Нејасна споредба меѓу Македонија и Кина

Рецензија: Македонија има трипати повеќе активни болни од Кина, состојбата се стабилизира откако многу новозаразени заболеле на погреб во Тетово и семеен настан во Скопје]

Текстот што го рецензираме има несоодветен и нејасен наслов. Имено, во насловот се прави споредба меѓу Македонија и Кина во поглед на бројот на активните заразени случаи со корона-вирус, а за ваквата споредба во текстот нема никакво објаснување.

Линк до оригиналниот напис: Македонија има трипати повеќе активни болни од Кина, состојбата се стабилизира откако многу новозаразени заболеле на погреб во Тетово и семеен настан во Скопје

Датум и време на објавување: 12.5.2020

Датум на рецензирање: 13.5.2020

Рецензент: Ана Анастасовска

 

Споредбата во насловот е како од небо падната. Нејaсно е која била целта на ваквата насловна конструкција: „Македонија има трипати повеќе активни болни од Кина, состојбата се стабилизира откако многу новозаразени заболеле на погреб во Тетово и семеен настан во Скопје“

Целиот текст говори само за актуелната сосотојба со корона-вирус  во Македонија (на 12.5.2020). Во содржинскиот дел на написот Кина е спомната само во една реченица:

Во моментот има 377 активни случаи на заболени што е на пример за трипати повеќе од Кина каде останале само уште 115 активни пациенти заболени од Ковид 19.

Македонија не може да се споредува со Кина, барем не на ваков начин. Во Кина првиот случај на корона-вирус беше регистриран во декември, а веќе во јануари, главното жариште на вирусот, градот Вухан, беше целосно затворен и ставен во карантин. Во Македонија првиот случај се појави дури во март. Следствено на тоа, Македонија и Кина се на различно ниво од развојот на епидемијата, која во земјава почна 3 месеци подоцна отколку во Кина, така што овие бројки се неспоредливи.

Понатаму, официјалните бројки што ги прикажува Кина, исто така, не можат да се земат со сигурност, имајќи ги предвид информациите што се појавија во јавноста, дека кинеските власти манипулирале со бројките на заразени и починати, односно податоците се сомнителни и недоверливи. Со таква информација излезе „Блумберг“ повикувајќи се на извештај од американски разузнавачи.

Оттука, нејасно е која е целта на ваквата површна споредба на бројот на активните случаи во Кина и во Македонија?!

Овој напис е дел од специјалното известување на „Критинк“ за дезинформациите поврзани со епидемијата на корона-вирусот Ковид-19. Кликнете на линкот за најнови вести и проверени информации од оваа област. 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција