Не, доктор Жан Митрев нема промовирано метод против паразити од три состојки
Во објавата и во ова дипфејк видео е злоупотребено името и реномето на доктор Жан Митрев, за кој лажно се тврди дека го измислил методот, иако тоа не е така. Станува збор за дипфејк видео, во кое што со монтажа е додадено цело невистинито „сценарио“ за наводен рецепт кој чисти паразити и црви од организмот.
Во објавата и во ова дипфејк видео е злоупотребено името и реномето на доктор Жан Митрев, за кој лажно се тврди дека го измислил методот, иако тоа не е така. Станува збор за дипфејк видео, во кое што со монтажа е додадено цело невистинито „сценарио“ за наводен рецепт кој чисти паразити и црви од организмот
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува видеоматеријал во кој се промовира метод од три состојки коишто наводно чистат црви и паразити од телото. Видеото е невистинито, поточно претставува дипфејк содржина, каде со помош на монтажа се додава „сценарио“ од зборови и приказна која што е „намонтирана“ на идентитетот на жената која е прикажана на видеото.
Во објавата на опасен начин по јавното здравје и со методи на неетички маркетинг, се критикува и се прави обид да се намали довербата во фармацевтската индустрија. Може да биде опасно некој кој навистина има проблеми со паразити да ги остави традиционалните лекови препишани од лекар и да се фокусира на недокажан таканаречен лек кој се промовира во видеото од објавата што ја рецензираме. Во видеото невистинит е и идентитетот на жената која е прикажана. Имено се тврди дека се работело за 68-годишната Весна која живее на село, која страдала од „црви кои ѝ излегувале од грлото“, но Вистиномер го пронајде видеото кое е злоупотребено, и воопшто не станува збор за Весна од Македонија туку за сосема друга личност.
Како што може да се види на оригиналната содржина која што е објавена на Јутјуб, а потоа е злоупотребена за дипфејк видеото, станува збор за психолог од Русија, а темата на вистинското видео е како да се справите со гневот.
Жената којашто зборува на клипот, е всушност Марина Мелиа, професорка по психологија, основач на консултантска копанија, консултативен тренер за руски претприемачи како и авторка на бестселери.
Ова самото по себе е доволен доказ дека видеото е неверодостојно, бидејќи кога некој би промовирал вистински рецепт од 3 состојки, зошто би го правел тоа со злоупотребен идентитет на лице од странство, и зошто би бил додаден македонски јазик на тоа видео како што е случај во објавата што ја рецензираме? Но, освен овој доказ, има уште факти што потврдуваат дека се работи за дипфејк видео. Имено, на 1 минута и 38 секунда од видеото што го рецензираме, самата реченица која ѝ е „накалемена“ и намонтирана на Марина Мелиа, е нелогична, граматички и јазично неточна, како што често се случува при злоупотребите со злоупотреба на вештачка интелигенција.
Така на 1 минута и 38 секунда е направено да изгледа дека таа вели дека „порано во 4 часот наутро се будеше со чувство дека некој внатре се лизга, мрда и се врти“. Оваа реченица нема смисла.
На 2 минута и 9 секунда од видеото невистинито се тврди дека „Жан Митрев покажал препарат за уништување паразити од 3 состојки и тој ѝ помогнал на протагонистката во видеото“, лажно се тврди дека неговиот метод „добил Нобелова награда и поддршка од државата“. Доктор Жан Митрев е кардиохирург кој никогаш не промовирал препарат за паразити, бидејќи тоа не е дел од неговата специјалност, а исто така, доколку добил Нобелова награда тоа не би можело да помине незабележано во македонската и светската јавност, што не е случај. Проверката на „Вистиномер“ не најде ниеден напис од кредибилен и релевантен медиум за ваква награда и државна поддршка за наводниот препарат на доктор Жан Митрев бидејќи таа не постои, а неговото име е злоупотребено за овој невистинит маркетинг во објавата што ја рецензираме.
Како и во други случаи каде со неетички дипфејк видеа се промовираат недокажани препарати и средства, и во случајов се напаѓаат фармацевтската и лекарската фела, со цел да се намали кредибилитетот на медицината базирана на докази и да се направи фама (базирана на невистини) дека фармацевтската и медицинската наука не сакаат вакви методи да стигнат до пошироката популација за да „тие продолжат да се богатат“. Ваквите реклами се опасни за јавното здравје поради тоа што лица со вистински медицински проблеми може да посегнат по непроверените методи, а да се откажат од оние докажаните кои им ги препишуваат доктори.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар