НАТО не е војна со Русија, туку ѝ помага на Украина да се самоодбрани

Постот и видеото што се споделува ги извртува тезите. НАТО не војува со Русија, туку Русија на 24 февруари минатата година  изврши воена инвазија врз Украина во којашто загинаа голем број на цивили и војници. НАТО  ја осудува руската брутална и непровоцирана воена агресија кон Украина, што е најголем воен напад во Европа после Втората светска војна и е предмет на широка меѓународна осуда

Постот и видеото што се споделува ги извртува тезите. НАТО не војува со Русија, туку Русија на 24 февруари минатата година  изврши воена инвазија врз Украина во којашто загинаа голем број на цивили и војници. НАТО  ја осудува руската брутална и непровоцирана воена агресија кон Украина, што е најголем воен напад во Европа после Втората светска војна и е предмет на широка меѓународна осуда

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се споделува видеоматеријал со наслов:

НАТО ќе се бори до последната капка украинска крв.

Видеоматеријалот демонстрира одобрување на воена помош во форма на опрема и оружје од страна на НАТО, преку командир кој одобрува испраќање воена помош за Украина. Според сценариото и она кое е демонстрирано во видеоматеријалот, секојпат кога се одобрува воена помош за Украина, тоа значи дека се учествува во убивање на Украинци. Видеото завршува со пораката:

НАТО – војува до последната капка украинска крв.

Ваквиот пропаганден материјал ги извртува тезите. НАТО не војува со Русија, туку Русија изврши воена инвазија врз Украина во којашто загинаа голем број на цивили и војници на украинска територија.

На 24 февруари 2022 година Русија започна ракетни напади на локации низ цела Украина, вклучително и главниот град Киев. Руски копнени сили влегоа на украинска територија, по што претседателот на Украина, Володимир Зеленски одговори со воведување воена состојба, прекин на дипломатските односи со Русија и општа мобилизација. Оваа инвазија е најголем воен напад во Европа после Втората светска војна и е предмет на широка меѓународна осуда, како и санкции против Русија.

Украина не ја нападна Русија туку Русија ја нападна Украина. Следствено Украина има право да се брани. НАТО  ја осудува руската брутална и непровоцирана воена агресија кон Украина, која е независна и демократска држава и близок НАТО партнер. НАТО и сојузниците продолжуваат да ѝ даваат на Украина поддршка во нејзиното неспорно право на самоодбрана.

НАТО помага да се координираат украинските барања за помош и ги поддржува сојузниците во доставување на хуманитарна помош. Членот 5 како безбедносна гаранција овозможува колективна одбрана и овозможува Алијансата да испраќа оружје за Украина без да ја загрози својата безбедност. Понатаму, добро оформената структура за заеднички стандарди на Алијансата и интероперабилни системи ѝ дозволува на Алијансата да доставува опрема со сигурност дека доставите до Украина може да се дополнат со компатибилна опрема од други сојузници. Индивидуални НАТО членки праќаат оружје, муниција и многу видови на лесна и тешка воена опрема вклучително со противтенковски и системи за воздушна одбрана, дронови и тенкови. До денес НАТО сојузниците обезбедија опрема вредна милијарди евра за Украина. Сојузниците исто така ги тренираат украинските трупи како да ја користат оваа опрема. Ова помага Украина да го одржи своето право на самоодбрана кое е осигурено во Повелбата на ОН, пишува на страницата на НАТО.

Дополнително, сојузниците доставуваат парична помош за Украина, како и хуманитарна помош за цивили и украински раселени лица.

Сојузниците работат со релеватни стејкхолдери интернационално, за да ги држат одговорни оние кои сториле воени злосторства. Сојузниците работеа за поддршка на интернационалните напори да се овозможи извоз на украинско жито и да се намали глобалната криза за храна.

На самитот во Мадрид во јуни 2022 година, лидерите се согласија да се засили пакетот поддршка за Украина кој вклучува поддршка во медицинска опрема, оружје, зимска облека, опрема за пресретнување мини и подвижни анти-дрон системи. Сојузниците, исто така, се согласија да ѝ помогнат на Украина да премине од советска опрема во модерна НАТО опрема, за дополнително да се засилат украинските одбранбени позиции и да се осигураат институциите. На долг рок, НАТО алијансата е посветена на тоа да ѝ помогне на Украина во поствоена реконструкција и реформи, пишува на страницата на НАТО.

Дополнително, акциите на НАТО се дефанзивни одбранбени, дизајнирани не да предизвикаат конфликт, туку да го превенираат.

Алијансата има одговорност да обезбеди дека војната нема да ескалира надвор од Украина, што би било уште покатастрофално и опасно.

Во ова кратко видео НАТО ги демаскира лагите кои што руската пропагандна машинерија ги користи за да ја оправда својата агресија кон Украина и да го обвини НАТО за војната која единствено и само Русија ја почна. Во 48 секунда од видеото  пишува дека НАТО не во војна со Русија. Во ова видео од НАТО насловено „Лагите на Кремљ“, се вели:

Ќе ја поддржуваме Украина колку и да биде потребно.

Дојче Веле  во една своја анализа има забележано дека поддршката од Украина од страна на западните партнери преку финансиска помош и достава на оружје се користи од Путин за неговото омилено тврдење дека „Украина е контролирана од надвор“ и дека е „засилена од вооружени сили на НАТО земји и напумпана со најмодерно оружје“.

За одбележување е и дека на средината на 2022 година, откако Русија веќе беше длабоко навлезена во својата воена инвазија на Украина, Сергеј Киријенко изјави дека „НАТО се бори против Русија до последниот Украинец“, наратив што провејува и во постот кој го рецензираме.

Станува збор за извртување на вистината, односно се користи тактиката да се обвини НАТО дека војува против Русија, кога Русија е таа што војува против Украина во обид да заземе што поголем дел од нејзината суверена територија, кршејќи го меѓународното право, а како последица на воената агресија има и голем број на жртви.

Поради сите горенаведени факти постот кој го рецензираме го оценуваме како невистинит.

 


Овој напис е изработен во рамките проектот Промовирање на пристап до веродостојни вести за борба против дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција