Наслови на српски портали „почнаа војна“ меѓу Македонија и Грција

Црногорскиот сервис за борба против дезинформациите и за проверка на фактите, raskrinkavanje.me се зафатил со неколку објави во српски онлајн-медиуми во врска со надгледувањето на македонското небо од страна на Грција. Всушност, проблемот со ваквите содржини е во заведувачките наслови, кои упатуваат на сосема други заклучоци, а не на она што, всушност, го има во текстовите.

Текстот првично објавен на порталот Alo.rs кон крајот на минатата година, потоа бил целосно преземен од неколку медиуми кои објавуваат на српски или на бошњачки јазик. Тој е објавен и преобјавен е со наслов „ГРЦИТЕ ГО ЗАЗЕМААТ ВОЗДУШНИОТ ПРОСТОР НА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА: Полетаа грчките ловци, министерството за одбрана веднаш реагираше“.

Текстот се однесува на прелетите на грчки авиони-ловци во рамките на договорот за Air Policing, односно надгледување и заштита на воздушниот простор на Северна Македонија, кога ќе стане членка на НАТО.

Иако во текстот целта на прелетите е добро објаснета, сепак во насловот се изнесува дезинформација, односно читателите со таквиот наслов се доведуваат во заблуда дека над Македонија се одвива судир меѓу нашата земја и Грција, поради што и дошло до одбранбена реакција од македонското министерство за одбрана, пишува raskrinkavanje.me.

(meta.mk)

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција