори во ГМО, не навлегува во јадрото на клетките на телото, не доаѓа до интеракција со вашата ДНК и не може да предизвика промена на геномот, напиша Марк Линас, во текст на Cornell Alliance for Science во декември 2020 година

Проверувачите на факти од хрватски Фактограф, исто така ги дебанкираа тврдењата изнесени во видеото во постот, со оглед на тоа што станува збор за видео кое доживеа широка распространетост на повеќе јазици на Фејсбук. До слични сознанија дојдоа и проверувачите на Факта.

Српски Истиномер, терминот хомо борг генезис го нарекува нов поим во теориите на заговор.

Дополнително, во видеото од постот што го рецензираме, адвокатот Календер наведува дека откако дознал „го тужел американското Министерство за одбрана“ (Department of defense н.з.). Од 3 минута и 22 секунда, до 3 минута и 34 секунда тој вели:

Во суд го поставив прашањето, дали е точно дека луѓето на кои им се дадени мРНК инјекции, всушност сега се сопственост и своина на носителот на патентот? Она што е интересно е дека ни Министерството за одбрана ни Агенцијата за храна и лекови на САД (ФДА) не го негираа тоа.

Јавно достапните судски записи и досиеја, не го поткрепуваат филмскиот наратив на Календер.

Со увид во документите достапни на сајтот за јавен пристап до електронската евиденција на судот (PACER), Лид Сторис пронашле само еден случај во кој Тод Календер се наведува како дел од адвокатскиот тим на тужители. Во конкретниот случај, не се споменува дека „вакцинираните луѓе се имот на носителот на патентот на мРНК вакцините”, ниту пак, дека станува збор за „хомо борг генезис”.

Во тужбата се вели дека тужителите, откако прележале ковид-19, ја поднесуваат тужбата против Министерството за одбрана на САД, барајќи пресуда дека истото не може да ги натера да се вакцинираат против ковид 19 во склад со постоечките воени прописи, закони и Уставот на САД.

Тужбата е одбиена во јануари 2022 година по што таквата одлука била обжалена. Правни списи, парници или судски документи во кои се споменува ,,хомо борг генезис” не постојат.

Поради сите горенаведени факти, постот што го рецензираме го оценуваме како невистинит.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција