НАТО не учествува во војната во Украина, па не може ни да ја загуби
Објава на Фејсбук тврди дека НАТО ја загубил војната во Украина, но пактот не учествува во неа, а не е јасно ни како Русија победила: таа дури нема целосна контрола над териториите, кои илегално ги анектираше, како градовите Запорожје и Херсон; не падна ни Киев, ни Харков, ни Зеленски; а наместо Украина да се демилитаризира, таа е помилитаризирана. Што ќе донесе најавениот мировен план не е најјасно, но дури тој да ѝ забрани влез во НАТО, тоа не е пораз за пактот, кој не инсистира таа да влезе во него
Објава на Фејсбук тврди дека НАТО ја загубил војната во Украина, но пактот не учествува во неа, а не е јасно ни како Русија победила: таа дури нема целосна контрола над териториите, кои илегално ги анектираше, како градовите Запорожје и Херсон; не падна ни Киев, ни Харков, ни Зеленски; а наместо Украина да се демилитаризира, таа е помилитаризирана. Што ќе донесе најавениот мировен план не е најјасно, но дури тој да ѝ забрани влез во НАТО, тоа не е пораз за пактот, кој не инсистира таа да влезе во него
Објава во социјалната мрежа Фејсбук започнува со зборовите:
“Мировниот план” на Трамп е неговата излезна стратегија и прикривање на фактот дека НАТО тукушто ја изгуби војната во Украина (после Авганистан).
НАТО не е завојувана страна во Украина, па не може да ја загуби таа војна. Немаме чуено за битки меѓу руски и американски или други НАТО-трупи во Украина. Затоа, Кремљ пласираше лажни вести од типот дека „во Славјанск дошле француски трупи“ или дека „во Мариупол бил заробен американски генерал“. Тоа служи за оправдување на неуспесите на Русија, во смисла дека „таа лесно би се справила со Украинците, ама, за жал, таа мора да се бори против куп НАТО-членки“.
Ако поддршката на НАТО за Украинците сепак ја сметаме за учество во војната, по таа логика против Украина војува и Белорусија (како отскочна штица за руската агресија) и Иран (кој ја снабдува Русија со дронови Шахед, балистички ракети и др.). И, многу поосновано е тоа дека за Русија се борат севернокорејски трупи, отколку дека за Украина се бори НАТО.
Доналд Трамп сака да се заврши војната, но не затоа што ја губи, туку затоа што е попустлив кон Русија, која дури беше обвинета за вмешаност во неговата изборна победа во 2016 г. и затоа што е поприлично изолационист или го влечат поинакви теми од Украина (особено Кина).
И, ако „НАТО е поразен“, како тоа Владимир Путин победил? Тој не ја оствари зацртаната „денацификација“ (соборување и лустрација на власта во Киев, која лажно ја прикажува како „нацистичка“), ниту зацртаната демилитаризација (ослабување на украинските сили).
Путин беше поразен во битките за Киев и Харков, Зеленски не е соборен, а Украина не е демилитаризирана, туку многу помилитаризирана и таа дури зазеде дел од руската Курска област.
Путин нема големи воени успеси, туку само по мали места низ Донбас како Курахово и сл., па се надева на победа на преговарачката маса, така што преку Трамп, кој ја уценува Украина со воената помош, ќе ѝ наметне: да се откаже од територии, да ја скуси војската, да се повлече од Курската Област и да спроведе избори, со надеж дека Зеленски ќе ги загуби. Но, тоа не е воена победа.
И, мировниот договор уште не е ни утврден, но има некои гласини за него. Услов на Путин сигурно ќе биде Украина да не влезе во НАТО, но пактот не инсистира на нејзиниот влез, па ова не е пораз за него. Франција и Германија се противеле на влезот на Украина уште во 2008 г., а противењата се уште поголеми во овие воени услови. Доста членки сакаат Украина да влезе во НАТО, но во некои неодредени и поповолни времиња.
Да нагласиме и дека Русија илегално го анектираше Крим и областите: Донецка, Луганска, Запорошка и Херсонска, но повеќето од нив не ги зазеде во целост, а и понешто загуби (извори: 1, 2, 3), па ако мировниот план предвиди секој да го задржи само она што го држи, како што веројатно ќе биде, Русија ќе мора да заборави на добар дел од тие „нејзини“ територии, што би бил пораз.
Истовремено додека бараат мир (или примирје) со Русија, на сојузниците им дилаат повеќе оружје. – вели објавата.
САД посредуваат за мир, а не бараат мир со Русија, затоа што не се во војна со неа. Објавата се бави со некаков имагинарен план за подмолен напад врз Русија од страна на сојузниците на Вашингтон, на кои, наводно, тој им „дила сè повеќе оружје“, додека пред Русија глуми дека е за мир, но, во реалноста, Русија е таа која започна агресија, така што ја нападна Украина уште на Крим во 2014 г.
Тоа ја загрижува Европа, па нормално е таа да ја зајакнува одбраната со купување оружје. САД бараат Европа да не се потпира врз нив за својата одбрана, па нејзе ѝ треба повеќе оружје, кое САД можат да го продаваат кому сакаат и колку сакаат. САД не мораат за тоа да ѝ се оправдуваат на Русија. И, мировниот план е инициран од САД, а не од Путин, па зошто САД би сакале војна?
Она што остана од Украина е веќе распродадено и разграбани од западните корпорации, вклучувајќи ја и плодната почва. – вели објавата.
Вистиномер веќе пишувал за вакви дезинформации. Разграбување не вршат западните корпорации, туку Русија – со агресија, окупација и анексија. И, ако под „она што остана од Украина“ се мисли на делот од неа, кој не е под руска окупација, да нагласиме дека според резолуциите 68/262 и ES-11/4 на ООН, Украина си е цела, а анексијата е ништовна.
Каква трагична судбина на една земја која настрада заради несфаќањето дека членството во НАТО бара огромна цена. – вели објавата.
Украина страдала од рускиот империјализам уште кога НАТО не постоел (на пр. царска Русија го злоупотребила Перејаславскиот договор од 1654 г. за да ја подјарми Украина, а во 1918 – 1922 г. Советска Русија крваво ја задушила независната Украинска Народна Република). И, повеќето земји-членки на НАТО влегле во пактот без особени проблеми.
Не дека Белгија или Холандија страдале од тоа. Има НАТО-членки кои страдале од десничарски диктатури (Португалија, Грција и Турција), но тоа се исклучоци. Повеќето западни земји живееле одлично, за разлика од оние во Варшавскиот пакт под јаремот на Москва (примери: тука и тука).
Зеленски е веќе искористен … знаете што… – вели објавата.
Зеленски не е искористен, туку го прави она за што дал заклетва кога бил избран како претседател – да ја брани Украина од агресорот.
По обичај, САД (како лидер на Алијансата) ќе направат лом, па ќе ги остават Евтопјаните да го расчистуваат – вели објавата.
Според споменатите гласини, со реизградба на Украина ќе се бави ЕУ, но „лом“ во Украина не направија САД, туку Русија. Таа ја разурнува и масакрира Украина. Објавата не нуди докази и примери за тоа дека Европејците обично расчистувале кога тоа ќе се случело.
Но Путин беше во право кога кажа дека наскоро сите европски лидери ќе му ги лижат нозете на Трамп како пудлици. – вели објавата.
Ова е малку погрешно, но сепак е погрешно, а Путин во врска со Трамп рекол (во превод):
Наскоро сите тие ќе застанат кај нозете на господарот и нежно ќе мрдаат со опавчето
Исто така, објавата ликува за повлекувањето на САД од Авганистан, но тој е познат како „Гробишта на империите“ и таму била поразена и Русија како дел од СССР (1979 – 1989 г.), па победничката еуфорија во оваа проруски настроена објава е неоснована.
Земајќи го предвид сето досега наведено, објавата ја оценуваме како невистинита.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар