Настан на Метаморфозис: Дезинформациите против вакцините за ковид-19 и како да се справуваме со нив

Фондацијата Метаморфозис одржа онлајн настан, каде беа претставени активностите и постигнувањата на проектот со наслов „Рапиден одговор на вакциналните дезинформации“, кој Метаморфозис од Скопје го спроведуваше преку своите дигитални изданија Вистиномер, Мета и Порталб, а кој беше помогнат од Балканскиот фонд за демократија. Проектот резултираше со завршен документ кој содржи преглед на сите различни видови дезинформации и заклучоци и препораки за новинарите, истражувачите, но и за сите оние кои сакаат да навлезат подлабоко во светот на дезинформациите за ковид-19 и вакцините против ковид-19

Фондацијата Метаморфозис одржа онлајн настан, каде беа претставени активностите и постигнувањата на проектот со наслов „Рапиден одговор на вакциналните дезинформации“, кој Метаморфозис од Скопје го спроведуваше преку своите дигитални изданија Вистиномер, Мета и Порталб, а кој беше помогнат од Балканскиот фонд за демократија. Проектот резултираше со завршен документ кој содржи преглед на сите различни видови дезинформации и заклучоци и препораки за новинарите, истражувачите, но и за сите оние кои сакаат да навлезат подлабоко во светот на дезинформациите за ковид-19 и вакцините против ковид-19

 

 

Вакцините ја менуваат ДНК структурата, се вакцинираат единствено неверниците, вакцините содржат чипови, а луѓето кои си ги вакцинираат своите деца, всушност ги продаваат на ѓаволот.

Ова се само мал дел од дезинформациите поврзани со ковид-19 и со вакцинацијата, а кои се ширеа на социјалните мрежи, и во мал дел медиуми во текот на пандемијата со коронавирусот.

Денеска, Фондацијата Метаморфозис одржа онлајн настан, каде беа претставени активностите и постигнувањата на проектот со наслов „Рапиден одговор на вакциналните дезинформации“, кој Метаморфозис од Скопје го спроведуваше преку своите дигитални изданија Вистиномер, Мета и Порталб, а кој беше помогнат од Балканскиот фонд за демократија, иницијатива на Германскиот Маршалов Фонд од Вашингтон.

Овој проект се спроведуваше во периодот јуни 2021 до февруари 2022 година, а резултираше со завршен документ, „Фактите, упорноста и постојаноста се најважните оружја во борбата против вакциналните дезинформации“, кој претставува преглед на активностите од областа на проверката на факти на дезинформациите за вакцините, како и бројните објавени теми и експлејнери, исто така, поврзани со дезинформациите за вакцините и ковид-19.

Главниот уредник на Вистиномер, Владимир Петрески, вели дека проектот бил од исклучително значење, бидејќи се спроведувал токму во период кога се појавија новите соеви на коронавирусот, а вакцинацијата во земјава беше во стагнација.

Се обидовме да воведеме иновативни техники и соработка со различни здруженија, и со тоа да го засилиме ширењето на вистината кога станува збор за дезинформациите за вакцините. Сметам дека тие проверки на факти имаа и сериозен импакт врз вакцинацијата во земјава. Имавме и директна соработка со Министерството за здравство, односно отворивме Viber и Whatsapp групи за поставување прашања, каде имаше и колеги од други редакции, со цел да се проверуваат фактите. Сето ова придонесе да се забрза процесот на проверка, рече Петрески. 

Според него, нивото на дезинформации за ковид и за вакцинацијата е различно кога станува збор за социјалните мрежи и за медиумите. Кај медиумите нивото на дезинформации е многу пониско, а  највирални се објавите на социјалните мрежи, па радува фактот што Фејсбук е мошне ригорозен во однос на ова, односно постои посебен прирачник за ковид дезинформации кој е многу строг и се бришат голем дел од објавените невистини.

Доктор Александра Геогргиева, претседател на Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари, ги сподели искуствата од својата редовна работа, односно искуствата стекнати во комуникацијата со пациентите, како и при консултирањето во рамките на проектот. Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари постојано беше во контакт со проверувачите на факти и со нивната помош и експертиза беа изработени повеќе од 60 проверки.

Мирослава Бурнс, постојан соработник и новинар во Вистиномер, ги посочи главните типови дезинформации во врска со ковид вакцинацијата и коронавирусот, кои се ширеле во јавноста.

Има одредени профили со специјална намена, кои се наменети само за ширење дезинформации и тие имаат голема виралност и влијание, односно имаат моќ да ја засилат перцепцијата дека овие информации се вистинити.

Во однос на типовите на дезинформации, се соочивме со информации за вакцините и децата, која е сензитивна тема, наративите беа жестоки, се игнорираа препораките и се користеше апелот „родителите да не ги даваат децата на ѓаволот“, се тврдеше дека ковид не ги напаѓа децата и се објавуваа фотографии од наводно починати деца од вакцинацијата, за кои подоцна се испостави дека станува збор за фотографии од труење со јаглероден моноксид во странска држава.

Дезинформации се ширеа и со користење на религијата, со наративот дека само неверниците се за вакцинација и си ги даваат своите тела на ѓаволот, доколку примат вакцина, рече Бурнс. 

Најопасните дезинформации, сепак, рече Бурнс, се оние со кои се споделуваат непроверени лекови и рецепти за справување со ковид-19 или кои наводно се препорачуваат да се примаат по вакцинацијата, како на пример 40-дневен пост на вода, со цел телото да се детоксифицира по примената вакцина, нешто што сериозно може да го загрози човековото здравје.

Финалниот документ,Фактите, упорноста и постојаноста се најважните оружја во борбата против вакциналните дезинформации содржи преглед на сите овие различни видови дезинформации со кои се сретна проектниот тим при проверката на факти, а содржи и заклучоци и препораки за медиумските професионалци, истражувачите, но и за сите оние кои сакаат да навлезат подлабоко во светот на дезинформациите за ковид-19 и вакцините против ковид-19.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција