Насловот предупредува дека афтите се „сериозна здравствена состојба“, а текстот вели дека не се
Во насловот се вели дека ќе бидете предупредени за сериозна здравствена состојба, но таквите состојби иако постојат (наведени на сајтот на Мајо Клиниката), во текстот од објавата што ја рецензираме не се посочени и во него на две места се вели дека афтите не се опасни по здравјето
Во насловот се вели дека ќе бидете предупредени за сериозна здравствена состојба, но таквите состојби иако постојат (наведени на сајтот на Мајо Клиниката), во текстот од објавата што ја рецензираме не се посочени и во него на две места се вели дека афтите не се опасни по здравјето
Рецензираме објава на Фејсбук во која се најавува дека ќе читате текст со наводно предупредување за сериозна здравствена состојба.
Насловот на текстот гласи:
Дали ги имате овие рани на устата? Ве предупредува за сериозна здравствена состојба.
Но, кога ќе се кликне на текстот, се наведува токму спротивното од она во насловот и најавата – дека афтите за кои се пишува не се сериозна здравствена состојба и не се предизвикани од опасна болест како што би можело да се помисли од насловот и содржината на постот.
Во два наврати во текстот, се наведува дека афтите не се заразни и дека не се опасни по здравјето спротивно на наведеното во насловот. Како причини да се појават во текстот, се наведува семејната историја, повреди од четки за заби и бонбони, грицки или некое друго туѓо тело, корозија од зачинета, кисела или многу солена храна, хормонални промени и стрес, недостиг на витамин Б и минерали како железо, цинк или фолна киселина, намален имунитет, алергии и некои лекови.
Ниедна од наведените причини во текстот за појавата на афтите не претставува „сериозна здравствена состојба“. Во текстот испочитувано е правилото да им се препорача на граѓаните консултација со лекар и неослонување на алтернативната медицина без стручен медицински совет, меѓутоа самиот наслов е „клик-бејт“ односно за да се натера читателот да пристапи до содржината, афтите се претставени како последица на „сериозна здравствена состојба“. Како некои помошни методи за обид да се ублажат симптомите на афтите се наведени сода-бикарбона, капки од прополис и гаргара.
Инаку, кога ќе се консултира стручната литература и страниците на сериозните медицински организации и болници во светот, на пример Мајо Клиниката во САД, таму е наведено дека афтите може да се последица на сериозна болест, наспроти она што го пишува во текстот на објавата што ја рецензираме. Болестите што може да се причинител на афтите, воопшто во текстот од објавата ги нема и не се наведени. Но, на сајтот на Мајо клиниката се наведени и тие се целијаклија (предизвикана од сензитивност на глутен), кронова болест, улцеративен колитис, Бехчетова болест (ретка болест којашто предизвикува воспаленија во телото вклучително и устата) и ХИВ/СИДА.
Но, во ситуациите каде што не постојат овие болести, секој може да развие афти, особено во тинејџерските и младите години, а тие се почести кај женската популација. Честопати луѓето што ги имаат, имаат фамилијарна историја на појава на афтите, или поради наследниот фактор или поради фактори во средината како заедничката храна и алергените.
Точната причина за појава на афтите останува непозната, иако истражувачите се сомневаат дека комбинација на фактори води до нив. Можни тригери за афти се мала повреда на устата од заболекар, пресилно миење на забите или ненамерно гризнување на образот, пасти за заби и за плакнење уста со содиум лаурил сулфат, чувствителност на храна, посебно на чоколадо, кафе, јагоди, јајца, сирење и кисела или лута храна, недостиг на Б12 витамин, цинк, железо или фолна киселина, алергиска реакција и емоционален стрес, се наведува на сајтот на Мајо Клиниката.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како објава во која се пропушта контекстот. Во насловот се вели дека ќе бидете предупредени за сериозна здравствена состојба, но таквите состојби иако постојат (наведени на сајтот на Мајо Клиниката), сепак во текстот од објавата што ја рецензираме не се посочени и во него на две места се повторува дека афтите не се опасни по здравјето. Наведеното во текстот е контрадикторно со она што е наведено во насловот и асоцира на „клик-бејт“.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар