НАТО и „парамилитарните кримоси“ во Арачиново – класична дезинформација

Арачиново. Фото: скриншот

Станува збор за анти-НАТО дезинформациска реторика насочена кон поткрепа на програмските цели и дејствувањето на партијата Левица, која создава/шири дополнителна недоверба во институциите на државата („недопирливи“), но и во меѓуетничките односи, зашто може да се поврзе и со настаните од јуни 2001 година. Тврдењето кое како утврден факт беше пренесено на некои онлајн медиуми со сензациолистички наслов ЕВЕ ЗОШТО СЕ НЕДОПИРЛИВИ „КРИМОСИТЕ“ ВО АРАЧИНОВО…, беше искористено и како пледоаје за кривичната пријава што ја поднесе Левица ден подоцна

Станува збор за анти-НАТО дезинформациска реторика насочена кон поткрепа на програмските цели и дејствувањето на партијата Левица, која создава/шири дополнителна недоверба во институциите на државата („недопирливи“), но и во меѓуетничките односи, зашто може да се поврзе и со настаните од јуни 2001 година. Тврдењето кое како утврден факт беше пренесено на некои онлајн медиуми со сензациолистички наслов ЕВЕ ЗОШТО СЕ НЕДОПИРЛИВИ „КРИМОСИТЕ“ ВО АРАЧИНОВО…, беше искористено и како пледоаје за кривичната пријава што ја поднесе Левица ден подоцна

 

 

Класична дезинформација е пласирана во изјава на Фејсбук профил на портпаролот на Левица, Реџеп Исмаил, во врска со парамилитарни групи во РСМ, поточно во Арачиновo:

Не знам што е чудно во НАТО земја да се недопирливи криминалните групи како во случајот со Арачиново – па НАТО ги создава тие парамилитарни кримоси, нормално дека за држава се недопирливи.

[Извор: Реџеп Исмаил – Фејсбук профил – датум: 5.12.2022]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Во постот што го рецензираме конкретно се прави поврзаност помеѓу НАТО, Македонија како членка на НАТО и парамилитарни криминални групи, поврзани со еден неодамнешен инцидент во Општина Арачиново, но за ништо од тоа не се нуди макар збор поткрепа.

Станува збор за дезинформација од неколку причини. Првата и основна е дека самиот извор на пораката – портпаролот на парламентарната политичка партија Левица, Реџеп Исмаил, буквално „од ракав“ како што се вели, изрекува констатација, која не е поткрепена со ниту еден аргумент, факт, полуфакт, индиција, што било. Имајќи предвид дека дел од програмската ориентација на неговата партија е анти НАТО, тоа и не е за чудење, но, сепак, тоа не ги брише последиците од оваа дезинформација кои се адресираат ем кон НАТО, ем кон РС Македонија, но и кон меѓу етничките односи во државата.

Еве ги фактите што можат да се најдат во последните неколку дена во јавниот простор за овој инцидент.

Инцидентот се случил на 30.11.2022 година во доцните вечерни часови, а веќе утредента на 01.12. јавниот простор беше преплавен со вести без извор, неофицијални извори, итн., дека по запирањето на возилото од страна на полициска контрола на влезот во Арачиново, возачот се спротивставил на контролата, заминал во правец на Арачиново, па се вратил со вооружена група, која им наредила на полициските офицери да го напуштат местото. Ден подоцна, на 02.12. и најголемата парламентарна политичка партија, во опозиција, ВМРО-ДПМНЕ, преку нивниот портпарол Наум Стоилковски информира дека станува збор за „тежок скандал“, дека „криминалци бркаат полицајци“, дека „бандитизмот зема замав“ и дека сето тоа се случува „заради самоволието и инволвираноста на Спасовски, СДС и ДУИ во нивното покривање на штета на полицијата, но и на општата безбедност и јавен ред и мир.

Истиот ден министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, вели дека Крим полицијата и Одделот за внатрешна контрола работат врз случајот и дека треба да се почекаат резултатите, иако додава, пренагласено е дека тоа било со оружје, но да видиме што ќе излезе на крај. Прво да видиме кој е случајот, за да знаеме што точно се случило, па после да можеме да разговараме за се друго.

Ден потоа, на 03.12.2022 година, МВР излегува со информација дека внатрешната контрола и крим полицијата ги утврдиле фактите и оти станува збор за комплетна дезинформација дека вооружена група нападнала полицијаци и ги приморала да се повлечат:

Jа известуваме јавноста дека комплетна дезинформација се објавите дека полициски службеници биле нападнати во општина Арачиново. Од извршените проверки е утврдено дека на 30.11.2022 тројца полициски службеници запреле возило „фолксваген“, управувано од малолетник, но не ги презеле потребните службени дејства, за што против нив се изготвени иницијативи за дисциплинска постапка, а во извршените службени разговори тројцата полициски службеници негираат дека било кој им се заканувал или вршел притисок врз нив. Затоа, апелираме пред да се проверат фактите да не се објавуваат дезинформации со кои се вознемируваат граѓаните.

Во врска со случајот, утрово во Полициско одделение Арачиново е повикан 17-годишниот малолетник заедно со неговиот родител, двајцата од с.Сарај, скопско, поради основано сомнение за сторен прекршок по чл.225 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и по извршен службен разговор, малолетникот го појаснил стореното дело. Против малолетникот е поднесен поднесок за констатиран прекршок за управување на моторно возило без возачка дозвола, а против родителот поднесок за сторен прекршок по чл.317 ст.14 од истиот закон, поради тоа што му дозволил на малолетникот да го управува возилото без дозвола – се вели во официјалното соопштение.

Но, тоа не ја спречи опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ да го тврди спротивното, па истиот ден повторно ја преплавија јавноста со соопштение дека Спасовски се ставил на страна на криминалците, дека ги напуштил полициските офицери и дека самиот тој е „безбедносен проблем“. На 04.12.2022 година полицијата изведува акција на проверка на кафулиња во Арачиново, а истиот ден лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски дава изјава дека точно знаат кои се криминалците од Арачиново и дека ќе бидат уапсени првиот ден откако ВМРО-ДПМНЕ ќе ја преземе власта. Патем, полицијата по акцијата соопшти дека се уапсени две лица, а дека против трето, што се заканувал на медиум, му е поднесена кривична пријава.

На 05.12.2022 година градоначалникот на Арачиново, Ридван Ибрахими, во интервју за една телевизија вели дека „секоја општина има криминални групи“, истовремено повика да не се користи случајот за дневно политички потреби, додавајќи дека како градоначалник е заинтересиран да нема такви групи ниту во Арачиново, ниту на друго место:

И порано имало рации, дури и во поголеми размери. Посакувам сите тие политичари, особено од македонска страна, да се со добри намери за општина Арачиново, а не само помпезно да ја претставуваат бидејќи е албанска општина и во тоа е проблемот. Дури и да има проблем, да се најдат најдобрите можни начини да се реши, а не да се прават дневни политики. Не верувам дека некој граѓанин е против редовните проверки, посочи Ридван Ибрахими.

На 05.12.2022, година ја бележиме и објавата на портпаролот на Левица што ја рецензираме, кој и „појаснува“ на јавноста за поврзаноста на НАТО и на НАТО државата РС Македонија со „кримосите“, а веќе на 06.12.2022 година, јавноста е известена дека Левица поднела кривична пријава против менаџери во ЕВН, заради непријавување на кражба на струја во Арачиново.

***

Сумирано, криминални групи, како што вели и градоначалникот на Арачиново има во секоја општина, па и во Арачиново и не е спорно дека организираниот криминал има доста цврста база во некои од општините во земјава. Но, не постои никаква аргументација поткрепена со докази или со цврсти индиции дека тие криминални групи се, прво, недопирливи за полицијата, а уште помалку за тврдењето дека „НАТО ги создава тие парамилитарни кримоси“, алудирајќи и на РСМ како членка на НАТО.

Станува збор за анти-НАТО дезинформациска реторика насочена кон поткрепа на програмските цели и дејствувањето на партијата Левица, која создава/шири дополнителна недоверба во институциите на државата(„недопирливи“), но штетата е посредно и врз меѓуетничките односи. Зашто  кај дел од јавноста можеда се поврзе и со битката за Арачиново од воениот конфликт од 2001 година.  Затоа, тврдењето, кое како утврден факт беше пренесено на некои онлајн медиуми со сензационалистички наслов ЕВЕ ЗОШТО СЕ НЕДОПИРЛИВИ „КРИМОСИТЕ“ ВО АРАЧИНОВО…, беше искористено и како пледоаје за кривичната пријава што ја поднесе Левица ден подоцна.

Поради погоре наведените аргументи, изјавата на портпаролот на Левица може да се оцени како невистина.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Теофил Блажевски

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Reply To peter
Cancel Reply

1 Реакција
  1. peter :

    Bravo