Не е докажано дека тие што носат очила се во помал ризик да заболат од ковид-19

from PxHere

Во разговор со двајца професори по офтамологија од САД, доктор Сонал Тули од Универзитетот Флорида и доктор Катрин Колби, од Њујорк Универзитетот, дојдено е до заклучок дека нема докази оти тие што носат очила имаат помал ризик од инфекција за ковид

 

Рецензираме вест со пропратен Фејсбук пост, во која се тврди дека луѓето што носат очила имаат помал ризик да заболат од ковид-19, а како извор на ваквото тврдење се посочува најново истражување од Индија. Истражувањето покажало дека лицата кои носеле очила во последнава година за 30 отсто биле помалку позитивни на тестот за корона вирусот, се вели во текстот кој го рецензираме, а кој се појави не само на македонски јазик, туку и во повеќе странски медиуми.

Прв кој се посомнева во ова тврдење е Гидеон Мејерович Кац, епидемиолог од Сиднеј, Австралија, инаку автор на Гардијан.

Тој на Твитер напиша:

Нова студија се најде во насловите на вестите, со тврдење дека очилата може да го намалат вашиот ризик да заболите од ковид 19 за два до три пати. За жал, оваа наука не е добра. Станува збор за текст објавен овде и тоа од еден автор и од анкета направена во Индија за време на ковид 19 пандемијата.

И има многу многу проблеми со неа. Ќе ви дадам бекграунд информации за почеток. Традиционално во епидемиологијата, за да кажете дека нешто штити против болест, мора да знаете две основни работи: Веројатноста да заболите ако сте изложени и веројатноста да заболите ако не сте изложени. Есенцијално, за да знаете дали носењето очила ве прави позаштитен да не фатите ковид, би морале да знаеме дали луѓето што носеле очила, се разболеле од ковид помалку од тие што не носеле очила. Едноставно, така? Но, да се вратиме на студијата. Што направил авторот? Па, прашал 304 луѓе што се заразиле со ковид дали носеле очила цело време или поголемиот дел од времето. 58 од нив, односно 19 проценти од испитаниците одговориле потврдно. Потоа авторот ја земал пропорцијата од возрасните во Индија односно проценетиот број на луѓе што во Индија носат очила, од труд, за да го спореди овој број. Досега, многу проблематично. Не можете да споредувате популација на ваков начин, надвор од студијата. Нема никаква логика. Ако ништо друго, популацијата што се споредува е од цела Индија, а анкетата што ја правел е со мала бројка на ковид позитивни од една болница. Но, одиме на поголемиот проблем. Потоа, направил калкулации кои се опишани како ризик за зараза од ковид кај оние што носат очила, споредено со оние што не носат очила. Меѓутоа, ова е едноставно неточно. Тоа што авторот го направил, е всушност, ја споредил стапката на носење очила кај пациентите со ковид, со стапката на носење очила кај генералната популација. Тоа што ви го дава оваа калкулација е всушност ВЕРОЈАТНОСТА НА НОСЕЊЕ ОЧИЛА КАЈ КОВИД ПОЗИТИВНИТЕ ПАЦИЕНТИ, СПОРЕДЕНО СО ОНИЕ ШТО НЕМААТ КОВИД. Со други зборови, она што го имаме овде е релативниот ризик на носењето очила кај ковид позитивни пациенти, споредено со сите други. Така што, не само што оваа студија е мало интервју без соодветна компаративна група, исто така не го калкулира и не го налага тоа што се кажува во насловите од медиумите. Тоа што треба да го пишува во насловите е дека пациентите со ковид имаат 2 до 3 пати помала веројатност да носат очила отколку генералната популација, базирано на многу мала анкета. Оттука, заклучокот во студијата не е точен базирано на методологијата. Досега студијава е објавена во 51 медиум”, пишува епидемиологот Гидеон Мејерович Кац.

Целото негово излагање може да се проследи на следниот линк.

Во постот кој го рецензираме пак, се тврди дека е ,,докажано” дека луѓето кои носат очила помалку можат да заболат од корона.

Вакво нешто не е докажано.

Извештајот што се цитира НЕ Е ПРЕГЛЕДАН. На страницата каде е објавен пишува дека е објавен на 12 февруари 2021 година, во пред-печатена форма, не е прегледан, известува за ново медицинско истражување кое не е оценето и не треба да се користи за да се води клиничката пракса според него.

Пред формалната публикација на научен труд, научните и медицински трудови се вообичаено сертифицирани со преглед. Во овој процес, уредниците се консултираат со експерти, кои што го прочитале трудот и може да идентификуваат негови слабости во претпоставките, методите и заклучоците. Типично, научно списание само објавува трудови од кои што уредниците се задоволни и добиле добри оценки. Бидејќи овој процес може да биде долг, авторите на трудовите првично ги објавуваат на medRxiv за да ги направат достапни за други научници за дискусија и коментари. Читателите треба да се свесни дека овие трудови не се финализирани, може да содржат грешки или да содржат информации што уште не се прифатени или поддржани од медицинската заедница.

На medRxiv пишува:

Им препорачуваме на новинарите и на другите индивидуи кои известуваат за медицински истражувања кон генералната популација, да го имаат ова предвид кога дискутираат нешто објавено на medRxiv и да напоменат и нагласат дека ваквите трудови допрва треба да се евалуираат од медицинската заедница, како и дека информациите што се презентирани може да се грешни.

Дури и сајтот каде е објавен трудот, посочува дека објавите може да се грешни, дека тоа не се научно докажани работи, но во насловот на текстот кој го рецензираме ова е погрешно презентирано и се тврди дека е ДОКАЖАНО дека тие што носат очила помалку можат да заболат од корона.

И на странски сервиси за проверка на факти, информацијата дека носењето очила ве прави да сте помалку ризичен за да се заразите од ковид, е класифицирана како недокажана.

Во разговор со двајца професори по офтамологија, доктор Сонал Тули од Универзитетот Флорида и доктор Катрин Колби, од Њујорк Универзитетот, дојдено е до заклучок дека нема докази оти тие што носат очила имаат помал ризик од инфекција за ковид.

-Немаме докази кои покажуваат дека луѓето што носат очила имаат помала веројатност да развијат ковид 19, вели доктор Колби.

-Во оваа фаза, не можеме да кажеме со сигурност дали би направило разлика ако носите очила во поглед на ризикот да добиете ковид, вели доктор Тули.

Двајцата експерти ја разгледале студијата која вклучува 304 ковид пациенти во северна Индија, по што доктор Колби истакнала дека студијата не е прегледана од медицинската заедница и има проблеми со начинот на којшто е дизајнирана, затоа што авторот избрал популација без рационал.

 

Авторот на студијата, Амит Кумар, исто така, потврдил дека ја пратил на разгледување и дека во неа биле вклучени само пациенти со благи ковид симптоми, а не и оние со потешка или средно тешка клиничка слика, зашто тешките пациенти не можеле да комуницираат и да одговорат на прашалникот, како и затоа што етичкиот комитет не дал одобрение да се спроведе прашалникот на сериозно болни пациенти.

Оттука, да се тврди дека е докажано оти луѓето што носат очила помалку можат да заболат од корона, не е точно тврдење.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција