НАТО не е фашистичка организација која урива влади во други држави
НАТО не е никаква фашистичка организација, туку претставува одбранбена алијанса со главна цел да ги заштити своите членови од надворешни закани. Официјалните политики на НАТО се дека не бара конфронтација, но, сепак, е подготвена да ги заштити и да ги одбрани своите сојузници
НАТО не е никаква фашистичка организација, туку претставува одбранбена алијанса со главна цел да ги заштити своите членови од надворешни закани. Официјалните политики на НАТО се дека не бара конфронтација, но, сепак, е подготвена да ги заштити и да ги одбрани своите сојузници
Анализираме објава на Фејсбук која тврди дека НАТО е фашистичка организација која рушела влади во Украина и Грузија.
СС НАТО нацифашизам на дело, стои во објавата која споделува напис на српски јазик во кој се тврди дека некој однадвор рушел режими во Украина и Грузија, а сега се обидувал тоа да го направи и во Србија.
Не е точно дека НАТО е нацифашистичка организација како што тоа сака да го прикаже објавата која за своето тврдење не нуди никакви докази и факти за изнесеното.
Фашизмот е екстремно десничарска, авторитарна, ултранационалистичка политичка идеологија и движење, што се карактеризира со диктаторски лидер, централизирана автократија, милитаризам, насилно потиснување на опозицијата, верување во цврста општествена хиерархија, подреденост на индивидуалните интереси за доброто на нацијата или расата и силен режим на општеството и економијата.
Фашизмот ги отфрла тврдењата дека насилството е негативно или бесмислено, наместо тоа ги гледа империјализмот, политичкото насилство и војната како средства за национално освежување.
Фашизмот се залага за воспоставување на тоталитарна еднопартиска држава, при што авторитаризамот и национализмот често се манифестираат како верување во расна чистота или господарска раса, обично помешани со некоја варијанта на расизам или дискриминација на демонизираниот „Друг“, како што се Евреите, хомосексуалците, етничките малцинства или имигрантите. Овие идеи ги мотивираа фашистичките режими да вршат масакри, присилни стерилизации, депортации и геноциди.
Овие одлики се далеку од вредностите што се фундаменти на НАТО како организација.
НАТО не е никаква фашистичка организација, туку претставува одбранбена алијанса со главна цел да ги заштити своите членови од надворешни закани. Официјалните политики на НАТО се дека не бара конфронтација, но, сепак, е подготвена да ги заштити и да ги одбрани своите сојузници.
На 1 март 2007 година во Брисел, во говорот на поранешниот генерален секретар на НАТО Јап де Хоп Шефер тој наведува:
Да, НАТО е алијанса на западните земји. Да, со исклучок на секуларна муслиманска Турција, НАТО е претежно алијанса на христијански земји. Секој декември НАТО во Брисел е осветлен со голема божиќна елка. Но, вредностите за кои се залага НАТО не се уникатно христијански. Вредностите што ги промовираме и браниме со нашиот ангажман се универзални. Правото на жените да одат во училиште е универзално право. Правото да ја изберете религијата во која ќе верувате и да не треба да се плашите од смртна казна поради изборот, е универзално право. Правото да ја изберете вашата демократска влада на слободни и фер избори е универзално право. Овие се вредностите што ги браниме од Балканот до Авганистан. За нив нема преговори. Но тие не се уникатно западни и не се уникатно христијански. Навистина верувам дека земјите од сите делови на светот и од сите поголеми вери, треба да се способни да се согласат за нив. Тие се вистинската основа за човековиот опстанок во 21 век, вели тој меѓу другото во говорот.
Тоа значи дека и НАТО ги поддржува и промовира различностите, различниот културен идентитет и демократските права на сите подеднакво. Тоа во никој случај не е фашизам.
Што се однесува до тврдењето дека НАТО уривал режими во Украина и Грузија, тоа исто така не е точно.
Актуелните протести во Грузија и оние во Украина (Евромајдан, бран демонстрации со почеток во 2013 година), не ги организирал и водел никој однадвор. Протестите од 2013 година познати како Евромајдан во Украина беа спонтани протести кои ги започна украинскиот народ откако тогашната украинска влада ги суспендираше подготовките за потпишувањето на Договорот за асоцијација и Договорот за слободна трговија со Европската Унија.
На протестите Евромајдан потоа се приклучија студентите, а демонстрациите се засилија поради насилството што беше применето за нивно задушување. Бројни невладини организации, светски медиуми и организации ги претставуваат настаните на Евромајдан како најголемиот проевропски бунт во историјата на Украина. EU vs Disinfo пишува дека протестите Евромајдан не се оркестрирани, ниту, пак, организирани од Западот, но дека ова е проруска дезинформација.
Во објавата што ја рецензираме се прави обид тој протест и тие демонстрации да се претстават како организирани од „НАТО фашистичка“. Вистината е дека и таму и во Грузија, каде што во моментот има протести, самите граѓани на суверените држави се тие што се незадоволни од некои антиевропски трендови во земјата.
Фактите се дека граѓаните на Грузија во моментов одржуваат антивладини демонстрации, велејќи дека не се борат само за нивната европска иднина, туку и против руското влијание.
Барањата на протестите, како што пренесе „Дојче Веле,“ се нови избори и враќање на земјата на европскиот пат, којшто е втемелен и во нејзиниот Устав.
Имено, по победата на парламентарните избори, владејачката партија Грузиски сон ги прекина преговорите со ЕУ, што предизвика масовни протести во земјата. Европратениците од Европскиот парламент го отфрлија исходот од изборите во Грузија поради значителни нерегуларности и повикаа на нивно повторување во рок од една година.
Протестите во Грузија особено добија на интензитет по победата на кандидатот на Грузиски сон на претседателските избори, Михаил Кавелашвили, 53-годишен поранешен фудбалер и десничарски популист, кој е познат по неговите жестоки критики против Западот и неговото противење на правата на ЛГБТК.
Властите реагираа насилно на големите протести, апсејќи стотици луѓе. Насилството врз опозицијата и новинарите го осудија САД и Европската Унија.
Од сето погоре можеме да заклучиме дека објавата која ја анализираме е невистинита.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар