Не е донесен нов закон за работни односи

Фото: pixabay.com

 

ВЕТУВАЊЕ: Ќе донесеме нов Закон за работни односи посветен на обезбедување вистинска заштита за работниците. Со него дополнително ќе воспоставиме регистар за прекувремени работни часови во УЈП, колективните договори ќе станат задолжителни за сите правни субјекти со над 20 вработени, а синдикатите ќе можат да се регистрираат само во Централен регистер.
[Извор: Програма на СДСМ (2016): „План за живот во Македонија“ (стр.215): датум: декември 2016 ]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

СДСМ не го исполни  ветувањето дека за шест месеци од изборот на Владата ќе донесе нов закон за работни односи кој ќе обезбеди вистинска заштита на работниците. Како што е ветено во Програмата на СДСМ (2016): „План за живот во Македонија“ (стр.215), со новото законско решение треба да се воспостави регистар за прекувремени работни часови во УЈП, колективните договори треба да станат задолжителни за сите правни субјекти со над 20 вработени, а синдикатите ќе можат да се регистрираат само во Централен регистер.

Владата во својата Програма за работа до 2020 година го помести ветувањето на СДСМ за донесување на нов закон за работни односи на стр.3, во делот „Нови работни места и посвисоки плати“.

Главна цел на донесувањето на нов закон за работни односи беа големиот број измени на законот донесен во 2005 година, со кои се скратија голем број права на работниците, наместо тие да се унапредарт.

Во Годишниот план на Министерството за труд и социјална политика за проценката на влијанието на законот објавен на веб- страницата на националниот електроснки систем на регулатива (ЕНЕР) од февруари годинава, во краткиот опис за проблемот стои дека :

Во текот на имплементацијата на Законот (од 2005 година), се утврди дека постои потреба од доуредување на некои од одредбите со цел да истите да бидат недвосмислени, односно да бидат јасни во примената, со оглед на тоа што придонесуваат за правна несигурност. Исто така, според коментарите на Комитетот на експерти на Меѓународната организација на трудот, како и според коментарите на Комитетот на Советот на Европа, за примената на ратификуваните членови од Европската социјална повелба, одредени одредби од Законот, не се во согласност со Повелбата и како такви не обезбедуваат доволна заштита на субјектите на коишто се однесува законот.

Според тој план проверката на влијанието на законот требаше да заврши до 1 септември, а временска рамка за спроведување на консултациите е од 01.10.2018 до 01.12.2018 година.

На крајот на мај годинава министерката за труд и социјална политика Мила Царовска рече дека се работи на новиот закон за работни односи. Таа тоа го изјави на работилницата која беше одганизирана како дел од дебатата за реформи на пазарот на труд и донесувањето на нов закон за работни односи.

 Во процесот на носење нов закон се потребни анализи од аспект на микроекономски индикатори, за што земјава добива експертска поддршка од Светска банка. Но, од друга страна, очекувам синдикатите и здруженијата на граѓани да ја дадат другата перспектива за овој закон да даде максимална заштита на работниците. Целта е да добиеме добар баланс помеѓу едното и другото, затоа што ниту една држава не успеала да го развие пазарот ако има преригиден закон за едната или за другата страна. ( Царовска).

Јована Тренчевска, државен секретар во Министерството за труд и социјална политика на дебата посветена на социјалната политика и вработувањето на 26 јуни годинава (2018) соопшти дека се работи на новиот закон за работи односи во кој, меѓу другото, се предвидува регулирањето и на работата од дома.

Развојот на техниката и технологијата, посебно користењето на онлајн работењето, особено работењето преку интернет кое е се повеќе застапено во економските активности на приватните субјекти, налага ваквите договори да бидат се почести и системски препознаени и уредени. Ова е предизвик за секоја држава и на овие моменти се посветува посебно внимание при изготвувањето и носењето на новите законски решенија во рамки на новиот закон за работни односи чија подготовка е започната. Притоа ќе треба да се внимава ваквата форма да не предизвика намалување на правата на работниците и нивна прикриена експлоатација. (Тренчевска).

Како што беше најавено од Министерството за труд и социјална политика, новиот закон за работни односи треба да биде усвоен од страна на Собранието до крајот на годинава.

Но, на два месеца пред крајот на годината, нов закон за работни односи сѐ уште нема, а нема ниту нацрт и предлог закон.

Во меѓувреме беа донесени нови измени на постоечкиот Закон за работи односи, кои Собранието ги изгласа на 26 јуни годинава.

Според достапните податоци,  сѐ уште не е донесен нов Закон за работни односи, иако СДСМ планираше дека тој ќе биде донесен за период од шест месеци по изборот на Владата. Така што,  изборното ветување на СДСМ дека ќе донесе нов закон за работни односи посветен на обезбедување вистинска заштита за работниците и дека со него ќе се воспостави регистар за прекувремени работни часови во УЈП, дека колективните договори ќе станат задолжителни за сите правни субјекти со над 20 вработени, а синдикатите ќе можат да се регистрираат само во Централен регистер, не е исполнето.

 

ИЗВОРИ:

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија. Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Фондацијата Отворено општество – Македонија.

Оставете реакција